Барањето за референдум на граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ не помина во собраниските комисии поради неуредна документација.
Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска на седница заклучи дека иницијативата за распишување референдум за одлучување на државно ниво доставена преку граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ е неуредна зашто не е поднесена во форма предвидена во членовите 66 и 70 од Законот за референдум. Заклучокот ќе му биде доставен на претседателот на Собранието, а иницијаторите може повторно да поднесат барање во законодавниот дом.
„Потписите не се собрани пред овластена институција – подрачните единици на Министерството за правда, каде што во работно време треба да се потпишат и треба печат од институцијата. Тоа е процедурата – на таков начин треба да се соберат потписи. Кога ќе биде уредна иницијативата, треба да ја поднесат во Собрание и во рок од два дена Комисијата за политички систем и Законодавно-правната комисија треба да донесат одлука за уредноста. Доколку е уредно поднесена, постапката продолжува понатаму – двете комисии упатуваат извештај до претседателот на Собранието“, изјави пратеничката Соња Мираковска, претседателка на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.
Видете и ова: Борба против дигитализацијата или судир на идеологии?Појасни дека иницијативата потоа треба да се потврди со 10 000 потписи по што надлежните органи треба да распишат референдум на државно ниво.
Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ со овластениот претставник Драгана Спасевскa доставила иницијатива за референдум со околу 500 потписи. Иницијативата се залага против донесувањето на новиот Законот за учебници за основно и средно образование со кој меѓудругото се предвидува дигитализација на учебниците.
По заклучокот за неуредност на иницијативата, следен чекор на матичната комисија е да го информира претседателот на Собранието.
„Тој ќе ја отфрли како неуредна, а во исто време тие може да соберат веќе 100 потписи пред одделенијата на Министетството за правда и повторно да ја понесат во Собранието. Во рок од два дена ние ќе донесеме одлука ако уредно достават“', рече Мираковска.
Осумте барања на иницијативата се: - хартиените учебници да останат во употреба за сите одделенија во основното и средното образование, да се исклучи сеопфатно родово сензитивно образование за основците, етика на регилигиите да остане изборен предмет, да не се спојуваат два или повеќе предмети во еден, да се аргументира кратењето на фондот на часови по одредени предмети, да се создадат соодветни услови за инклузија на децата со попреченост, да се креираат протоколи за настава со физичко присуство во услови на пандемија и задолжително нивни претставници и од граѓанскиот сектор да учествуваат во работна група за измени во Законот.