Индекс на „Економист“ - Македонија со хибриден режим

Индекс на демократија на „Економист“

Во врвот на индексот на „Економист“ се Норвешка и Исланд, а на дното Чад и Северна Кореја. Најблиску до Македонија од соседството, според оценката, се Србија и Бугарија, кои се во групата на држави со „демократија со недостатоци“. Глобалната демократија имаше лоша година, коментира „Економист“

Во најновиот извештај на магазинот „Економист“ за индексот на демократија во светот за 2020 година, Македонија е рангирана на 78-мото место и во групата на т.н. хибриден режим. Во групата со хибриден режим се и Украина, Ерменија, Боливија, Сенегал, Црна Гора, Танзанија, Молдавија, Уганда, Бутан, Либан, Нигерија. Според „Економист“, од 2016 година до 2020 државата има пад на оценката според индексот на демократија во однос на претходните години кога бодувањето било над 6. Во овој извештај оценката за Македонија е 5,89.

Индексот за демократија, како што појаснува „Економист“, претставува слика на состојбата на светската демократија за 165 независни држави и две територии и се заснова на пет категории: изборен процес и плурализам, граѓански слободи, функционирање на владата, политичко учество и политичка култура. Врз основа на нивните оценки на 60 индикатори во рамките на овие категории, секоја земја потоа се класифицира како еден од четирите типа на режим: целосна демократија, демократија со недостатоци, хибриден режим и авторитарен режим.

Норвешка надобра, Северна Кореја најлоша, Србија и Бугарија со недостатоци

Според извештајот за индексот, 8,4 отсто од светската популација живее во „целосна демократија“, а повеќе од една третина од светската популација живее под авторитарно владеење.

Петте најдоброрангирани држави се Норвешка, Исланд, Шведска, Нов Зеланд и Канада. Петте најниско рангирани се: Чад, Сирија, Централно-африканската република, Демократска република Конго и Северна Кореја.

Во групата држави со демократија со недостатоци се Чешка, Бугарија, Унгарија, Хрватска, Романија, Србија... Земји со хибриден режим се Северна Македонија, Украина, Молдавија, Црна Гора, Ерменија, Грузија, Босна и Херцеговина... Држави со авторитарен режим се Русија, Казахстан, Авганистан, Азербејџан, Белорусија, Иран...

Видете и ова: Битката против корупција декларативна, многу афери без разврска

Од земјите во соседството, со блиска оценка како за Македонија, но сепак во друга ранг-група се Бугарија и Србија. „Економист“ ја стави Бугарија во групата држави со недостатоци во демократијата односно во групата „дефектни демократии“. Причината е главно загриженоста за независноста на судството и слободата на медиумите, како што е наведено во септемврискиот извештај за владеење на правото од страна на Европската комисија. Во оваа група е и Србија.

За СДСМ се виновни политичката култура и лажните вести, за ВМРО-ДПМНЕ премиерот Заев и СДСМ

На најновиот индекс на „Економист“ реагираше владејачкиот СДСМ, според кој, „Економист“ ги пофалил изборите, но поради недостигот на политичка култура во земјата и поради лажните вести бележиме минуси.

„Две години по ред државата бележеше напредок на Индексот откако претходно 10 години по ред вртоглаво паѓаше, а за 2020 се воочени благи негативни моменти кои се должат на две причини, односно поради рестрикциите кои секако беа неопходни во време на пандемија и здравствена криза, како и поради недостиг на напредок во политичката култура, што главно се должи на лажни вести, на политички радикализам, самовластие и неказнивост за кои што има и јавно познати виновници. Свежи се сеќавањата како се однесуваа членовите на преодната Влада од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, како се однесуваа Наќе Чулев и Христијан Мицкоски во однос на прекршување на бројните мерки и задолженија, како и нивна неказнивост“, стои во реакцијата на СДСМ.

Видете и ова: Влада: Свесни сме за алармот од извештајот на Транспаренси Интернешнл

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пак, вели дека овој индекс е доказ дека „земјата е на дното“, и ги обвини премиерот Зоран Заев и раководството на СДСМ дека неуспешно раководат со земјава.

„Заев ветуваше иднина во Европа, а не може земјава да мрдне од Африка. Ветуваше живот, a стана рекордер по мизерија. Ветуваа правда, останавме заковани во хибриден режим. Македонија со Владата на Заев и официјално е “хибриден режим” кој е “најкорумпиран” во Европа“, објави Мицкоски како коментар на индексот на „Економист“.

Според индексот на корупција на ТИ: Македонија е 111-та

Претходно „Транспаренси Интернешнл“ (ТИ) ја рангираше Македонија на 111 место според индексот на корупција што е историски најлошо рангирање. Северна Македонија го дели 111-тото место со БиХ, Монголија и Панама.

Индексот за перцепција на корупцијата на „Транспаренси Интернешнал“ во 2020 година е јасен сигнал дека борбата против корупцијата останува критично важна задача за Северна Македонија и фокус на нашето стратешко партнерство, порача амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мари Брнс, по објавувањето на извештајот.

Владата, по извештајот на Транспаренси Интернешнл, соопшти дека е цврсто решена да ја промени сликата и перцепцијата во борбата против корупцијата, а тоа е и еден од главните приоритети на „Акција 21- европски стандарди дома“.