Кампањата почна, диазепамите спремни

Спотот со свитканата кичма на ВМРО-ДПМНЕ предизвика остри реакции на социјалните мрежи. ДУИ објави дека Насер Зибери е нивниот кандидат за премиер. СДСМ, пак, одат со стандардни пораки за сработеното и ветувањата. Дел од граѓаните препорачуваат самоизолација додека да помине кампањата.

Кампањата за предвремените парламентарните избори почна, односно продолжи по одложување поради пандемијата на коронавирус. На 20 дена до изборите партиите почнаа „под полн гас“.

Најголеми реакции предизвика новиот предизборен спот на ВМРО-ДПМНЕ за свитканата кичма.

Голем дел од реакциите се дека спотот е навредлив за лицата со хендикеп, дека има лоша режија и сценарио, луѓето ги смета за идиоти и го покажува месијанскиот комплекс на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Од друга страна, други потсетуваат дека слични реакции имаше и за предизборните спотови на партијата на српскиот претседател Александар Вучиќ, која минатата недела убедливо победи на изборите во Србија. Пораките се јасни и имаат прецизна таргет група на луѓе. Нема да го носат на филмски фестивали, туку треба да убедат луѓе да гласаат за нив или барем да не гласаат за нивните противници реагираат други.

Спотот сепак ја поттикна креативноста, па се појавија бројни монтажи. Делува шашаво, ама функционира.

Други, пак, ги асоцира на делот кога зомбијата стануваат од спотот за песната Трилер на Мајкл Џексон.

Некои, пак, иронизираат во спотовите да има и дете што јаде сладолед или манекен со двоцевка.

ДУИ, пак, во меѓувреме го соопшти името на нивниот кандидат за премиер-Албанец: поранешниот пратеник од ПДП, Насер Зибери и продолжува со нивната кампања „Зошто да не?“ или на албански „Pse jo“.

Дел од медиумите потсетија на претходните изјави на Зибери дека изјавата за премиер Албанец не е атрактивна, за само неколку дена подоцна да објави дека токму тој е кандидатот.

Некои се потсетија на старите скечеви на К-15 од 90-тите, кога се шегуваа со тогаш младиот пратеник Зибери.

Други, пак, прашуваат како планира ДУИ да има премиер на сите граѓани без македонско знаме на митинзите и без кампања на македонски јазик.

Владејачката СДСМ, пак засега се одлучи на класична кампања со која го нагласува сработеното и зборува за идните планови.

Во меѓувреме е-маил сандачињата на новинарите се полни со информации за промотивните кампањи на партиите.

Сепак, се чини дека надвор од партиските табори најбројни се оние кои би одбрале уште една самоизолација додека да помине кампањата. Или барем апчиња за смирување.

Барем засега, кампањата во Македонија се чини понеинтересна од неодамна завршената кај нашите северни соседи.