Комитетот за заштита на новинари бара Русија да го укине законот за странски агенти

Илустрација

Руските власти ги изготвија своите први осум административни протоколи, сите против Радио Слободна Европа, за прекршување на законот за странски агенти. Комитетот за заштита на новинари бара да престанат заканите и цензурата врз новинарите.

Комитетот за заштита на новинари (КЗН) соопшти дека руските власти треба да го повлечат контроверзниот закон за странски агенти и да обезбедат рускиот телекомуникациски регулатор Роскомнадзор да не се користи за закани и малтретирање медиумски организации и цензура на новинарите.

„Руските власти редовно смислуваат нови алатки и спроведувања за да го попречат протокот на вести и информации на штета на нивната сопствена јавност“, рече Гулноза Саид, програмски координатор за Европа и Централна Азија во КЗН.

Забелешките на КЗН доаѓаат два дена откако Роскомнадзор ги изготви своите први осум административни протоколи, сите против Радио Слободна Европа, за прекршување на законот за странски агенти.

„Прекршоците се однесуваат на тоа што медиумите кои вршат функции на странски агент не ги почитуваат барањата на Законот за означување на информациите кои тие ги шират“, соопштија од Роскомнадзор на нивната веб-страница на 12 јануари.

Протоколите се насочени кон четири проекти на РСЕ на руски јазик – неговиот главен сервис за Русија – Радио Слобода, телевизијата и дигиталната мрежа „Денешно време“ (Current Time)“,, и Сибир реалити и Идел реалити, два регионални сајта кои објавуваат локални вести и информации за публиката во Сибир и во регионот Волга-Урал.

Овие медиуми не ја означиле нивната содржина како „производ на странски агент“, се наведува во протоколите.

Законот за странски агенти, првично донесен во 2012 година, бара од посочените организации да ги пријават своите активности и да подложат на финансиска ревизија. Измените на законот од декември ги обврзуваат медиумите да ги етикетираат определените поединци или организации како странски агенти кога и да ги споменат и го проширија законот да се однесува на поединци кои работат во медиуми кои се финансирани од странство.

Роскомнадзор на 12 јануари соопшти дека протоколите ќе бидат испратени на суд во рок од три работни дена за да одлучи за казните кои може да бидат до 50 илјади рубљи (679 долари) за поединец и 500 илјади рубљи (6800 долари) за компании. Поединците исто така може да се соочат со затвор од пет години ако бидат осудени за прекршување на законот за странски агенти.

Ова е првпат по донесувањето руските власти да бараат казни според законот за странски агенти.

„Москва со своите репресивни закани точно демонстрираше зошто се потребни Радио Слободна Европа и „Денешно време“(Current Time)“, рече претседателот на РСЕ Тед Липиен, додавајќи:

„Кремљ може да ни отежни да им пружиме точни информации на Русите и на другите. Но, не може да нè спречи да ја играме таа суштинска улога.“
КЗН соопшти дека побарале коментар од Роскомнадзор и од руското Министерство за правда, но не добиле никакви одговори.

Москва минатиот месец започна да додава поединци на списокот, меѓу нив и тројца новинари дописници на Радио Слободна Европа: Људмила Савицкаја и Сергеј Маркелов, хонорарни дописници за Северниот деск на сервисот на руски јазик на РСЕ и главниот уредник на интернет страницата за вести на провинцијата Псков и соработник на рускиот сервис на РСЕ, Денис Камаљагин.

Руските власти во декември на листата ја додадоа и Медиум Ориент, новинска агенција со седиште во Чешка, која е матична компанија на веб-страницата за вести Кавказ Тајмс.

Проект-координаторот на Медиум-Ориент, Ислам Текушев, за КЗН изјави дека нема постојан престој или биро во Русија, што, според него, треба да го изземе од Законот за странски агенти. Тој планира да ја обжали одлуката пред рускиот суд.

Руските власти велат дека нивниот потег од 2017 за измени и дополнување на Законот за странски агенти во кој се вклучуваат и мас медиумите е „симетричен одговор“ на барањето на САД рускиот државен канал РТ да се регистрира како странски агент според Законот за регистрација на странски агенти на САД.

Американските власти велат дека потегот не е симетричен, тврдејќи дека законите во САД и во Русија се разликуваат и дека Русија го користи својот Закон за странски агенти за да го замолчи несогласувањето и да ја обесхрабри слободната размена на идеи.