Министрите за надворешни работи на земјите од Западниот Балкан, на иницијатива на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, денеска испратија писмо до комесарот за трговија Фил Хоган, комесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји и до високиот претставник на ЕУ и потпретседател на ЕК Жозеп Борел со барање за изземање на земјите од Западен Балкан од регулативата на ЕУ со која одредени медицински продукти за лична заштита беа ставени под режим на извозни рестрикции, односно специјални извозни дозволи, соопшти Министерството за надворешни работи.
„Ние, партнерите од регионот, се обединивме и итно и предлагаме на Европската комисија, во предлогот за ревизија на регулативата која е во тек, да предвиди изземање од потребата за специјални извозни дозволи за нашиот регион. Изземањето ќе испрати силен сигнал дека сите ние како Европејци работиме заедно за успешно да се соочиме и да го надминеме овој огромен предизвик“, пишале шефовите на дипломатиите од земјите од Западен Балкан до ЕУ, соопшти МНР.