Калина Малеска со четврта збирка раскази - „Скопје во високата зона“

Калина Малеска

„Скопје во високата зона“ е насловена четвртата збирка раскази на Калина Малеска, што како ново издание во популарната едиција „ПРОаЗА“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ излезе од печат деновиве. За книгата ќе биде забележано дека претставува еден вид скопски прозен „времеплов“.

„Читателот посакува да се нурне во кујната на Калина и да ја пронајде онаа суштествена состојка која го дава неодолливиот вкус на збирката: нејзиниот несомнен урбан сензибилитет, шармантните лингвистички игри и инвентивните раскажувачки експерименти, непретенциозната и спонтана нарација која ги проникнува реалното и фиктивното, постапката на „очуднување“ на стварноста, критичката визура на некои актуелни „теми и дилеми“...“.

Ова меѓу другото во својата рецензија за „Скопје во високата зона“, четвртата збирка раскази на Калина Малеска, што како ново издание во популарната едиција „ПРОаЗА“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ од печат излезе деновиве, ќе го забележи професорката, книжевна критичарка и теоретичарка Лидија Капушевска-Дракулевска.

Нејзиниот колега и писател Владимир Мартиновски, пак, во своето писание по истиот повод потенцира дека „Малеска создала еден вид скопски прозен времеплов, во кој низ фикционална призма читателите можат да ги следат не само трансформациите на урбаниот простор, ами и промените на навиките, сфаќањата, меѓучовечките односи, менталитетите, вредносните системи и светогледите на скопјани низ вековите“.

И, по ова само уште појаснувањето дека „Скопје во високата зона“ новата прозна објава на Калина Малеска се состои од раскази кои, низ четири циклуси, сосредоточени на различни визии што временски и просторно се шират во и околу Скопје. Дека тие истражуваат различни потенцијални начини на постоење и доживување на искуствата, како можност за трансформирање на постоечките перспективи и светогледи. Конечно, разнородни по структурата и наративните методи, расказите всушност содржат утописки, дистописки елементи, реинтерпретација на постоечки бајки, лични доживувања, како и слики на специфични моменти од животот.

Збирката се создаваше постепено, па дури при крај на процесот одеднаш стана авантура. Ова се раскази селектирани од расказите што сум ги пишувала во изминатите четири-пет години на различни теми, во различни расположенија, и до пред една година сè уште не размислував за збирка. Лани во некој момент, препрочитувајќи неколку раскази, сфатив дека имам доволно раскази од кои можам да селектирам одреден број и тие да формираат збирка која ќе содржи некој заеднички лајтмотив. Тој лајтмотив беше Скопје, каде што се случуваат повеќето раскази. Дури и оние чие дејство се одвива на друго место, а има неколку такви, се на некаков начин поврзани со Скопје, вели Калина Малеска.

Таа и со дополна дека дури „тогаш почнала вистинската авантура“.

И тогаш почна авантурата, кога решив поинтензивно да го обмислам концептот на збирката. Некако логично дојде да ги издвојам оние кои се сместени во поблиска иднина од оние кои се случуваат во сегашноста. Исто така ги издвоив и оние кои се преобмислување на некои балкански сказни и кои, освен со тој елемент, некако се поврзаа со уште еден современ расказ преку една друга карактеристика, како примери за поинакви од вообичаените модели на блискост. Посебно ги издвоив и миркорасказите, како посебен жанр со голем потенцијал да пренесува различни слики и идеи.

Родена 1975 година во Скопје, Калина Малеска е македонска писателка, преведувачка, книжевна теоретичарка и професорка. Таа е авторка на четири збирки раскази: Недоразбирања (Македонска книга, 1998), Именување на инсектот (Слово, 2008), „Мојот непријател Итар Пејо“ (Или-Или, 2016) и актуелната „Скопје во високата зона“ ( повторно за истиот издавач Или-Или 2021). Тука се и романите „Бруно и боите“ (Слово, 2006) и „Призраци со срмени нишки“ (Слово, 2014), драмата „Случка меѓу настани: Хипатија од Александрија“ (Слово, 2010), книгата за деца „Арно ама“ (Или-Или, 2018) и книжевната студија „Облици на моќ во современата книжевност“ (Или-Или, 2020).

Инаку, Малеска предава англиска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје, а нејзини статии поврзани за книжевни истражувања се објавени во домашни и меѓународни списанија. Кон ова само уште и информацијата дека Калина се занимава и со книжевни преводи, а некои од делата што ги превела се: романот „Тристрам Шенди“ од Лоренс Стерн, раскази од Амброуз Бирс, „Волшебникот од Оз“ од Л. Френк Баум...