„Сè започна со Русија, со тоа што ја прогласи Бугарија за непријателска земја“, коментира Стефан Тафров, поранешен амбасадор на Бугарија во Франција, Италија и Велика Британија и актуелен политичар од „Демократска Бугарија“, за бугарскиот сервис на РСЕ.
Според Надежда Нејнски, поранешен министер за надворешни работи и поранешен бугарски амбасадор во Турција, причините за протерувањето се вкоренети во доверливи анализи на бугарските служби, кои не треба да се објавуваат во јавноста.
Но двајцата се едногласни дека одлуката е во вистинска насока и во одбрана на бугарскиот интерес.
Што значи овој потег?
Поранешната амбасадорка и министерка Нејнски вели дека со протерувањето на дипломатите, бугарската влада испраќа многу силен политички сигнал на меѓународно ниво.
„Сигналот е дека Бугарија нема да дозволи мешање во внатрешните работи и овој политички сигнал мора да добие многу јасна и недвосмислена поддршка од сите партии во бугарскиот парламент“, додаде таа.
Според неа, ова може да биде тест за Бугарската социјалистичка партија (БСП). Во вторникот, лидерката на БСП, Корнелија Нинова напиша на социјалните мрежи дека БСП „категорично не се согласува“ со отповикувањето на дипломатите. Ден подоцна таа соопшти дека поради таквата одлука ги напушта преговорите со „Продолжуваме со промените“ на Кирил Петков за формирање нова влада.
Неколку часа пред втората изјава на Нинова, Надежда Нејнски рече дека ситуацијата е можност БСП и со дела, не само со зборови да покаже дали се дел од евроатлантското мнозинство во Бугарија.
Видете и ова: Бугарија протерува 70 руски дипломати„Не треба да заборавиме дека членството на Бугарија во НАТО беше прифатено со огромно мнозинство, односно Бугарија е земја членка на НАТО, не сме во време кога аплицираме и има партии кои се против НАТО. Затоа очекувам БСП да биде на нивото на својата историска одговорност и да ја поддржи оваа одлука“, додаде Неински.
Тафров ги опиша дејствијата на владата како знак дека „Бугарија сака да биде суверена земја и да биде почитувана“, со што, според него, Софија сака да покаже дека „странските сили не можат да се мешаат во бугарската внатрешна политика“.
Зошто Бугарија ги протера руските дипломати?
Според Тафров, причината за одлуката е вкоренета во тоа што Русија ја прогласи Бугарија за непријателска држава, поради што московските дипломати се непријателски расположени кон Софија.
„Веројатно, гледајќи ја Бугарија како непријателска земја, нејзините дипломати се однесуваат на субверзивен начин. Сè започна во Русија. Така, Бугарија и другите земји, во гонењето на руските дипломати, всушност ја следат оваа одлука на руските власти, да ја направат нашата земја непријателска“, рече тој.
Во понеделникот, Руската амбасада во Бугарија повика на донации за финансирање на руската армија која ја нападна Украина на 24-ти февруари.
Амбасадорката Елеонора Митрофанова, од своја страна, тврди дека бугарскиот народ го поддржува Кремљ, за разлика од неговата „апсолутно проамериканска“ влада.
„Меѓу протераните дипломати ја нема Митрофанова. Не знам зошто е тука. Мислам дека не треба да биде тука“, рече Тафров.
Освен акциите на амбасадата по почетокот на војната во Украина, Русија е обвинета и дека стои зад труењето на бугарските граѓани со Новичок, за експлозии во бугарските складишта за оружје и за сајбер напади врз бугарски пошти пред Велигден.
Во мај, истражувачки тим во Софија откри дека руската пропаганда во Бугарија е зголемена 10 пати од почетокот на војната во Украина.
Сепак, и покрај шпекулациите, нема начин да се докаже точната причина за протерувањето на 70-те дипломати, бидејќи информациите се класифицирани.
„Ваквите извештаи, таквите одлуки се класифицирани информации, не се коментираат јавно и гледам дека многу се зборува во медиумите, вклучително и дека Националното собрание требало да коментира. Не постои таков случај да се коментира вакво прашање поврзано со ваков чин во Националното собрание“, рече Нејнски.
Според неа, категоричното дејствување на владата се заснова на анализа на бугарските служби, „кои го заштитиле националниот интерес, си ја завршиле работата и на политичкото раководство на земјата му дале информации кои јасно покажуваат мешање во внатрешните работи на Бугарија. "
Друго можно размислување, според Тафров, е фактот дека голем број руски дипломати се товар за службите кои треба да ги следат нивните активности.
„Потребни се ресурси, потребни се напори на специјализираните служби“, рече тој.
Ќе се вратат ли дипломатите?
По одлуката за протерување се наметна прашањето колку одлуката е трајна и дали бројот на руски дипломати би можел повторно да се зголеми во случај на евентуална нова проруска влада.
„Секако дека е можно, и затоа не треба да се дојде дотаму“, рече Тафров.
Според Нејнски, сепак, нема можност, бидејќи се работи за многу добро осмислен политички чин, кој се базира на сериозна анализа на службите кои се повикани да ги заштитат бугарските национални интереси.
„Тоа не е каприц. Не се работи само за политичар или политичка сила или влада што еден ден решила да протера некои дипломати“, вели поранешната бугарска министерка и дипломат.