За пожарите кои секоја година избувнуваат на многу локации во Македонија, секојдневно се ангажирани пожарникари од сите противпожарни бригади во земјава кои користат опрема и возила стари и по неколку децении. Истовремено, критиките во јавноста се насочени кон функционерите кои возат нови службени автомобили, бидејќи се добива впечаток дека безбедноста на граѓаните не е приоритет.
Командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје Владимир Симоновски вели дека последното противпожарно возило кое било набавено со буџетски пари за бригадата на главниот град, е во 2005 година од страна на тогашниот градоначалник Трифун Костовски, а во 2007 година преку донација биле купени уште четири противпожарни возила.
„За другата опрема во интервентниот дел, не се набавени одела одамна, може да се каже 15 години. Тоа се одела за влегување во пожар, додека во однос на кадар последната група е примена некаде околку 2013-2014 година. Тоа се околу 30 луѓе што е мала бројка за процесот на стареење во бригадата. Последното примање во бригадата во Скопје е во јануари 2019 година кога влегуваат 19 луѓе“, вели Симоновски.
Тој посочува дека состојбата е аларматна во противпожарните бригади во помалите градови во Македонија, за што, како што вели, запознаени се премиерот и претседателот, но додава дека слично е и во некои од „носечките градови“ како Битола, Струмица, Тетово каде што, според Симоновкски, треба повеќе да се обрне внимание на нивно опремување и доопремување.
Видете и ова: Државата гори, наставниците штрајкуваат - Вие коментирате
Македонија има 220 противпожарни возила од кои 7 се постари од половина век според дата базата на Центарот за граѓански комуникации, како и три канадери за гасење пожари, а од друга страна критики во јавноста се насочени кон функционерите кои возат нови возила.
За причините зошто вака се поставени приоритетите во државата, директорот на Центарот за управување со кризи Агрон Буџаку во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела, вели дека за тоа реално треба да се согледаат „нашите финансиски можности.“
Според него, решенијата за модернизација на протипожарните единици треба да се бараат во рецентрализирање на протипожарните единици кои се во надлежност на локалната самоуправа, во една команда како што било во минатото или државата да обезбеди повеќе средства за општините, односно со законски измени за нив да се обезбеди поголем процент од ДДВ-то.
„Треба да има политичка волја, но исто така се надевам дека со подигнување на животниот стандард и на бруто-домашниот прозивод, ќе имаме средства да ги модернизираме и противпожарните единици“, вели Буџаку.
За Противпожарната бригада на Град Скопје има најави од градоначалникот Петре Шилегов дека ќе биде отворен оглас за нови 30 вработени, а најави има и за три нови противпожарни возила, како и една нова авто-маханичка скала.
Неодамна Центарот за управување со кризи најави дека ќе добие нова современа технологија со која ќе може во секој момент да знае каде е противпожарната едница, каде е колата на Брзата помош, каде е полицијата преку инсталирање на ГПС уреди.
Буџаку вели дека од декември следната година ЦУК ќе го имплементира единствениот број за повици за граѓаните 112, кој ќе биде во функција, преку кој граѓаните наместо одделно за одредена потреба да вртат во полиција, во прва помош, противпожарни единица, за овие услуги ќе можат да го повикуваат само овој број. Овој проект директорот на ЦУК вели дека е финансиран од Европската унија.