Зошто анкетите го погрешија победникот на изборите во Ерменија?

Ерменскиот вршител на должноста премиер Никол Пашинијан, Ереван, 21 јуни 2021 година

Многумина во Ерменија предвидуваа дека изборната трката ќе биде многу тесна и оти ниту една партија или коалиција нема да може да обезбеди парламентарно мнозинство. Тоа го сугерираа и анкетите. Но, резултатите покажаа нешто сосема друго. Рон Синовиц

Партијата на вршителот на должноста премиер Никол Пашинијан им се спротивстави на анкетите пред вонредните избори во Ерменија на 20 јуни, со огромна победа што му донесе парламентарно мнозинство.

Партијата Граѓански договор освои околу 54 проценти од гласовите во споредба со околу 21 процент за опозициската Алијанса за Ерменија на поранешниот претседател Роберт Кочаријан.

Ердоган- Турција е против државен удар во Ерменија

Ниту една од другите 20 партии и три сојузи на изборите не го исполнија минималниот праг потребен за освојување пратенички места: 5 проценти за партиите или 7 проценти за сојузите.

Видете и ова: Ерменија пред нова криза по вонредните парламентарни избори


Бидејќи уставот на Ерменија бара најмалку три партии или сојузи во еднодомниот парламент, Републиканската партија на поранешниот претседател Серж Саркисијан исто така ќе заземе места како третопласирана со нешто помалку од 5 проценти од гласовите.

Национално единство

Предвремените избори во Ерменија беа распишани од Пашинијан во обид да се реши политичката криза што го мачи Ереван откако ерменските сили ја изгубија шестнеделната војна против Азербејџан минатата есен.


„Повторно ви велам дека ќе се потрудиме да разговараме за начините за консолидирање на сите здрави јавни ресурси околу нашиот мандат и формирање на национално единство и национален договор во Ерменија, што навистина ќе се заснова врз закон“, рече Пашинијан.

Страв и омраза наспроти трговија на ерменско - азејберџанската граница

Алијансата на Кочаријан соопшти дека нема да ги признае резултатите се додека не се решат наводните неправилности при гласањето. Но, меѓународните набљудувачи од ОБСЕ рекоа дека гласањето било „конкурентно и генерално добро управувано“.

Политичките аналитичари велат дека изборите нема да резултираат во преориентирање на надворешната политика на Ереван спрема Русија, бидејќи Ерменија стана сé позависна од Москва во врска со нејзината безбедност по прекинот на огнот во ноември, со кој заврши војната со Азербејџан.

Видете и ова: Ерменија - Упад во Владата, се бара оставка од премиерот

Сите три политички сили кои влегуваат во новиот парламент повикаа на поблиски односи со Русија во надеж дека ќе обезбедат безбедносни гаранции и ќе одржат статус кво во преостанатите области на Нагорно Карабах, населени со етничко-ерменско население.

Во меѓувреме, аналитичарите велат дека веројатноста за насилства по изборите е намалена поради огромната маргина на победата на партијата на Пашинијан и препораките на власта полицијата да избегне разгорување на ситуацијата и да се воздржи од употреба на насилство врз демонстрантите.

Погрешни предвидувања

Многумина во Ереван предвидоа дека трката ќе биде многу тесна и дека ниту една партија или сојуз нема да може да обезбеди самостојно парламентарно мнозинство.

Политичкиот аналитичар од Ереван, Бенјамин Погосијан за РСЕ пред гласањето рече дека Ерменија „веројатно ќе има или коалициска влада или втор круг“. Овој став беше засилен од ерменските анкети кон крајот на мај и почетокот на јуни кои сугерираа тесна трка меѓу Граѓанскиот договор и Алијансата за Ерменија.

Протести во Ерменија за оставка на премиерот

Последната прогноза во предизборието на 14 јуни од страна на ерменската филијала на меѓународната асоцијација Галуп предвидуваше дека Алијансата на Кочаријан ќе победи на изборите со 28,7 проценти од гласовите во споредба со само 25,2 за Граѓанскиот договор.

Ричард Гирагосијан, директор на независниот тинк-тенк Центар за регионални студии со седиште во Ереван, вели дека филијалата на Галуп Интернешнл во Ереван е нашироко гледана како „неискрена“.

Ерменија во жалост и протести

„Оваа ерменска филијала спроведе телефонско истражување со 800 лица користејќи фиксни телефони, кои се се поретки во Ерменија. Тоа е погрешна методологија“, вели Гирагосијан за РСЕ, додавајќи:

„Имаше една сигурна анкета во Ерменија. Таа беше направена од Меѓународниот републикански институт (ИРИ) со седиште во Ереван. Нејзината единствена мана беше тоа што го следеше јавното мислење до почетокот на мај, така што тоа беше слика предвреме, односно пред да се основа Алијансата на Кочаријан. Иако многумина очекуваа дека гласањето ќе биде рамноправен натпревар, Гирагосијан вели дека резултатите покажуваат оти Кочаријан бил „опасно премногу самоуверен“.

Тој заклучува дека изборните резултати го „разоткриле недостигот на кредибилитет“ на ерменската филијала на меѓународната асоцијација Галуп, која е обвинета за „злоупотреба на името“ и угледот на меѓународниот анкетар Галуп, со седиште во Вашингтон.

Фантомските анкетари на премиерот Борисов

„Нема официјални односи со анкетната организација Галуп што добро ја познаваме од Западот“, вели тој. Всушност, Галуп, Inc поднесе тужби за да добие правна заштита од злоупотреба на неговото име од страна на филијали на оваа меѓународната асоцијација.

Со повеќе од 100 членови и партнери низ целиот свет, подружниците на Галуп Интернешнл се со седиште во Бугарија, како и Русија и неколку други поранешни советски републики. „

Тие биле ноторно користени од Кремљ и другите сомнителни власти во поранешниот советски простор“ за да манипулираат со гласачите и да ги зајакнат напорите на Москва да го поврати влијанието во Источна Европа“, заклучува Гирагосијан.