Скопската депонија Дрисла добила дозвола за третман на десетици видови опасен отпад за кој немала ниту услови, ниту технологија. Според податоците до кои дојде Радио Слободна Европа, неколку институции знаеле за изработката на дозволата со која било овозможено складирање и третирање на илјадници килограми опасен отпад што можел да содржи жива, киселини, бази, пестициди и други опасни материи. Дрисла со месеци го примала опасниот отпад и го согорувала без да има соодветна опрема, ниту инсталации за негова преработка.
Но добила А – Интегрираната еколошка дозвола во 2021 година изработена во Министерството за животна средина и просторно планирање. Со неа било овозможено Дрисла да потпишува договори со фирми за отстранување и третман на 22 различни видови на опасен отпад. За изработката на дозволата тогаш знаеле сите, и Државниот инспекторат за животна средина, и Град Скопје и општина Студеничани.
Дрисла, чие управување пред три години беше вратено на Град Скопје, од февруари до август 2021 година го третирала овој опасен отпад, кога е донесено решението за забрана од Државниот инспекторат за животна средина.
Од фирмите со кои склучила договори, Дрисла примила 16.900 килограми опасен отпад и направила профит од 455.000 денари, или околу 7000 евра. Оваа количина и сума ја утврди Управата за финансиска полиција која поднесе кривична пријава против „раководен државен службеник“ во Министерството за животна средина и просторно планирање, кого го терети дека лично ја изработил и одобрил дозволата и со тоа ја злоупотребил службената положба.
Опасниот отпад, којшто се третирал овој период во Дрисла, најчесто доаѓа од индустријата. Како што појаснува, професорот Трајче Стафилов од Институтот на хемија на Природно – математичкиот факултет во Скопје, генерално постојат повеќе начини за третирање, депонирање и уништување на опасен отпад во депониите, но според него најважно е да постојат соодветни услови.
„Бидејќи, сепак, опасниот отпад значи опасност по животната средина и здравјето на луѓето и живиот свет“, вели Стафилов.
Радио Слободна Европа ги анализираше податоците од А- интегрираната еколошка дозвола на Дрисла во спорниот период, како и измените на дозволата. Според податоците, со проблематичните 22 шифри се дозволило депонијата шест месеци да добива и третира отпад со жива, киселини, бази, пестициди, флуоресцентни ламби, дрво и детергенти кои содржат опасни супстанци.
Меѓу нив се и лепила и смоли, растворувачи и метални пакувања, азбест. Депонијата можела да добива и третира опасен отпад и од типот на средства за заштита на дрво, силикони, неоргански средства за заштита на растенија, биоциди, искористен активен јаглен...
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Од Дрисла не одговорија на прашањата на РСЕ на кој начин отпадот бил отстрануван и третиран, дали и колкави количини биле согорени, кои точно отровни материи содржел, ниту пак со колку фирми биле склучени договори.
Ама затоа, пак, од Министерството за животна средина и просторно планирање се се сигурни дека ваквиот отпад завршил во печката на Дрисла. Во одговор за Радио Слободна Европа, од Министерството посочуваат дека за случајот морало да се земе предвид оти Дрисла била единствена инсталација во Македонија која исполнува некакви стандарди за депонирање.
„Во истата овие видови на отпад не се депонираат, туку се спалуваат во печка која, иако е со постара технологија, сепак е единствена во државата и овозможува некаква контрола за третирање на тој вид на отпад за кој не постои алтернатива за одложување“, велат од Министерството.
Што сега смее да третира Дрисла?
Во Дрисла се депонира комунален, но и опасен отпад за кои надлежните во изработката на дозволата ќе утврдат дека постојат услови за тоа.
Зборувајќи за практиките во Европа, професор Стафилов вели дека опасниот отпад не секогаш се третира или елиминира со спалување, туку дека тоа може да се прави и на други начини.
„Европската унија има директива за изградба на депонии за опасен отпад, каде тој може да се складира, но да биде заштитен и да не влијае на околината. Има опис како тоа треба да изгледа, ние немаме. Во некои европски земји има такви депонии за складирање. Има различни начини и пристапи на чување и складирање и уништување на опасен отпад. Ако се на пример неоргански киселини, не можеш да ги спалиш, тие се неутрализираат и потоа се испуштаат во реки, во води“, вели Стафилов.
Видете и ова: Бројките на пријавен и согорен медицински отпад не се совпаѓаатДрисла има дозвола за третирање и на медицински отпад. Тој се согоруваше во печката на Дрисла. Сега во дозволата е наведено дека медицинскиот отпад се третира во посебна постројка за опасен отпад со стерилизатор.
Според податоците од дозволата, од 2017 до 2021 година по околу милион килограми медицински отпад годишно бил примен и согорен во Дрисла, што е двојно или тројно повеќе во однос на количините кои се третирале до 2012 година.
Како Дрисла ја добила дозволата?
А – интегрираната еколошка дозвола на Дрисла со спорните 22 шифри за третман на опасен отпад е издадена во февруари 2021 година. Во постапката за изработката на Дозволата биле вклучени стручни лица од Управата за животна средина и Секторот за отпад; Секторот за животна средина; Секторот за индустриско загадување и управување со ризик при Министерството за животна средина и просторно планирање.
Процесот главно се води во Секторот за индустриско загадување и управување со ризик. По изработката на Дозволата, таа се праќа на одобрување и потпис кај директорот на Управата за животна средина, а финалниот потпис го става министерот за животна средина и просторно планирање. Тогаш кога се издава дозволата на Дрисла министер е актуелниот, Насер Нуредини. Законот предвидува пред издавањето на дозволата, да биде организирана јавна расправа во општината каде се наоѓа субјектот.
Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) иако не учествува во управната постапка, може да прави контроли дали Дрисла има услови за третман на опасниот отпад за кој ја бара дозволата. Инспекторатот може да прави надзор на работата на Управата за животна средина и на целата процедура и може да поднесе барање за измени на дозволата доколку смета дека состојбата во постројката не соодветствува со барањето за дозволата.
Во време кога се издава дозволата на Дрисла, Ана Петровска е в.д. директорка на Државниот инспекторат за животна средина. Петровска во разговора за Радио Слободна Европа, објаснува дека во случајот со Дрисла, А – Интегрираната еколошка дозвола била издадена по спроведен процес на преговори меѓу Дрисла и надлежните служби во Министерството за животна средина.
„ДИЖС може, но не мора да учествува на завршниот состанок пред издавање на дозволата. ДИЖС прифати да учествува со надлежни инспектори, за што има записник. На состанокот прашувавме за можноста на депонијата безбедно да се третираат видовите опасен отпад што се составен дел на дозволата и стручните служби од Дрисла нè уверуваа дека имаат такви можности“, вели Петровска.
Видете и ова: Македонија увезла над седум милиони тони отпад од БугаријаИ од Министерството за животна средина посочуваат дека Државниот инспекторат за животна средина е дел од постапката за издавање на дозволата како надлежен орган за вршење на надзор и контрола на кој му се доставува дозволата пред да биде конечна.
„Значи за издавање на Дозволата не одлучува лице, туку постои законска процедура како таа се изработува и се издава“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Град Скопје иако не е надлежен за издавање на овие дозволи, знаел дека се изработува дозволата на Дрисла. Градот го врати управувањето со Дрисла една година пред да биде издадена оваа дозвола, кога беше сменет и тогашниот директор Горан Ангелов.
Тогашниот градоначалник на Град Скопје Петре Шилегов ветуваше намалување на загадувањето од Дрисла, но токму за време на неговиот мандат Дрисла склучува договори за третман на овој опасен отпад.
Законот за животна средина предвидува дека градоначалникот на Град Скопје може да организира јавна расправа во врска со секое барање за А – Интегрирана еколошка дозвола и дека е должен да даде мислење за секое барање кое мора да му биде доставено.
Според законот, ако градоначалникот не достави мислење, се смета дека нема забелешки. Ова право го има и општина Студеничани каде е лоцирана депонијата Дрисла.
За Дрисла и претходно имаше обвинувања во јавноста дека гори опасен отпад и дека ги труе околните скопски населби и села. Откако во 2013 година по распишан меѓународен тендер од страна на градот, беше доделена на италијанската компанија ФЦЛ Амбиенте да ја расчисти и да ја развие депонијата.
Измени на дозволата и кривична пријава
Дозволата е изменета, по вонреден инспекциски надзор во Дрисла. Инспекторите констатирале дека во дозволата има 22 спорни шифри за опасен отпад, за кои депонијата не поседувала услови, како и дека не биле опишани постапките и отстранувањето на опасниот отпад за овие шифри. Инспекторатот тогаш носи решение за забрана за наведените 22 шифри и бара Дрисла да ги раскине договорите со фирмите кои шест месеци кај нив носеле ваков отпад.
Кривичната пријава Управата за финансиска полиција ја поднесува во декември 2022 година против „раководен државен службеник“ во Министерството за животна средина за кривично дело „загадување на животната средина и природата.