Зголемено присуство на НАТО на северот на Косово
Во околината на Лепосавиќ, општина на северот на Косово, населена со мнозинско српско население, е забележано зголемено присуство на американски војници на КФОР, кои служат на Косово. Ситуацијата на ова подрачје на Косово е мирна.
На северот на Косово, на 31 јули и 1 август, дојде до зголемување на тензиите, бидејќи локалните Срби подигнаа барикади за да се спротивстават на две одлуки на Владата на Косово, за регистарски таблички и документи.
Мисијата на НАТО на Косово, КФОР, постојано повторува дека е подготвена да интервенира доколку се загрози стабилноста на северот на Косово.
Американски припадници на КФОР во Јариње, северно Косово. Патиштата кои водат до граничниот премин Јариње, кој ги поврзува Косово и Србија, беа блокирани со барикади на 31 јули и 1 август. Сепак, тие беа отстранети попладнето на 1 август.
Присуството на КФОР може да се забележи и во Рудар, друго место на северот на Косово каде што пред 3 недели беа подигнати барикади. Засилено присуство на Кфор е забележано долж целиот автопат Митровица-Рашка, на северот на Косово.
КФОР има близу 4.000 војници на Косово и работи под мандат кој произлегува од Резолуцијата 1244 на Обединетите нации.
Владата на Косово попладнето на 1 август ја одложи примената на две одлуки за српските регистарски таблички и документи до 1 септември. Одлуката за регистарски таблички се однесува на пререгистрација на сите автомобили кои возат на север, а се опремени со српски таблички. Одлуката за документите се состои од издавање на влезно-излезен документ за сите граѓани на Србија кои влегуваат во Косово. Србија оваа практика за граѓаните на Косово ја применува веќе 11 години.
По порастот на тензиите, косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ се сретнаа во Брисел, како дел од дијалогот со посредство на Европската унија. На средбите одржани на 18 август, страните не постигнале никаков договор за регистарски таблички и документи. Сепак, ЕУ најави дека Косово и Србија ќе го продолжат дијалогот за овие прашања, како и за конечниот договор за целосна нормализација на односите.