За ублажување на климатските промени Македонија треба да примени политики и во индустрискиот сектор кој е значителен извор на емисии на стакленички гасови во атмосферата, покрај енергетскиот кој е на прво место. Земјата треба да направи напори за исполнување на обврските според ратификуваните меѓународни договори за климата.
Металната индустија е главен извор на емисиите на стакленички гасови во инустрискиот сектор во земјава, главно поради производството на феролегури и цемент, според официјалните државни документи како Вториот двогодишен извештај за климатските промени на Македонија.
Најголеми индустриски капацитети кои произведуваат феролегури и цемент во земјава се фабриките Макстил, Фени и Цементарница УСЈЕ, кои ,според регулативата, се обврзани да инсталираат филтри за намалување на нивните емисии преку порцесот на добивање А – Интегрирана еколошка дозвола од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Видете и ова: Аерозагадувањето се намалува, но од погрешни причини
„Ставање на филтири е еден од начините да се намалат емисиите, меѓутоа и промена на производните процеси внатре во самите фабрики во насока на употеба на најдобри применливи технологии. Тоа значи примена на најдобрите технологии во моментот во светот коишто економски се достапни за нас, е нешто кон кое што би требало да се стремиме во индустриските процеси“, вели Елена Николовска од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест.“
Таа посочува дека промената на филтрите во големата индустрија е значително важен аспект, но додава дека е потребна и промена во начинот на кои функционираат самите индустриски процеси.
„Употреба на најдобри достапни пракси во индустриските процеси, значи високо-квалитетна технологија за филтри, запазување на законска регулатива која постојано ќе се менува и можеме да очекуваме дека ќе се менува во претстојните години, во насока на симнување на тој праг на дозволени емисии“, вели Николовска.
Цементарница УСЈЕ има обезбедено А – Интегрирана еколошка дозвола, додека Макстил и Фени сѐ уште немаат обезбедено вакви дозволи и работат со таканаречената Дозвола за усогласување со оперативен план, односно се во процес на исполнување на условите за добивање на А-интегрирана еколошка дозвола, според податоците на Министерството за животна средина.
Законските рокови за големата индустрија да ги постави филтрите беа до 2014 година. Николовска смета дека индустријата „е оставена премногу долго“ да работи со дозволи за усогласување со оперативен план, под изговор дека немаат доволно финансиски средства.
Во секторот индустриски процеси влегуваат минералната, хемиската и металната индустрија, како и користењето на производи како замена за супстанци кои го оштетуваат озонот.
Македонија на глобално ниво нема значително влијание врз климатските промени, како што велат експетите, но загадувањето на локално ниво значително влијае врз животната средина и здравјето на луѓето.
Во Вториот двогодишен извештај за климатските промени, за минералната и металната индустрија е направена анализа со употреба на историските податоци за емисии на додадена вредност во соодветната индустрија.
Резултатите од анализите покажуваат дека растат емисиите на металната индустрија. Според предвидувањата, до 2035 година ќе има пораст од 73 отсто во однос на 2012 година.
Во документот се вели дека емисиите во хемиската индустрија се на исто ниво во последните 13 години и се претпоставува дека ќе останат исти и во следните години, додека во миниералната индустрија има тренд на опаѓање на емисиите и до 2035 година се очекува да се намалат за 12 проценти во однос на 2012 година.
Македонија во заложбите за намалување на емисиите на стакленички гасови е страна на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени, го ратификуваше Протоколот од Кјото и Парискиот договор од 2015 година и се има придружено кон Спогодбата од Копенхаген.
Заемјата исто така е кандидатка за членство во Европската унија и со тоа треба да се придржува кон Европската политка за клима и енергија.
Во ЕУ индустријата учествува со 25 отсто од бруто домашниот производ, додека истовремено таа е одговорна за повеќе од 50 проценти во вкупните емисии на Унијата.