Здравјето на затворениците останува во втор план

Затвор, илустративна фотографија

Нема лекари, но и тие кои ги има, не сакаат да работат со нас, се жалат затвореници од затворот Идризово. Недостиг има и на лекарска терапија. Од Управата за извршување санкции велат дека недостигот на здравствени работници е проблем во целата држава, а не само во казнено-поправните установи

И покрај критиките и главните забелешки на неколку домашни и меѓународни организации во делот на здравствената заштита на затворениците во казнено-поправните установи во земјава, затворениците продолжуваат да се жалат на непроменета слика во затворите. Недостиг на медицински лица, лекарска терапија, психијатриска помош...

Дека здравствената услуга е минимална сведочи и еден затвореник во затворот Идризово. Во разговор за нашето радио, И. А. раскажува дека тој и другите затвореници не ја добиваат потребната лекарска грижа и дека токму затоа дел од осудениците умираат.

„Проблемот е што имаме една докторка и таа работи од 10 до два часот. Но, услугата зависи и од расположението, некогаш не брка и не сака да не прегледа. Поради нененавремено постапување починаа некои од затворениците. Никој не води грижа за нас. Тука сме како сираци, заборавени од сите. Има само една забарка, но ако имаш болки, таа дава само апче и ни вика оди на приватно. Повеќе од половина заби ми се расипани, бидејќи нема кој да ми ги направи,“ се жали затвореникот И. А.

Затвореникот укажува и на проблемот со недостиг од медицинска терапија.

„Многу од лековите во амбулантата ги нема. Треба приватно да ги добиеме преку членовите на семејствата, а тоа чини. Или треба да најдеш некоја врска или да потплатиш некој од обезбедувањето да ги пуштат, бидејќи не е дозволено лекови однадвор да се носат. Но што да прават тие кои нема кој да им донесе. Здравствената услуга со години не е добра, а со пандемијата дополнително се усложнија работите. Нема кој да ни направи тестови“, раскажува затвореникот.

Видете и ова: Затворениците со минимум лекарска грижа

Затворениците и притворениците не се здравствено осигурени, наведе неодамна и Државниот завод за ревизија во ревизорскиот извештај на Управата за извршување на санкции при Министерството за правда. Во делот на клучните системски слабости на основниот буџет нотирано е дека не е извршена ниту една внатрешна ревизија и дека затворениците не се здравствено осигурени.

На нашето прашање зошто затворениците немаат здравствено осигурување, од Управата за извршување санкции велат дека секое осудено лице лице по приемот за издржување на казна затвор во КПУ се пријавува во Фонд от за здравство и во суштина сите се здравствено осигурани. Оттаму уверуваат дека проблемот со секундарната и терцијарната здравствена заштита веќе е надминат.

„Проблем настанува кога осудените лица се упатуваат за лекарски прегледи во секундарната или терцијарната здравствена заштита од причина што во Фондот за здравство сеуште се ажурираат плаќањата поради технички и меѓу институционални пречки кои се појавија при електронско воведување на податоците за осигурениците во системот на ФЗОМ и клиентскиот софтвер на УЈП, како и преземањето на фолио бројот од МФ. Оваа пречка е надмината и сега се продолжи ажурирање на уплатата“, велат во одговорот до РСЕ од Управата за извршување санкции.

Клучни препораки на државниот ревизор се дека Управата треба да направи екипирање и функционирање на внатрешната ревизија и редовно да пресметува и во координација со надлежните органи да врши исплата на придонеси за задолжително здравствено осигурување и придонеси врз основа на инвалидност и телесно оштетување за лицата, кои се на издржување казна затвор и издржување на воспитна мерка во воспитно – поправен дом.

И народниот правобранител Насер Зибери, неколку пати досега апелира дека приоритет на властите треба да им биде подобрувањето на здравствените услови на затворениците, особено на луѓето зависници. Тој вели дека нивните извештаи покажуваат дека овие луѓе често не добиваат терапија или ја добиваат, но не на време, а лекарските екипи не се обучени да постапуваат со овие лица. Додава дека има проблем и во однос на бројноста на медицински персонал.

„Во тој дел нема простор за калкулации и одлагања. Министерството за здравство треба да ги преземе мерките. Правото на здравствена заштита на секое лице лишено од слобода или приведено треба да се гарантира, затоа што Законот за извршување на санкции тоа го предвидува“, апелира правобранителот.

Здравствената заштита е моментално најголема системска слабост во казнено-поправните установи потврдуваат и од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Ина Џугуманова од оваа организација вели дека најголем проблем е тоа што нема доволно финансиски средства кои би биле исплаќани како бонуси на здравствените работници со цел истите да бидат стимулирани за да работат во овие установи.

„Тоа се покажува имајќи го предвид фактот дека неколку огласи за вработување на здравствени работници во установите беа неуспешни односно не се пријави здравствен кадар поради тоа што платите не се доволни но и поради стигмата меѓу здрасвтвените работници да работат во овие установи. Ние ги адресиравме нашите препораки до надлежното министерство за здравство, а една од препораките е да се воспостави посебен оддел при Фондот за здравствено осигурување, кој ќе биде стриктно надлежен за здравствената заштита во казнено- поправните установи, како би можеле осудените лица да имаат непречен пристап до здравствена заштита, што е основно човеково право,“ вели Џугуманова.

Видете и ова: Кој се грижи за бездомните лица?

Од Управата за извршување санкции велат дека недостиг на здравствен кадар има особено во казнено-поправниот дом Идризово каде се сместени повеќе од 50 проценти од затворениците, а имаат само еден лекар, еден стоматолог и еден психијатар.

„За решавање на проблемот во повеќе наврати се остварени работни средби со ЈЗУ Здравствен дом Скопје и со Министерство за здравство, меѓутоа решение е тешко да се најде бидејќи во пет наврати се распишува оглас за вработување на здравствени работници во КПД Издризово но на огласите не се пријавува никој. Како што знеме и во цела РСМ проблемот со недостаток на здравствени работници се повеќе е евидентен. Од наведените причини сметаме дека не се работи за неквалитетна здравствена заштита туку со расположливиот кадар не може во целост да се покријат потребите за здравствената заштита за осудените лица. Во останатите КПУ-ВПУ се случуваат евентуално помали проблеми и генерално затворските установи се задоволни од пружената здравствена заштита од локалните ЈЗУ“, велат од Управата.

Џугуманова укажува и на други недостатоци во однос на здравствената заштита во затворите.

„При нашите мониторинг посети во разговор со осудените лица и здравствениот кадар во установите забележавме дека осудените лица имаат пречки во нивниот пристап до секундарна здравствена заштита, на пример доколку им е потребен оперативен зафат, тие го немаат потребното здравствено осигурувае, па треба да го платат од сопствени средства кои ги немаат.Понатаму голем дел од нив кои страдаат од хронични болести, психички проблеми итн. ја немаат потребната медицинска терапија препишана од специјалист“, вели Џугуманова.

И адвокатите на бизнисменот Орце Камчев во изминатиот период постојано реагираат дека здравствената состојба на нивниот клиент е влошена, а тој наводно, не го добива соодветниот лекарски третман додека е во притвор. Тие реагираа и во Европскиот суд за човекови права од каде што бараат одговори од македонската Влада.

Од Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) деновиве го одбиле барањето на адвокатите на Камчев, со кое се бараше на државата да и се изрече времена мерка, односно да и наложи на македонските власти да го пушти Камчев во домашен притвор и да му бидат извршени прегледи од кардиолог.

И во последниот извештај на Комитетот на Советот на Европа (објавен летово) се наведува дека затворените луѓе добиваат неквалитетна здравствена заштита поради неподготвеноста на Министерството за здравство да преземе повеќе „стратешки пристап“ при неговото работење.