Каматите стигнаа за наплата

Пари, денари

Граѓаните кои ја искористија мерката за одложување на ратите, од месецов ќе мора да продолжат со редовното плаќање на обврските и долговите. Со стартот на редовното плаќање ќе им стигне и повисока рата. Евентуално ново одложување на ратите би имало само за најзагрозените во државата.

Од овој месец нема веќе одложување на ратите за кредити, што како мерка беше воведена лани, поради негативните ефекти на пандемијата врз економијата. Банките лани во два наврати на по шест месеци овозможија граѓаните погодени од ковид-кризата да може да склучат договор за одложено плаќање на ратите. Од април, оние што ја искористиле мерката за одложување на ратите, ќе мора да продолжат со редовното плаќање на обврските, а со стартот на редовното плаќање ќе им стигне и повисока рата, оти ќе треба да ги плаќаат и каматите за оние месеци за кои им беше замрзнато плаќањето на ратите.

Семејството Цветковски се едни од оние кој ја искористиле можноста што ја донесе Владата за одложување на плаќање на ратата, како дел од мерките за надминување на последиците од корона-кризата.

„Се договоривме дома да одложиме еден кредит, а другиот да продолжиме да го плаќаме. По завршување на тие шест месеци ратата за кредитот ми беше зголемена за 200 денари“, вели Симона Цветковска.

За кредитот што го одложиле, тие плаќале по 7000 денари месечна рата.

На почетокот на пандемијата на коронаврусот, кога поради рестриктивните мерки и ограничувањето на движењето повеќе страдаше економијата, Владата донесе мерка со која се уредува одложување на исплатата на ратите и други поволности со коишто ќе им го олеснат сервисирањето на кредитите за време на корона-кризата. Лани банките ја одложија отплата на кредитите од 1 април до 30 септември и потоа од 1 октомври 2020 година заклучно со 31 март 2021 година.

Видете и ова: Криза - богатите побогати, сиромашните посиромашни


Цветковски ја искористиле првата мерка за одложување на плаќањето на ратите во периодот од март до септември. Мерката ја искористиле дури 70 отсто до клиентите во банките. За второто одложување, пак, имаше поостри критериуми, важеше само за граѓаните кои се нашле во тешка финансиска ситуација и ја изгубиле работата, а тоа требаше да го докажат пред својата банка и да склучат посебен договор. Таа мерка ја искористиле само 7,4 отсто од клиентите.

Според податоците на Народна банка, банките лани од каматите на граѓаните инкасирале 168 милиони евра, од компаниите, пак, наплатиле 101 милиони евра, а 15 милиони евра се слеале од каматите на државните хартии од вредност.
Засега нема најавено ново одложување, односно замрзнување на ратите, иако економската состојба во државата сè уште не е стабилна, а на сила се и нови рестриктивни мерки со кои одредени сектори нема да работат, а дел ќе работат со скратено работно време поради полицискиот час, кој почнува во 20 часот.

Гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска – Бежовска пред една недела за телевизија Алсат рече дека евентуално ново одложување на ратите би имало само за најзагрозените во државата.

Економскиот аналитичар Арбен Халили вели дека на граѓаните им треба помош и власта треба да изнајде начин како да им ја пружи, оти како што вели, прашање е колку граѓаните се во состојба да си ги исполнат своите обврски кон банките.

„Што е сменето и за граѓаните и за фирмите во споредба од пред една година? За жал, сега може да тврдам дека состојбата е можеби и потешка. Не гледам дека е нешто подобрено да за се прекине таа мерка. Јас би предложил таа да се продолжи барем до крајот на годината или додека не се подобри економската состојба“, вели Халили.

Видете и ова: Капиталните инвестиции со низок старт

Професорот по економија Зоран Ивановски, пак, вели дека државата не може да помага до недоглед, иако враќањето на економијата на нивото пред кризата сè уште е под голем знак прашалник.

„Свесни сме дека фискалниот капацитет на државата не е семоќен и она што паралелно се случува со оваа ситуација е значителен раст на јавниот долг. Оттука не гледам многу простор дека државата може многу нешто да помогне во овој дел со кредитите. Останува на граѓаните индивидуално, иновативно и на кој било начин да изнајдат и да обезбедат повеќе средства за да може да ги сервисираат обврските“, вели професор Ивановски.

Симона Цветковска вели дека не би прифатила повторно одложување на отплата на кредит.

„Искрено не би прифатила повторно одложување. Од оваа гледна точка би си плаќала редовно. Реално 200 денари плус на рата не е многу, но се собира“, вели таа.

Граѓаните должни милијарда и пол евра за потрошувачки кредити

Одредени банки денови испратиле известување дека се воведува нов начин на утврдување на нефункционалните кредити. Пред овие измени, уредноста на отплатата кај еден клиент се следеше одделно, по користен продукт, а со измената ќе се следи вкупниот износ, односно збир на сите кредити кои ги користи клиентот. За нефункционална кредитна изложеност ќе се смета доспеан долг повеќе од 90 дена, а вкупниот износ на доспеани обврски треба да е поголем од 100 евра во денарска противвредност и да надминува еден отсто од целокупната искористена кредитна изложеност.

Тоа ќе значи дека доколку граѓанинот има нефункционална кредитна изложеност на еден кредитен продукт, ќе значи дека има нефункционална кредитна изложеност на сите кредитни продукти во банката.