Клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид, отворен со протест
Во Охрид беше отворен вториот бугарски клуб во земјава кој го носи името „Цар Борис Трети“, под силно полициско обезбедување
Здружението на граѓани „Цар Борис Трети“ е формирано лани во ноември, а на 7 октомври отвори свој клуб, сместен на првиот кат во трговскиот центар Амам во Охрид.
Освен полиците со бугарски книги, во просторот од 25 квадрати има и навивачки шал и дрес, фотографии од дејците на ВМРО, икони од Свети Климент и Наум, за кои има препораки од историската комисија за заедничко чествување.
Клубот го носи името на бугарскиот цар за време на Втората светска војна, кога Бугарија е дел од оската со Нацистичка Германија и Фашистичка Италија.
Еврејската заедница на Македонија најави и кривична пријава за името на овој културен центар и реагираше дека е згрозена заради „величање на фашизмот и ширење на говор на омраза“.
Левица повика на протест пред клубот, поради, како што велат, „отворањето на контроверзното здружение именувано по фашистичкиот државник, слуга на Хитлер и борец против македонизмот „Цар Борис III“. На масовност на протестот повика и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Министерството за надворешни работи на Македонија пред отворањето на клубот и повиците за протест против него, апелираше до сите граѓани, политички и неполитички групации за зрело и достоинствено однесување, втемелено врз почитта кон правото на сите граѓани, без разлика на својата етничка припадност, да ја остваруваат својата уставно загарантирана слобода на здружување и за слободно изразување на својот став.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи во изјава за медиумите денеска од Охрид порача дека ова е „неприфатлив историски ревизионизам и повеќе од сериозна провокација“.
Фотографија од протестот против отворањето на клубот во Охрид
Пред три дена се конституираше советодавното тело што треба да дава мислење околу карактерот на историските личности кои треба да бидат составен дел од името на некое здружение или фондација, со цел да се избегне злоупотреба на одредени личности кои имаат негативен контекст низ различни епохи.
Министерот за правда Никола Тупанчевски на прашањето дали ќе се дозволи да се отвори клубот во Охрид без став од советодавното тело, рече дека најавите се такви, но како Министерство немаат никакви ингеренции, бидејќи тоа е владина комисија.
Фотографија од протестот против отворањето на клубот во Охрид