Одложено судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово

Ден по пожарот во модуларната болница во Тетово

На 8 септември минатата година животот во пожарот го загубија 14 лица. Три физички и едно правно лице се обвинети во случајот, додека се уште трае предистражната постапка за набавката на модуларната болница.

Првото рочиште за пожарот во Модуларната болница во Тетово е одложено за 14 октомври поради отсуство на дел од обвинетите. Предметот е распределен кај судијата Јордан Велковски, а за случајот обвинети се три физички и едно правно лице. На 8 септември, минатата година во болницата во која се лекуваа пациенти заразени со Ковид-19 животот го загубија 14 лица.

Видете и ова: Случај Арачиново: Надежи и ветувања дека ќе нема кражби на струја

Поранешните директори на Клиничка болница Тетово, Флорим Бесими и Артан Етеми се товарат дека сториле тешки дела против општата сигурност, а третиот, докторот Б. В е обвинет за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија. Додека правно лице Клиничката болница Тетово е обвинето дека сторило две кривични дела предизвикување општа опасност и непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.

„Се што имам да кажам за овој судски процес за трагичниот случај ќе го кажам пред судот. Јас сум убеден дека судскиот систем ќе ја докаже вистаната и само вистината“, рече обвинетиот Бесими.

Другиот обвинет Етеми не се појави во тетовскиот суд поради работни обврски.

Истрагата на тетовското обвинителство се однесуваше на надзорот и техничкиот прием на модуларната болница, од кои материјали е изградена, приклучоците за вода, снабдувањето на кислород и електрична енергија, стандарди за противпожарна заштита. Во истрагата учествуваа и експерти и истражители од Сојузната криминалистичка полиција од Германија, а нивниот извештај од седум страници беше доставен до обвинителството во средината на јануари.

Економскиот директор на тетовската болница Етеми заедно со директорот на болницата Бесими по несреќата поднесоа оставка од функцијата.

Етеми ден по отворањето на ковид-центарот на 15 април изјави дека се утврдени грешки при изградбата, односно забелешките се однесувале на подот и неколку мали инфраструктурни грешки.

Тој по несреќата рече дека тогаш биле констатирани ситни пропусти, како поправка на подот во ходникот, инсталација на туш кабина или ставање заштитна ограда што, според него, било направено.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Најмалку 14 починати во пожарот во тетовскиот ковид центар

Обвинителството во октомври, минатата година го објави извештајот изработен од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР. Со вештачењето се утврди дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.

По воочена појава на пламен, како што посочија од обвинителството, присутниот медицински персонал презел обид за гаснење, но настанало бурно ширење на пожарот по целиот објект, простирајќи се по кровните панели кон ниските предели на панелните ѕидови и болничкиот инвентар.

„Со оглед на тоа што сите хоспитализирани пациенти биле приклучени на централниот довод за кислородна поддршка, а со тоа и процентуалното присуство на кислород во целиот болнички простор било зголемено, како и поради настанато оштетување на кислородната инсталација во текот на пожарот, огнот се проширил по целиот објект за многу краток временски период. Кон ова придонел и фактот што во поткровниот простор на објектот не постојат прегради помеѓу модулите/просториите и кон ходникот кои би го успориле пренесувањето на огнот“, соопштија тогаш од обвинителството.

Извештајот на германските експерти ги потврди таквите наоди.

Јавната набавка во предистражна постапка

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ја отвори предистражната постапка веднаш по несреќата, која се уште трае веќе една година.

Набавката беше спроведена од Министерството за труд и социјална политика со заем од Светска банка.

Видете и ова: Каде што има чад, таму ќе никнат и згради

„Набавката на модуларните монтажни контејнери во 17 општини, е спроведена со меѓународна објава за набавка, во согласност со регулативите на Светска банка. Набавката се одвива во рамките на проектот за Итно справување со кризата предизвикана од вирусот Ковид 19, чиј носител е МТСП. Потписник на сите договори во рамките на проектот е МТСП, иако предмет на дел од набавките се однесува за потребите на Министерството за здравство, односно Јавните здравствени установи. Министерството за здравство, пак во директна постапка ги има набавено монтажните контејнери, односно модуларната болница за КИБФС и амбулантите за Клиника за пулмологија“, велат од Министерството за здравство.

Фирмата Брако и ЈБТ АРИ и ТОМ од Валандово ја добија набавката на контејнерите за модуларните болници. Додека пак само фирмата Брако ја доби набавката за инвентарот и опремата во ковид центрите.

Сопственици на Брако, според документацијата за набавката, се поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев и Благој Шалев. Но, овластеното лице кое ги потпишува двете набавки е Шалев. На фирмата ЈБТ АРИ и ТОМ сопственик е Аристотел Исиров кој е и потпишан на договорот.

Во модуларната ковид болница во Тетово на денот на несреќата беа хоспитализирани 26 пациенти, од кои 14 загинаа, а 12 беа безбедно евакуирани. Од починатите 12 се пациенти и двајца роднини на пациент на возраст од 29 до 78 години.