Катастрофална година за работничките права

Илустрација, Посета на фабрики во рамки на проект за привлекување на млади во текстилната индустрија

Илјадници семејства изгубија приходи, работници болни од коронавирус одеа на работа, вработени добиваа помали плати се дел од прекршувањата на работничките права кои со себе ги донесе пандемијата од ковид-19.

Изгубено работно место, заболени од коронавирус кои наместо дома да се лекуваат работат одат на работа и ги ставаат во ризик колегите поради страв од отказ, потоа наводни „спогодбени откази “кои немаат никаква врска со спогодба, како и бланко откази, непродолжување договори, исплата на плата помала од минималната загарантирана, непочитување на протоколи за здравствена заштита. Ова се во најголем дел прекршувањата на кои се жалеле во изминатата година работниците до невладините организации кои се грижат за работничките права како и до државниот инспекторат за труд. Според податоците од агенцијата за вработување, над 16 илјади вработени биле одјавени, односно им бил прекинат работниот однос по 11 март, откако беше прогласена епидемијата со ковид-19.

Од невладината „Гласен текстилец“ од Штип пак, велат дека до нив пристигнувале и пријави дека во фирмите работници заболени со ковид-19 биле принудени да работат. Кристина Ампева од оваа организација вели дека на дел од заболените работници им било страв да ги кажат контактите, во некои фирми, пак, работодавачот им наложил на заболените вработени да не ги кажуваат контактите за да не му се испраќаат другите работници во изолација.
„ Не го кажуваа тоа јавно бидејќи се срамеа и се плашеа, но нивните колешки пријавуваа затоа што и тие се плашеа за своето здравје. Тоа беше затоа што боледувањата не им се платени, или пак се плашеа дека ќе им биде откажан договорот за нивното вработување“ вели Ампева од „Гласен текстилец.“

Видете и ова: Ковидот ги зголеми поплаките за работнички права

До државниот инспекторат од почетокот на пандемијата, односно од 18 март до 18 декември минатата година пристигнале 5594 пријави од кои 3585 пријави се однесуваат за непочитување на мерките донесени од страна на Владата со цел спречување и ширење на вирусот и 2009 пријави кои се однесуваат за информирање на граѓаните.

„Најчестите пријави се однесуваат по основ на непочитување на правото за отсуство на родител со дете до 10 години и тоа 623 пријави, непочитување на правото на отсуство поради хронични болести - 876 пријави, непочитување на правото согласно Закон за работните односи и Законот за безбедност и здравје при работа - 2086 пријави“ е наведно во одговорот од Државниот трудов инспекторат.

Уранија Пировска од Хелсиншки комитет вели дека изминатата година евидентирале рекорд во пријави на прекршување на работничките права што се должи на пандемијата. До Хелсиншкиот комитет пристигнале стотици пријави кои опфаќаат прекршување на работнички права на 3300 работници, од кои најголемиот дел од пријавите биле доставени во првите шест недели од пандемијата.
„Веднаш по започнување на кризата, се соочивме со преставки кои се однесуваа на масовни отпуштања на работници, откажувања на нивните договори за вработување, онаму каде што можеа работодавачите влијаеа работниците принудно – но „спогодбено “ да го прекинат работниот однос, се трудеа да го заобиколат законот “ вели Пировска.

Ампева изминатава година ја опишува како катастрофална во споредба со претходните посочувајќи дека состојбата со работничките права со пандемијата е уназадена за пет години, повторно има страв кај работниците да си ги бараат правата затоа што стравуваат за својата егзистенција.

Видете и ова: Шивачка стана опасна професија во време на коронавирус


„ Катастрофална, немам друг збор. Таман почнаа работниците некако од 2017 година навака да пријавуваат проблеми, таман почна зголемување на минимална плата, таман почна соработка со државни институции во делот почитување на работничките права, таман почна зголемени пријави и барања од работници да им изготвиме приговори и барања до работодавачите за исполнување на права од работните односи како годинишни одмори и слично кои претходно беа табу тема, сега се случи оваа корона криза која не врати многу години назад, некои четири до пет години назад во борбата за подобрување на работничките права“ вели Ампева.

Според неа, ваквата состојба ја предизвикаат владините препораки кои не беа обрзувачки за работодавците, затоа што како што вели, до март работниците биле подготвени со име и презиме да пријавуваат проблеми при работа, но по препораките од властите кои реално не ги заштитија стравот за егзистенцијата си го направи своето.
Пировска пак, изминатава година за работниците ја опишува како многу полоша од претходните.

„Никогаш досега не сме соочиле со такви масовни отпуштања на работници како во првите шест недели од почетокот на кризата, никогаш досега не се случул толку висок процент на отпуштања но и намалување на нивните плати и заобиколување на законот и принудување на работниците да потпишат спогодбени откази, со толкав процент на случаи од таков карактер досега не сме соочиле“ вели таа.

Во меѓувреме, работничка минатиот месец ја доби и првата кривична пресуда за кршење на работничките права за време на корона-кризата Станува збор за работничка од приватен сектор од Куманово, која останала без работа за време на корона-кризата бидејќи ја користела владината мерка за ослободување од работа на бремените жени.

Од Државниот инспекторат за труд велат дека при извршените 29.547 инспекциски контроли од јануари до декември донеле вкупно 5.307 решенија за утврдени неправилности. Од нив најчести прекршоци се однесуваат за исплата на плати и додатоци на плата, откази на договорите за вработување, неводење на евиденција на работното време, прекршоци согласно Законот за безбедност и здравје при работа, не се организирани лекарски прегледи за вработените, обуки за безбедност и здравје при работа. Државниот трудов инспекторат издал издадени се 175 прекршочни платни налози од кои 15 се однесуваат за непочитување на Протоколот 1 за превентивни мерки за сите работни места потоа поднесени се 50 барања за поведување на прекршочна постапка и 11 кривични пријави.