Сонце и температури до дваесеттиот степен. Расцветани дрвја, штркови во февруари, раззеленети паркови. Иако календарски пролетта уште не пристигнала, се чини дека во Македонија таа веќе некое време е присутна.
Пензионерката Вера Христова целиот свој живот го поминала во родното Скопје. Вели дека не памети толку топла зима како годинaшната.
„Немам поим што се случува. Јас сум дете на Водно каде што имало многу снег и каде што сме се санкале и по цели денови не сме се вртеле дома. А сега овие деца ни снег видоа, ни ништо. Ова е ненормално, февруари, март да нема снег за мене е ненормално“, раскажува Христова.
Во еден од парковите во центарот на градот го сретнавме скопјанецот Мирослав Симоновски. Големите температурни разлики ги чувствува на здравјето, а се плаши дека последиците ќе се почувствуваат и во други сегменти.
„Порано се сеќавам дека постоеја и се уште постојат четири годишни времиња. И се знаеше кога е пролет, лето, есен, зима. А сега во последно време ми се чини дека нема ограничување, туку дека од зима се оди во лето. Нормално е дека тоа има последици за здравјето, штом дојде до некоја промена веднаш ме болат, коски, глава и ако си со некоја болест како дијабетис, притисок, тоа се чувствува“, вели Симоновски.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Но, иако топлата зима ги израдува граѓаните, кои пак оваа грејна сезона успеаја да заштедат на сметките за греење токму поради повисоките температури, земјоделците и научниците се загрижени за температурните екстреми.
Имер Исмаили кој одгледува костени вели дека климатските промени предизвикуваат сушење на дрвата и дека ако така се продолжи за неколку години нема да има костени тука.
„Од 41 дрво, 39 се исушиле, огромни дрва. Страшно нешто се случува. Вака како што стојат работите, костенот за едно десеттина година ќе го снема од Македонија“, загрижен е Исмаили.
И Тони Богески, одгледувач на тутун и лешници од Крушево ги има истите грижи.
„Ова време треба да биде малку постудено, за да ни останат растенијата да почнат да се активираат. Еве почнуваат да цветат сливи, ако стегне мраз до крајот на март, отиде цел род од дрвјата,“ вели Богески.
Видете и ова: Штркови во февруари, прерано цветање - какви опасности носи претоплата зимаСтручната јавност смета дека отсуството на снег и големите сушни периоди можат да го нарушат природниот баланс. Професорот Ивица Милевски од Институтот по географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје забележува дека глобално затоплување се одразува и на овие простори, но досега не било толку изразено во зимските периоди.
„Доколку нема посериозни врнежи кон крајот на пролетта, прашање е како ќе се снаоѓаме и каква ќе биде состојбата со водоснабдувањето. Другата работа е што постудениот зимски период има свое значење за здравјето на растенија, животни и човекот, за да се одржува природниот баланс, сето тоа е нарушено. Со недостиг на ниски температури некои паразити не се уништуваат, односно нивниот број драстично се зголемува и предизвикува низа проблеми“, вели професорот Милевски.
Веќе неколку години Центарот за климатски промени работи на проекти поврзани со ублажување на последиците од климатските промени. Претседателката на Центарот, Бојана Станојевска-Пецуровска објаснува дека климатските промени се очекувани, но дека поинтензивно ги чувствуваме поради зголемената индустријализација и употребата на фосилните горива, како и големата употреба на јаглен при производството на електрична енергија итн.
Таа предупредува дека неколку сектори ќе бидат особено погодени од температурните разлики.
„Како резултат на зголемените просечни температури се очекува да се намали и количеството на подземните води кои се директно одговорни за снабдување со вода за пиење, меѓутоа и количеството на површински води, во реките, во езерата гледаме дека секоја година е се понизок водостојот. Здравството е исто така сектор којшто е погоден и во којшто во иднина државата може да вложува“, вели Станојевска - Пецуровска.
Климатските промени ги менуваат животните циклуси на растенијата
Од зима во лето. Драстичен пад или пораст на температурата преку ноќ. Какви последици ќе имаат долгите сушни периоди или поројните дождови на земјоделските производи, ќе јадеме ли само оранжериско овошје и зеленчук, се прашања што ги мачат граѓаните.
„Овие промени влијаат на растителниот и животинскиот свет, а претпоставувам дека веќе има промени. Гледаме дека нешто се случува, а бидејќи ние како човечки род сме поминале многу, ќе се навикнеме, ќе се навикнеме и на ова, иако не чини“, вели граѓанинот Онур Саит.
„Човекот по природа се прилагодува, мутира ама тешко е...Е сега голем е проблемот ако во мај или јуни биде ладно, и тоа е возможно, така да се е испобркано. Ако сега расцветаа овошките, што ќе се случи подоцна, дали ќе ги фати мраз и што ќе биде со храната подоцна, дали секогаш ќе мора да јадеме храна во оранжерии“, се прашува скопјанката Лидија Пеева.
Биологот Кирил Арсовски-Пржо појаснува како ваквите необично топли зими ги менуваат животните циклуси на растенијата. Оваа суша, во оваа климатска област, знае да доведе до големи поплави, а сето тоа би резултирало со „катастрофална или многу намалена реколта на земјоделските површини“, особено на културите што се одгледуваат на отворено, предупредува Арсовски.
„Во основа вакви топли зими водат до промена на животните циклуси на растенијата, па доаѓа до прерано цветање, прерано формирање плодови, прерано загревање на почвата. Исто така се случува прерано будење на инсектите, а се уште нема доволно храна во форма на растенија кои се во цвет или во плод, се прекршува ритамот на животните кои презимуваат, особено на големите цицачи па тие предвремено излегуваат од т.н. хибернација или се стекнуваат без доволно храна во шумските системи. Сите овие аспекти ги менуваат екосистеми од сите можни аспекти“, вели Арсовски.
Дел од проблемите би требало да се надминат со нов Закон за климатска акција, кој се очекуваше да биде готов лани, но се уште не е донесен. Исто така, иако со години се најавува, сѐ уште не е донесен ниту националниот план за адаптација на климатските промени.
„Ние немаме план како да се справиме со ефектите од климатските промени и тоа во неколку клучни сектори. Еве во земјоделството на пример. Тоа е сектор кој значи храна и значително допринесува за БДП-то по глава на жител во Македонија. Освен во секторот здравство потребно е да посветуваме и поголемо внимание на секторот цивилна заштита, односно на локално ниво државата треба да гради капацитети за рана превенција и соодветен одговор при временски непогоди, вели Станојевска-Пецуровска.
Екологистите велат дека она што на долг рок може да се направи е да се придржуваме на правилата за зелена економија, односно продуцирање помалку стакленички гасови, потоа преземање превентивни мерки како што се навремена изградба на соодветни акумулации, како и пошумување на оголените шумски подрачја.
Видете и ова: Што најновата наука на ОН кажува за климатските промени?Плажите во Шпанија полни, во Велика Британија снежна бура
Климатските промени и температурните екстреми ги чувствува и најстариот континент. Европа поминува низ втората најтопла зима од почетокот на мерењата пред 44 години, објави Службата за мониторинг на климата на ЕУ, додека посуви од просечните услови се забележани во големи делови од западна и југоисточна Европа, како и во руските региони.
Необично топлото време ја погоди Шпанија која изминатиот викенд собори рекорди, објави шпанската метеоролошка агенција. Температурите стигнаа до 30 степени Целзиусови и ги наполнија плажите на Палма де Мајорка. Локалното население е загрижено за влијанието на климатските промени.
„Премногу е топло, не ми се допаѓа оваа пролет, мислам дека тоа не ни е потребно, страшна е за планетата и за сите“...
„Не ми се допаѓа оваа топлина, воопшто не врнеше, не ми се допаѓа ова“...
„Ми се допаѓа, одлично време е за одење под сенка, сонцето е веќе силно, како да гори. Мислам дека е одлично”... велат анкетираните граѓани.
Во јужниот дел на Малага, туристи ја посетија плажата Малакета бидејќи температурата достигна до 26 степени. Оние кои доаѓаат од постудените градови велат дека им годи невообичаено топлата пролет, иако дел од нив признаваат дека мора да се грижиме повеќе за климата.
Времето е навистина добро. Знаете, ние сме од Централна Европа, од Словачка и таму постојано имаме дожд. Значи, убаво е да се биде некаде каде што има повеќе сонце и е топло. Знам дека не е типично за месеците или за сезоната, но убаво е времето. Мораме да се грижиме за климата. Климата се менува. Летото е потопло, а зимата е постудена. Затоа, мораме да се грижиме и да направиме нешто за тоа“, вели Јозер Котлеба турист од Словачка.
Дела Џевонс е туристка која во Шпанија дошла од Обединетото Кралство. Таа ужива во топлото време, но вели дека температурните разлики не се добри за никој.
„Нема споредба. Значи, нашата земја во моментов е многу студена. За да летаме овде истругаа мраз од крилата на авионот. Доцневме да стигнеме овде. Дојдовме овде вчера и беше многу тешко да се спакуваме. Не знаевме што да правиме од студено на топло време. Така што е многу тешко“, вели Џевонс.
„Денес е многу топло, но одлично е затоа што врне во Сан Себастијан и овде се чувствува како лето и уживаме. Еден мој пријател отиде таму, одлично се забавуваме. Следната недела заминуваме и ќе видиме дали времето таму е одлично како сега овде. Препорачувам луѓето да дојдат, бидејќи ова е прекрасно“, вели жителка на Сан Себастијан.
И додека делови од Европа се под топлотен бран, Велика Британија се бори со снежна бура. Истата што претходно ги зафати Соединетите Држави и Канада. Температурите таму се во сериозен пад во последните неколку дена. Она што е особено загрижувачко е што метеоролозите не се сигурни во нивните проценки и не можат да гарантираат дека овој леден бран нема да се прошири во остатокот од Европа.
На глобално ниво, 2022 била петтата најжешка регистрирана година досега, додека последните осум години биле најжешките години некогаш регистрирани, соопштија од Сервисот за климатска промена при ЕУ „Коперник“. Просечната глобална температура во 2022 била за 1, 2 Целзиусови степени повисока за разлика од просечната температура во последните педесетина години.