Според прелиминарните податоци, Милатовиќ освоил 60 отсто од гласовите. Неговите поддржувачи слават со огномети на улиците на Подгорица, Никшиќ и Котор, каде има колони автомобили.
Голем број се собраа и пред храмот на Српската православна црква во Подгорица, како и пред просториите на Движењето за Европа, славејќи ја неговата победа на претседателските избори.
Полицијата ја блокираше улицата, а насобраните носат црногорски знамиња и пеат „Црна Гора и Србија се едно семејство“, „Ој Косово, Косово“, „Мило замина, Мило замина“, „Знаеме што ги убива, Косово е Србија“.
Пратеникот на Демократската партија на социјалистите Андрија Николиќ му ја честиташе победата на Милатовиќ и ги призна резултатите од претседателските избори.
Дритан Абазовиќ, премиер во технички мандат и лидер на Граѓанското движење УРА, исто така му ја честиташе победата на Милатовиќ.
Прва честитка до Милатовиќ од претставниците на Република Српска, од претседателот Милорад Додик и претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина Жељка Цвијановиќ, кои му ја честитаа победата на Милатовиќ.
Српската членка и претседавач со Претседателството на Босна и Херцеговина Жељка Цвијановиќ изјави дека е убедена дека победата на Јаков Милатовиќ ќе придонесе за зајакнување на пријателските односи и оти ќе отвори нови перспективи за партнерство и соработка.
Претседателот на Република Српска Милорад Додик рече дека се надева оти Милатовиќ ќе ја води Црна Гора на патот на напредокот и просперитетот.
„Во духот на добрососедските односи успешно ќе соработуваме за доброто на граѓаните и на Црна Гора и на Република Српска“, рече Додик.
Одѕивот на гласачите на претседателските избори беше висок. Според податоците на Центарот за демократска транзиција, излезноста во вториот круг од претседателските избори е за 7,7 отсто поголема отколку во првиот круг, кој се одржа на 19 март.
Во вториот круг од претседателските избори гласале над 383 илјади гласачи или 70,7 отсто. Избирачките места беа затворени во 20 часот. До 21:00 часот се гласаше на едно избирачко место, во Бијело Поље, каде гласањето во текот на денот беше прекинато еден час поради скршена гласачка кутија.
Црна Гора во вториот круг од претседателските избори избираше меѓу Мило Ѓукановиќ и Јаков Милатовиќ. Првиот е актуелен шеф на државата и 33 години на водечки државни функции во земјата. Вториот, поранешен министер и три години е во политиката. Ѓукановиќ е кандидат на Демократската партија на социјалистите и Јаков Милатовиќ, кандидат на движењето Европа сега.
Видете и ова: Мило Ѓукановиќ и Јаков Милатовиќ во вториот круг од претседателските избори во Црна ГораВо првиот круг, Ѓукановиќ освои 119.673 гласови или 35,37 отсто, а Милатовиќ 97.858 гласови или 28,92 отсто.
За вториот круг Ѓукановиќ беше поддржан од Социјалдемократите, Социјалдемократската партија, Бошњачката партија и дел од албанските национални партии.
Милатовиќ, чија партија нема пратенички статус, доби поддршка од Демократскиот фронт, Демократите, Граѓанското движење УРА и Социјалистичката народна партија.
Ова се четврти претседателски избори од обновувањето на црногорската независност во 2006 година и седми од воведувањето на повеќепартискиот систем.
Победникот од денешното гласање може да влијае и на претстојните предвремени парламентарни избори на 11 јуни. Тоа гласање беше закажано поради повеќемесечниот ќорсокак на владата што ја закочи интеграцијата во Европската унија и го вознемири Западот додека беснее војна во Украина.
61-годишниот Ѓукановиќ првпат стана премиер на 29 години и остана на власт во изминатите 33 години - подолго од неговата Демократска партија на социјалистите, која беше соборена на парламентарните избори во 2020 година.
Ѓукановиќ беше клучен западен сојузник во спротивставувањето на руското влијание и одржувањето на стабилноста на Балканот. Тој инсистираше на тоа дека борбата не е завршена и покрај членството на Црна Гора во НАТО, поради наводната експанзионистичка политика на Србија и влијанието на Русија.
Милатовиќ, кој има 36 години и се школувал во Британија и САД, им се обрати на гласачите разочарани од етаблираните политичари како Ѓукановиќ. Милатовиќ инсистираше на тоа дека сака Црна Гора да влезе во ЕУ, иако некои од партиите што ја поддржаа неговата кандидатура се проруски.
Ако Милатовиќ победи, неговото движење Европа сега би можело да се најде во позиција да доминира во следната влада по предвремените избори во јуни. Ѓукановиќ се надева дека неговиот реизбор за уште еден петгодишен мандат ќе го отвори патот за неговата ДПС да се врати на власт во јуни.
Европа сега на Милатовиќ се појави откако пропадна првата влада што произлезе од парламентарните избори во 2020 година.
Како министер за економија во таа влада, Милатовиќ стекна популарност со зголемување на платите, но критичарите велат дека тоа е направено по цена на веќе исцрпениот здравствен систем, а не како резултат на реформите.
Изборите ги следат странски набљудувачи - мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, претставници на Европскиот парламент и Советот на Европа и домашните невладини организации - Центарот за мониторинг (ЦЕМИ) и Центарот за демократска транзиција (ЦДТ), кои со децении ги следат изборните процеси.
Видете и ова: Абазовиќ- Предвремени избори, но во правна процедураПретседателот на Црна Гора се избира со мандат од пет години.
Изборниот процес завршува само кога Уставниот суд одлучува по изборните жалби доколку ги има, по што Државната изборна комисија ги објавува конечните изборни резултати.
Изборите се одржуваат во време на политичка и институционална криза. Во последните две и пол години, од парламентарните избори во август 2020 година, сменети се две влади, а парламентарното мнозинство не успеа да се договори за формирање трета.
Ѓукановиќ со указ на 16 март го распушти актуелното свикување на Собранието, а ден подоцна распиша вонредни парламентарни избори за 11 јуни годинава.