Почистување на избирачкиот список редовно се врши пред секои избори, а исклучок нема да бидат ниту локалните избори закажани за оваа година. Но, она што е новина е дека по 19 години во земјата ќе се одржи и попис на населението, кој ќе се спроведе во април на неколку месеци пред гласањето за некој од кандидатите за градоначалници.
На прашањето дали по пописот напролет ќе има прочистување на избирачкиот список до локалните избори, новиот претседател на ДИК, Александар Даштевски во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе се емитува в недела вели дека таквата операција се одвива перманетно.
„Ние сега имаме одделение за прочистување на избирачкиот список и сега доаѓа и почнува прочистувањето за локалните избори кои треба да се заврши за неколку месеци. Така што сметам дека во тој дел тоа би било во ред, како што во неколку циклуси е во ред. Во пописот не би се впуштал, бидејќи тоа е сепак, политички договор и операција и се надевам дека ќе се најде некоја европска солуција и нема да се избега од тоа, само колку да се одржи, бидејќи не би било во ред за државата“, вели Даштевски.
Видете и ова: Приватниот сектор тешко до повисоки платиПоранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски вели дека не може пописот да се споредува со избирачкиот список, бидејќи се две различни операции и не може да се дојде до точна бројка на гласачите. Избирачкиот список се менува секојдневно, а пописот е најчесто на 10 години. Но, според него, пописот за кој ќе се потрошат многу средства може да се искористи од страна на ДИК за паралелно да се изврши проверка на Избирачкиот список.
„Но, кога ќе се споредат резултатите од пописот и резултатите од избирачкиот список повторно ќе треба да се продолжи со ажурирање на Избирачкиот список. Значи не може самата операција на попис да каже колку Избирачкиот список е добар. Затоа што многу експерти сметаат дека споредувањето на пописот и Избирачкиот список е како на јаболко и портокал. Но, ако добро се осмислат и со добра методологија многу земји го искористиле пописот за подобрување на Избирачкиот список“, вели Новаковски.
Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски неодамна изјави дека е погрешно размислувањето дека Избирачкиот список најдобро може да се прочисти со спроведување попис на населението.
„Избирачкиот список ги содржи сите државјани постари од 18 години, независно дали се во земјата или каде било во странство. Категоријата „вкупно население“ од пописот ги вклучува сите државјани на Македонија присутни во земјата во критичниот момент на пописот, сите отсутни државјани од земјата, но не подолго од една година, и сите присутни странци подолго од една година. Избирачкиот список е административна база на податоци, додека пописот на населението е статистичко истражување и има сосема поинакви цели“, изјави Симовски.
Новаковски додава дека ДИК не треба да се меша во пописот, туку да ги употреби резултатите.
Видете и ова: Второ полугодие со иста настава и матурантски бојкот„Исклучително добра ситуација да изборните органи проработат и си го проверат Избирачкиот список на терен. Не може податоците од пописот да ги земеш како доказ дека списокот е чист. Затоа што со попис се попишуваат и државајни кои се надвор од државата до една година. Над една година не може да се попишуваат. Во Избирачкиот список се и оние кои живеат во странство и над една година“, посочува тој.
Премиерот Зоран Заев порача дека пописот нема да влијае на изборниот процес, а македонските државјани во дијаспората ќе гласаат како и досега.
Законот за попис вчера беше изгласан во Собранието без присуство на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Пописот ќе се спроведува од 1 до 21 април.