Зголемен број заболени од Ковид 19, мерките исти

Прес-конференција: министерот за здравство Венко Филипче и претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски.

Остануваат на сила постоечките рестриктивни мерки, без продолжување на полицискиот час, соопштија здравствените власти. Според нив, во моментов има доволен број на болнички кревети во ковид центрите, а вакцинацијата против Ковид-19 се очекува да започне до првата недела на април.

Зголемен е бројот на заболени од Ковид-19, но состојбата се уште може да се менаџира, изјавија денеска министерот за здравство Венко Филипче и претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски.

Тие на заедничка прес-конференција информираа дека во моментов сите ковид центри во земјава се ставени во функција, каде има доволен број на болнички кревети и затоа остануваат на сила постоечките рестриктивни мерки.

„Тоа што беше заклучок денеска, е дека оваа важечка рестрикција на движењето после 22 часот треба да остане иста, дека нема да се надополнува и дека дефинитивните резултати ги очекуваме кон крајот на оваа недела и почетокот на следната“, изјави Филипче.

Инаку, поради зголемениот број на новозаразени од коронавирусот владата на 9 март ја донесе мерката за воведување на полициски час од 22 до 5 часот наутро, по предлог на Комисијата за заразни болести.

Зголемен беше и бројот на пациенти кои се лекуваат низ ковид центрите и болниците низ Македонија. Во моментов се примени над илјада пациенти заболени од Ковид-19, а според Филипче под најголемо оптеретување во моментов се Скопје, Прилеп, Гостивар, Велес...

Неделниот извештај на Институтот за јавно здравје покажува над 22 отсто зголемување на бројот на позитивни случаи во однос на минатата недела, а расте и бројот на починати пациенти.

На новинарско прашање за информациите објавени во медиумите дека заболени пациенти не се примаат во болниците, Филпче одговори дека е можно пациенти да чекаат во болниците, но дека не е вистина оти не се примени.

Според Филипче, полицискиот час од 22 до 5 часот ќе има ефект, бидејќи како што рече, младите се тие кои не ги почитуваат мерките, а го пренесуваат вирусот. Резултатите од мерката се очекуваат да се покажат до следната недела, рече тој.

Масовна вакцинација од април?

Земјава досега доби мал број на вакцини против Ковид-19. Засега се вакцинирани само дел од здравствените работници со малиот број на дози кои пристигнаа од Србија и една пратка од 3.000 вакцини од Русија.

Бројни се критиките во јавноста за бавниот процес на вакцинација. Во оваа насока, пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ предлага Собранието да расправа за интерпелација на министерот за здравство Венко Филипче, обвинувајќи го за нерегуларности околу набавката на кинеските вакцини и дека земјата е меѓу најлошо рангираните во светот во справувањето со кризата и според бројот на вакцинирани жители.

Пет земји членки на ЕУ бараат рамноправна распределба на вакцините

За процесот на вакцинација, Филипче денеска рече дека е свесен оти тој не се одвива како што треба, но посочи дека доцнењето на испораката на вакцините е состојбата присутна во многу земји и дека светот буквално „води војна“ за вакцини. Тој додаде дека во тек е вакцинацијата на здравствените работници и дека досега се вакцинирани 5.300 лекари. За набавките на вакцини, тој рече тие можат временски да бидат „одолговлечени“, но дека масовната вакцинација би започнала во април.

„Очекуваме да профункционира КОВАКС системот преку којшто би стигнале околу 100.000 вакцини. Во тој временски период интензивно разговараме и со кинеските и со руските претставници за вакцини, ги чекаме и нивните најави. Се уште го немаме точниот датум, но имаме причина да веруваме дека тоа ќе биде некаде до првата недела во април“, рече Филипче.

Во однос на вакцинирањето со вакцината на компанијата „АстраЗенека“, која е прекината во повеќе земји во Европа, Филипче рече дека сите вакцини кои ќе влезат во земјава се безбедни. Тој рече дека Европската агенција за лекови (ЕМА) ќе ги анализира случаите со несакани ефекти од оваа вакцина и дека земјава ќе се води според официјалните препораки на ЕМА, на производителот и на македонскиот Комитет за имунизација. Фиипче напомена дека лично би се вакцинирал со вакцината на производителот „АстраЗенека“.

Можна е реинфекција

На прашањето за случаи на пациенти кои по втор пат се заразени од коронавирусот, претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски изјави дека досега има 116 такви случаи на ре-инфекција и дека двајца пациенти починале. Возможна е ре-инфекција и будно ја гледаме состојбата што од вкупниот број позитивни е 0,2 проценти, рече Караџовски.

Караџовски и Филипче апелираа дека пандемијата е се уште тука и дека граѓаните мора да ги почитуваат заштитните мерки, посочувајќи дека состојбата е лоша дури и во земјите каде се спроведува вакцинација. Филипче исто така информираше дека е разрешен директорот на струшката болница, по случајот во кој на родилка од Струга и беа отстранети матка, јаник и бубрег и дека нова комисија ќе треба да го разгледува случајот.

Од почетокот на епидемијата во март минатата година се заразија 113.929 лица. Во моментов има 11.889 активни случаи, од кои најмногу во Скопје. Досега вкупниот број на починати од Ковид-19 во земјава достигна 3.364 случаи. Во дневните извештаи на Министерството за здравство во изминативе неколку дена, беа регистрирани по околу 20 починати пациенти дневно. Само од 8 до 14 март починале 129 пациенти.