Илјадници граѓани низ Македонија и оваа зима можеби нема да можат да си дозволат соодветно загревање во своите домови, бидејќи ќе имаат проблем со плаќање на сметките за затоплување и енергија.
Новото истражување на The Climate Herald покажува дека загрижувачки голем дел од населението во Македонија се соочува со енергетска сиромаштија, во услови на висока стапка на невработеност, сиромаштија и социјална исклученост, поради што многу граѓани не се во можност соодветно да ги загреат своите домови, да подготват храна или да одржат лична хигиена.
Од друга страна, помошта што ја издвојува државата за овие луѓе изнесува по 21 денар годишно, доколку се земат предвид податоците на Енергетската заедница дека 25 отсто од населението живее во енергетска сиромаштија, а за оваа цел во 2020 година од Буџетот биле издвоени 11 милиони денари - околу 178 илјади евра.
Проблемот со енергетската сиромаштија во земјава е долгогодишен и за него постојат голем број податоци, како оние дека во 2014 година повеќе од 40.000 семејства имале проблем со плаќање на сметките за струја, а главниот дистрибутер на гас забележал пад на бројот на корисници од 30 проценти, но државата се уште изработува студии и бара решенија за да им обезбеди помош на ранливите групи потрошувачи.
Претставници на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) во јуни оваа година рекоа дека е направена иницијатива прифаена од Владата за да биде формирана работна група која ќе најде конкретен начин како да им се помогне на ранливите категории потрошувачи кои се соочуваат со енергетска сиромаштија, како и да се зголеми опсегот на ранливите категории потрошувачи.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Но, во одговорите кои ги добивме од Владата преку е-пошта се вели дека Владата заедно со енергетската заедница „во моментов“ изработува студија за заштита на ранливи категории на домаќинства.
„До крајот на оваа година ќе се предложат соодветни решенија за сите земји потписнички на договорот на енергетската заедница“, велат од Владата.
РСЕ ја праша Владата дали работната група е формирана, какви мерки утврдила за помош на ранливите категории, дали е проширен опсегот и колку пари од Буџетот за 2021 година се издвоени преку Програмата за заштита на ранливите потрошувачи на енергија?
Во одговорот на Владата не се спомнува работната група, туку се додава дека откако ќе биде готова анализата, ќе бидат поставени критериуми врз основа на кои ќе биде утврдена листа на луѓе кои ќе влезат во оваа категорија, а дека потоа за оваа намена ќе биде направена финансиска проценка и ќе биде доставена предлог ставка во буџетот.
Во истражувањето на The Climate Herald се вели дека државата како договорна страна на Енергетската заедница е должна точно да го дефинира проблемот и да спроведе мерки за заштита на ранливото население.
Иако во 2020 година усвоена е Програма за заштита на ранливите потрошувачи на енергија, во истражувањето се вели дека програмата вклучува голем број на „крути критериуми“ кои корисниците треба да ги исполнат.
„Ранливиот потрошувач“ на енергија мора да живее во домаќинство кое е регистрирано за финансиска помош и е во категорија на „социјален ризик“ што е дефинирана како мајчинство, болест, старост, повреда или инвалидитет.
Потрошувачите на електрична енергија или гас кои спаѓаат во оваа категорија треба да исполнуваат и голем број на други предуслови, како добивање струја или гас од одредени снабдувачи, лимит на годишна потрошувачка и користење на соодветен метод со кој се мери потрошувачката на електрична енергија.
„Бројните придобивки“ од Програмата ќе им дадат многу малку и тоа само на малкумината кои успеале да се квалификуваат за истите, што веројатно нема да направи ништо особено за ублажување на последиците од енергетската сиромаштија и ќе остави голем дел од населението без тие придобивки“, велат од The Climate Herald.
Според податоците на Евростат од 2018 година, Македонија е на трето место во Европа според бројот на население кое не може да го задржи домот соодветно загреан според статусот на сиромаштија. Скоро 25 отсто од македонските граѓани изјавиле дека не можат да ги загреат своите домови соодветно, во споредба со просекот во ЕУ кој е 7,3 отсто.
Фактор кој придонесува за енергетската сиромаштија се многу згради и домови изградени во време кога немало закони и мерки за енергетска ефикасност, без добра изолација, покрови кои протекуваат, влага по ѕидовите, подовите и темелите.
Инаку, The Climate Herald наведува дека во некои од изминатите години скоро 12 илјади луѓе го загубиле животот заради болести кои се тесно поврзани со енергетската сиромаштија и загадувањето на воздухот.