„Преголеми се провизиите“, „Наплаќаат за се и сешто“, „Ем наплаќаат, ем не известуваат кога ги зголемуваат“, „Плаќаме за 'вакво' одржување, за 'онакво' водење сметки, а кога плаќаме сметка за струја или вода, пак ни земаат провизија„.
Ова се само дел од коментарите оставени на Фејсбук профилот на Радио Слободна Европа (РСЕ), на прашањето „Што мислат граѓаните за наплатата на провизија од страна на банките при онлајн плаќање сметки за струја, вода, парно...“. Ваквите коментари се надоврзуваат на алармите кои уште од лани почнаа да доаѓаат од невладиниот сектор, кој предупредуваше дека „секаде во светот провизиите се намалуваат со дигитализацијата, а само кај нас растат“.
Најголемиот дел од коментарите се за тоа банките да ги укинат провизиите, бидејќи веќе наплаќаат месечни тарифи за онлајн банкарство. Но, има и ставови дека услугата треба да се наплати, но со симболична провизија, бидејќи, како што велат, „ако ја собереш целата провизија за сите сметки во текот на годината, ќе видиш дека си платил сума колку за уште една сметка за вода“.
Над 100 милиони евра за банките од провизии и надоместоци
Банкарските провизии, меѓу кои и оние при онлајн плаќање станаа уште поактуелни по објавувањето на последните податоци на Народна банка, според кои, во 2022 година сите 13 банки во Северна Македонија заедно имале нето-заработка од над 101 милион евра, само од провизии и надоместоци.
Тоа, според Народна банка, е за 10 милиони евра повеќе од 2021.
Податоците на Народната банка покажуваат дека во изминатите 5 години, банките го зголемиле профитот за 16 отсто, а приходите од провизии и надоместоци се зголемени за речиси 35 проценти.
Видете и ова: Банките „дерат“ со провизииГраѓанско Про и Контра
„Тоа е кражба, само нема кој да ги казни и запре. Банките си наплаќаат за водење на сметка секој месец. И како нивни муштерии не треба да наплаќаат ниту за вадење лични пари од било кој автомат, уште помалку за онлајн трансакции“, коментира јавно Кирил Илиев, на отворениот форум на РСЕ на Фејсбук.
Но, има и контра мислења, па на коментарот на прилепчанката Мартина Стојоска, дека „банките наплаќаат буквално за секоја услуга без исклучок и без известување на клиентот за тоа колку е провизијата и дали има промени“, скопјанецот Сашо Стојановски одговара: „секоја банка има апликација, инсталирај, регистрирај се и таму ти пишува буквално се, и секоја трансакција со картичка, камати за дозволен минус, провизии буквално се. И не знам како сакаш да те известат, со писмо?“.
Стојановски вели дека веќе требало да ги прифатиме „нормалните европски навики“, иако со неговиот коментар не се сложуваат најголемиот дел од оние кои коментирале на оваа тема.
Дел од читателите на РСЕ на Фејсбук „ги советуваат“ останатите да си ги инсталираат онлајн апликациите на институциите и фирмите чии сметки треба да ги платат и со плаќање преку тие апликации нема да „платат провизија“.
И премиерот охрабруваше „акција“
За „високите“ провизии, и на шалтер и онлајн, уште пред една година во Собранието беше побарана и државна интервенција, но до сега нема реакција.
Во јуни 2022, опозициската партија Левица обвини за лихвобанкарство и на собраниска седница за пратенички го отвори прашањето за банкарските провизии, на што премиерот Димитар Ковачевски рече дека „ги охрабрува пратениците да покренат измена на Законот за банки.
„Придржувајќи се до воспоставениот стандард да не коментирам монетарна политика, ќе ги повикам пратениците, без исклучок, вклучително и од СДСМ, каде што и јас сум член, да го разгледаат Законот за банки во овој дел и низ една јавна расправа, тука во Собранието, заедно со вас, да се утврди дали може да се направи интервенција во однос на висината на апсолутниот износ во вкупниот профит на банките којшто доаѓа од некаматни приходи“, рече Ковачевски во Собранието, на 29 јуни 2022 година.
Видете и ова: Ковид-кризата за банките мајка, за другите маќеаНародна банка: Поголема конкуренција - помала цена на услугите
Во Народната банка очекуваат новиот Закон за платежни услуги и платни системи да ја зголеми конкуренцијата и да придонесе за намалување на цените на услугите.
Законот дозволува, освен банките, платежни услуги да може да нудат и штедилниците и други фирми кои ќе добијат дозвола од Народната банка. Сметки ќе може да се плаќаат и кај овие фирми или кај нивни агенти, па теоретски ќе може да се плати струја и вода во трафика или во супермаркет.
Во Народната банка велат дека има интерес од повеќе компании за влез на пазарот на платежни услуги. Но до сега никаде никој нема отворено таков наплатен пункт.
5 сметки за 31 денар месечно!
Според Закон за платежни услуги и платни системи, од годинава како опција постои т.н. платежна сметка со основни функции која може да ја добие секој граѓанин. Оваа сметка овозможува минимум пет платежни трансакции во текот на месецот без да биде наплатена провизија. На овој начин, граѓаните можат да си ги платат најчестите комунални сметки преку оваа сметка која според закон мора да има „разумна висина на надоместок“.
“Разумната висина на надоместокот не смее да биде повисока од 0,1 процент од подвижниот просек на просечната месечна исплатена нето-плата во земјата за претходните 12 месеци, согласно со објавите од страна на Државниот завод за статистика“, пишува во Законот, а од Народната банка на презентацијата во март објаснија дека тоа се 31 денар месечен надоместок за 5 трансакции.
За оваа опција, според коментарите на посетителите на фејсбук-страницата на РСЕ, речиси никој не знае.