Казните за неносење заштитна маска без ефект

Луѓе со маски во Скопје

По околу 400 казни во просек на ден изрекува МВР за неносење на заштитна маска, шал или марама. Од изрекувањето на мерката до денес, бројката на прекршители не се намалува и покрај апелите на министерот за здравство Венко Филипче дека нема оправдување за тие што не ги почитуваат мерките.

Министерството за внатрешни работи секојдневно казнува стотици граѓани низ државата за неносење заштитни маски, шал или марама како превенција за спречување на ширењето на коронавирусот. И покрај постојаните апели да се почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата бројките на регистрирани прекршоци не опаѓаат.

Уредбата на Владата беше донесена на 22 април, а стапи на сила ден подоцна, но најпрвин граѓаните добиваа само опомена, а од 1 мај започнаа да се изрекуваат и казни за оние кои не ја почитуваат мерката. Казната изнесува 20 евра, а доколку се плати во рок од 7 дена сумата е двојно помала или 10 евра.

Според податоците на МВР, од мај до 4 август вкупната бројка на прекршоци изнесувала 36.626 или во просек околу 12 илјади месечно. На дневно ниво пак просекот се движи на околу 400 изречени казни, а истиот тренд продолжува и месецов. Тоа значи дека МВР секојдневно инкасира најмалку 4000 евра или месечено најмалку 120 илјади евра.

Видете и ова: Економијата ќе заживее кога пандемијата ќе се стави под контрола

Александар Цветкоски од Асоцијација за граѓанска толеранција и соработка АГТИС, вели дека е опадната довербата на граѓаните во институциите, особено кај дел од младите кои не носат маски во знак на општествен бунт, бидејќи не гледаат светло на крајот од тунелот.

„Од една страна казните се многу ниски, а од друга страна работата не ја фативме од почетокот, кога беа оние силни мерки кога имаше и силна убеденост кај граѓанството дека треба да се справиме со короната со повисоко ниво на дисциплина тогаш потфрлија институциите, почнаа да ја омлитавуваат својата акција и се разбира сето тоа беше насочено кон изборите. Гледаме дека и во Македонија и во Србија им дадоа погрешни пораки на луѓето, ги опуштија за да гласаат онака како што тие сакаат. Сега едноставно е падната довербата дека мерките кои ги пропишуваат властите се оние кои треба да се случуваат“, вели Цветкоски.

Министерот за здравство Венко Филипче пред некој ден порача дека не е тешко и нема оправдување за тие кои не носат маска и кои не ги почитуваат мерките.

„Лекарите и медицинските лица секојдневно работат со заштитни маски и дополнителна заштитна опрема, но и во многу други професии вработените целиот работен ден го поминуваат со заштита. Не е тешко и нема оправдување за тие кои не носат маска, кои не ги почитуваат мерките. Носам заштитна маска затоа што водам грижа за моите најблиски - семејство, колеги и пријатели. Затоа што секој од нас има одговорност да се грижи и за здравјето на тие околу себе. Грижата за себе во исто време е и грижа за тебе. Апелирам на почитување на мерките без исклучок“, изјави Филипче.

Видео - СЗО препораки за носење заштитни маски

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

СЗО со 5 совети за заштитните маски

Според Цветкоски, развивањето на свеста за граѓанската дисциплина не само за пандемијата на ковид-19, туку воопшто за сите акции кои треба да се преземат е неопходно, ако сакаме да бидеме нормална држава.

„Но, тоа воопшто не се прави затоа што ние немаме навика да спроведуваме комплексни акции во кои актерите се држат до улогите кои им се наменети. Ние носиме закони, само за да се донесат, а никој не ги почитува. Спроведуваме мерки за кои едноставно не им е гајле, туку полицијата гледа дали денеска треба да казнува или не. Значи не можеме така треба мајка и татко да ни биде законот, а не функционерот и тој што наредува. Едноставно јас мислам дека во властите и во нивната недоследност лежи целата равенка“, додава тој.

Пред некој ден во угостителски објект во Скопје беше физички нападнат вработен по расправија со гостин за носење на заштитна маска.

Освен за граѓаните казни од 2000 евра се предвидени и за правни лица кои нема да обезбедат заштитна опрема за своите вработени, а за одговорното лице во фирмата казната е 500 евра.

Вкупната бројка на Ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата до 13 август изнесува 12.357, бројката на оздравени пациенти е 8.662, на починати е 532, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.163.