„Вкупно 12 лица се во изолација во своите домови, се чекаат резултати за еден сомнителен случај“ – ја пренесува Нова Македонија и другите електронски изданија на весниците изјавата на министерот за здравство, Венко Филипче. Во меѓувреме, весникот ја пренесе веста дека човекот не бил заразен со вирусот.
Видете и ова: Коронавирус - не паничите, следете ги релевантните препоракиРегионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге, кој престојуваше во Скопје изјави: „Македонија ги спроведува препораките на СЗО, нема потреба за паника“ – пренесе Нова Македонија, а порталот СДК.МК во наслов го пренесе и апелот на Клуге: „Ни се случува инфодемија, внимавајте како се информирате и третирајте ги заразените со коронавирусот со почит“.
Медиумите инаку се полни со информации во врска со мерките што ги презема Владата и другите надлежни институции за заштита на населението од вирусот и за намалување на опасноста од негово ширење во земјава. Нова Македонија и СДК.МК објавуваат: „Дополнително, односно, вонредно ќе се дезинфицираат автобусите на ЈСП по завршување на работниот ден“. СДК.МК ја пренесува и препораката на Владата вработените во администрација да не доаѓаат на работа ако биле во регионите со коронавирус.
Вечер со наслов: „Низ аптеките нема ни маски ни средства за дезинфекција, а немаат ни информација кога ќе ги добијат“, но подолу во текстот пишува дека Владата го задолжила Министерството за здравство итно да обезбеди доволна количина маски, ракавици, дезинфекциони средства и заштитни одела за институциите на системот на интегрирано менаџирање на границите на државава, како и дезинфекциони средства и сапун за училиштата и градинките. Слободен печат забележува дека „Паниката е позаразна од вирусот – во маркетите на ангро се купуваа намирници, брашно и масло...
Видете и ова: Она што нема да те убие ќе ти остави залихи од брашно, зејтин и конзервиНа социјалните мрежи врие од различни коментари и предлози како треба да се постапува“. Порталите Плусинфо и СДК.МК и Слободен печат информираат дека „Струмичкиот карневал се прекинува поради ризик од ширење на коронавирусот“. Порталот Курир.мк со критички наслов: „Власта потклекна уште првиот ден: На граѓаните за откажаните аранжмани агенциите ќе им земаат пенали, надлежните мува не ги лази“.
Порталот Република објавува дека во северна Италија „масовно се затвораат музеите“, а Плусинфо пишува: „Светскиот туризам ќе загуби 22 милијарди долари поради коронавирусот“. На порталот СДК.МК се чита и следново: „Коронавирусот полека се шири низ цела Европа – Германија очекува епидемија, пријавени се први случаи на заразени и во Данска, Норвешка, Финска, Романија, Грузија, Естонија, Хрватска“.
Друга тема што доминира во медиумите е потпишувањето Декларација за предизборна коалиција помеѓу СДСМ и Беса. Нова Македонија пренесува дека лидерите на двете партии, Зоран Заев и Биљал Касами изјавиле дека нивните партии ќе настапат со заедничка инклузивна предизборна програма.
Електронското издание на Нова Македонија ја објавува изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски: „Предизборно мали се шансите за коалицирање со албанска партија“, а Курир.мк со напад врз Заев во насловот: „Пред албанско знаме, Заев потпиша предизборен договор со Касами“. Слободен печат објавува колумна со наслов: „Заев и Касами испишуваат историја – уште еден чекор кон нормалноста, разбиено е уште едно табу, предрасудите надминати, стереотипите прегазени, за прв пат во историјата, партии од македонскиот и албанскиот политички блок склучуваат договор за предизборна коалиција и конечно се става крај на етничкиот концепт на функционирање на политичките партии во оваа земја“.