Избришани украински градови во руското самопрогласено „ослободување“

Постара жена покрај уништена зграда во Бахмут, во украинскиот регион Доњецк, декември 2022 година.

Русија изнесе повеќекратни јавни оправдувања за целосната инвазија на Украина што ја започна претседателот Владимир Путин во февруари 2022 година, меѓу кои и како што го нарече „ослободување“ на источниот украински регион Донбас, над кој Москва презеде делумна контрола во 2014 година.

Но, сеопфатната војна на Русија против Украина, која Кремљ инсистира да ја нарече „специјална воена операција“, десеткуваше повеќе градови и населени места, кои беа цел на наводната кампања за „ослободување“, вклучително и оние кои беа повторно изградени и напредуваа и покрај нивната близина до линијата на фронтот со руските сили.

Новиот проект на Донбас. Реалитис, регионален медиум на украинскиот сервис на РСЕ, ја разгледува судбината на пет градови и населени места во источна Украина по целосната инвазија на Русија. Тука се вклучени и оние, кои не само што беа речиси целосно уништени од руската артилерија и бомби, туки и буквално избришани од картата, од страна на окупаторските администратори инсталирани од Русија.

Попасна

  • Основан 1878
  • Жители на почетокот на 2022 - околу 20,000
  • Моментално жители - околу 200, според податоците од април 2023 година од воената управа на градот

Централниот плоштад во Попасна, јуни 2018 година

Попасна е град во областа Луганск во близина на административната граница со регионот Донецк. Откако избувна војната во Донбас меѓу владата и силите против Киев, поддржани од Русија во 2014 година, Попасна беше под окупација речиси три месеци пред да биде повторно преземена од украинските сили.

Во следните години, градот беше цел на повремени руски напади од другата линија на демаркацијата со областите окупирани од Русија. Сепак, Попасна активно се развиваше, вклучително и со меѓународна поддршка.

Роман Власенко, шеф на окружната управа на Попасна од декември 2014 до октомври 2016 година, вели дека станбената и социјалната инфраструктура биле обновени до 2017 година и дека градот успеал да привлече милиони долари инвестиции.

Жители на Попасна учествуваат на прослава на Денот на независноста на Украина, 2018.

Русија ја избриша Попасна од мапата по целосната инвазија на Украина што ја започна претседателот Владимир Путин минатата година. Руските сили го нападнаа градот со артилериски оган, а уличните борби започнаа во втората половина на април 2022 година. Украинската армија се повлече од Попасна неколку недели подоцна.

Во август 2022 година, руските окупаторски власти посочија дека Москва нема да ја обнови Попасна.

„Нема многу поента. Градот навистина е речиси целосно уништен“, рече регионален администратор инсталиран во Москва.

Тенк управуван од сепаратисти поддржани од Русија вози низ улиците на Попасна во мај 2022 година.

Во март 2023 година, окупаторските власти во регионот Луганск административно го избришаа статусот на Попасна како град, и го вброија во една од бројните населби во украинскиот град Первомајск, контролиран од Русија.

Областа Попасна, чиј административен центар беше истоимениот град, беше целосно елиминирана од управата инсталирана од Русија.

Рубижне

  • Основан - 1895
  • Популација на почетокот на 2022 - околу 55.000
  • Моментално жители - непознато до 31 мај 2023 година; (Според новинарот Олексиј Артјух од Луганск, околу 40.000 луѓе живееле во целата област Сјевјеродонецк во регионот Луганск, каде што се наоѓа Рубижне, на почетокот на мај 2023 година)

Хотел во Рубижне во април 2016

Рубижне се наоѓа на левиот брег на реката Сиверски Донец, во близина на градовите Сјевјеродонецк и Лисичанск. Како и повеќето градови на истокот на Украина, имаше силна индустриска база со десетици претпријатија кои работат таму.

Примарни индустрии во градот беа хемиската и производството на хартија. Но во градот се наоѓаше и фабриката за трикотажа која ги произведуваше популарните чорапи Додо (компанијата беше преселена и сега работи надвор од западниот украински град Лвив).

Силите поддржани од Русија, го окупираа Рубижне неколку месеци во 2014 година, пред да биде повторно преземен од Украина. Подоцна, долго време остана доволно далеку од линиите на фронтот, па жителите, бизнисните и образовните институции од окупираните територии се преселија во овој град.

Уништена зграда во Рубижне, јули 2022

Откако Путин започна целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година, руските сили го нападнаа Рубижне со артилерија и брзо напредуваа кон градот, каде продолжија борбите . Четири месеци по инвазијата, Рубижне лежеше во урнатини.

На крајот, украинската војска беше принудена да се повлече по тешките борби, а Рубижне е под руска окупација од мај 2022 година.

Извештаите на локалните жители и фотографиите и видео снимките, што ги направиле за Рубижну, сугерираат дека Русија направила малку за да го обнови заземениот град и покрај ветувањата од руските власти.

Бахмут

  • Основан - 1517
  • Жители на почетокот на 2022 - околу 70.000
  • Моментално жители - 518 (според најновите податоци од регионалната администрација на Донецк)

Улица во Бахмут, март 2020

„Нема ништо. Тие уништија сè. Нема згради. Штета е, тоа е трагедија, но денес Бахмут е само во нашите срца. Нема ништо на ова место“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски минатиот месец додека зборуваше со американскиот претседател Џо Бајден.

Бахмут беше еден од најстарите и најживописните градови во украинскиот регион Донбас, економски поткрепен со индустрии невообичаени за регионот: имаше камена сол и пенливо вино.

Оддалеченоста на Бахмут од демаркационата линија со руската контрола на украинската територија му овозможи на градот да продолжи да се развива во осумте години откако Русија го зазеде украинскиот полуостров Крим и војната во Донбас поттикната од Москва, која избувна во 2014 година.

Но, по целосната инвазија на Путин и руската окупација на низата градови и населени места во регионот, Москва се стреми кон заземање на Бахмут, иако експертите велат дека потегот нема стратешка или тактичка смисла.

Урнатини во Бахмут, април 2023.

По неколкумесечни интензивни борби, руската приватна платеничка група „Вагнер“ во мај соопшти дека ја презела контролата врз Бахмут и им го предала на руските редовни сили. Украина негираше дека градот бил целосно контролиран од руските сили и рече дека борбите продолжуваат.

Овој месец беа пријавени големи судири околу Бахмут. Украинските сили во последните денови ги вратија областите северно од градот, а украинското Министерство за одбрана соопшти дека Киев продолжува да ја контролира југозападната периферија на Бахмут.

Тешко е да се каже точно колку артилериски гранати и бомби употребиле руските сили врз Бахмут. Но, фотографиите, видеата и сателитските снимки откриваат речиси целосно уништување на градот.

Снимката со беспилотно летало на Бахмут, објавена од „Њујорк тајмс“ минатиот месец, даде неверојатни воздушни снимки кои го откриваат размерот на уништувањето таму.

Уништувањето на Бахмут: Сателитски снимки пред и по руските ракетирања

Авдијивка

  • Основан - 1778
  • Жители на почетокот на 2022 - околу 32.000
  • Моментално жители - 1.753 (според најновите податоци од регионалната администрација на Донецк)

Авдијевка е една од најстарите населби во регионот Донецк, која се наоѓа на околу шест километри од периферијата на градот Донецк. Абдијевка беше индустриски град со повеќе од десетина претпријатија, вклучувајќи го и најголемиот производител на кокс, сулфурна киселина и минерални ѓубрива во Европа, Хемиската фабрика за кокс Авдијивка.

Авдијивка беше под окупација на силите поддржани од Русија четири месеци во 2014 година додека не беше повторно преземена од украинските сили. Во текот на следните осум години, градот страдаше од гранатирање што доаѓаше од територијата окупирана од Русија во регионот на Донецк.

Жителите на Авдијевка пуштаат балони со џиновско украинско знаме за време на прославите на Денот на независноста во август 2018 година.

Во 2015 година, фабриката за кокс мораше да биде затворена поради потенцијалот за еколошка катастрофа доколку биде погодена од руската артилерија. Меѓутоа, работата таму подоцна продолжи, а градот беше во процес на обнова и привлече инвестиции.
По целосната инвазија на Русија во февруари 2022 година, Москва ги интензивираше нападите врз Авдијевка, обидувајќи се да напредува од западниот раб на Донецк, а во април 2022 година, фабриката за кокс повторно мораше да биде затворена.

Постар човек собира остатоци од дрва пред уништената станбена зграда во Авдијивка во март 2023 година.

Според Виталиј Барабаш, шеф на градската управа за време на војната до март 2023 година, руските сили целосно ја уништиле инфраструктурата на Авдијивка, а исто така е десеткуван и речиси целиот станбен фонд во градот.

Украинската војска продолжува да ја држи Авдијевка, а исто така продолжуваат и нападите од руските сили.

Мариупол

  • Основан - 1778
  • Жители на почетокот на 2022 - околу 425.000
  • Моментално население: непознато; Руските окупациски власти тврдат дека сегашното население е 230.000, што е многу сомнителна бројка со оглед на недостатокот на станови за таквите бројки; Украинскиот функционер Петро Андрјушенко, советник на градоначалникот на Мариупол, ја наведува бројката на околу 40.000 цивили кои Русија ги донела во десеткуваниот град.

Раздвиженото пристаниште Мариупол пред целосната инвазија на Русија на Украина.

Мариупол е главно пристаниште во регионот Донецк на брегот на Азовското Море, некогаш просперитетен град со силна индустриска база. Во годините по избувнувањето на војната во Донбас во 2014 година, локацијата на градот му даде стратешко значење на линијата на фронтот на борбите.

Градот беше накратко контролиран од сепаратистите поддржани од Русија неколку недели во 2014 година. На само неколку десетици километри од линијата на разграничување, остана град на првата линија на фронтот откако беше повторно преземен од Украина.

И покрај тоа, Мариупол се развиваше и напредуваше. Оштетените згради и бизниси беа повторно изградени, а големите индустриски претпријатија, вклучително и пристаништето, продолжија да работат. Градот имаше бројни културни фестивали, концерти и изложби.

Жена стои пред урнатини во Мариупол во март 2022 година.

Со почетокот на целосната инвазија на Русија во 2022 година, руската војска го уништи градот со артилерија и воздушни бомби.

Во Мариупол се наоѓаше и драмскиот театар каде, според различни проценки, се криеле меѓу 500 и 1.200 цивили, вклучително и деца, кога беше уништен од руски воздушен напад.

Пред уништениот театар во Мариупол со големи бели букви беше напишано „деца“ на руски јазик, април 2022 година.

Градските власти со големи букви на теренот пред и зад театарот напишаа „дети“ што во превод од руски е деца, со надеж дека ќе го спречат нападот. Истрагата на Асошиетед прес откри докази дека биле убиени околу 600 луѓе.

Според проценките на ОН, околу 90 отсто од високите станбени згради и околу 60 отсто од приватните куќи во Мариупол биле уништени или оштетени за време на опсадата на градот, кој Русија го окупираше во мај 2022 година.