Земјоделците не се против замрзнувањето на цените, но во случај на таква одлука бараат државата да им помогне во производството.
Откако Владата најави дека ќе ги следат и цените на овошјето и зеленчукот, од Асоцијацијата на земјоделци велат дека во случај на замрзнување на цените, Владата треба да интервенира за да помогне во трошоците на земјоделците при производството.
„Само на тој начин може да се согласиме да има замрзнување и цените да бидат уште пониски во државава, но замрзнувањето на цените не смее да биде на товар на земјоделците, туку на товар на државата затоа што ние вложуваме во производството“, вели Перо Стојковски, претседателот на Асоцијацијата на земјоделци.
Цените на овошјето и зеленчукот во межувреме и натаму растат. Во моментов кромидот достигна цена од 80 денари по килограм. Килограм краставици се околу 100 денари, а доматите околу 140 денари.
Видете и ова: Замрзнати цени - кој добива, а кој губи?Граѓани: Политичари се сликаат по маркети, а народот нема за јадење
Граѓаните што ги анкетиравме во центарот на Скопје велат дека цените се превисоки, но дека замрзнувањето требало да се направи многу порано пред да се покачат цените.
„Треба да се замрзнат иако веќе е преголема скапотија, цените се превисоки, не е ниту за коментирање, порано сме можеле да си дозволиме, сега е мизерно, “, вели Крсте од Скопје.
„Треба да се замрзнат под итно, но нека дадат бенефиции и на луѓето што ги произведуваат, да не страдаат и тие, туку Владата нека партиципира кај нив, а луѓето да има да јадат“, вели Андон Дончевски.
„Замрзнувањето на цените треба да биде на половина од цените што се сега, бидејќи сега се е веќе тродупло повисоко. Велат плата покачиле, па каде е платата, пензионерите по 8.000 денари добиваат, тоа е катастрофа, сега ќе ја намалат цената, па потоа одат политичарите и се сликаат по маркетите. Народот разбира“, вели пензионерка од Скопје.
Видете и ова: Мешање во пазарот или борба против прехранбени картели?Бектеши: Ќе бидат замрзнати и цените на дел од овошјето и зеленчукот
Министерот за економија Крешник Бектеши денеска најави дека најверојатно утре, на владина седница, ќе се донесе одлука за замрзнување на цените на хигиенските производи, а во текот на оваа недела ќе бидат замрзнати и цените на дел од овошјето и зеленчукот.
За овошјето и зеленчукот Бектеши рече дека вчера ги добил анализите од Министерството за земјоделство.
„Денеска мојот тим работи, најверојатно цените на повеќе од пет-шест производи ќе бидат замрзнати во текот на оваа недела. Ги чекаме и анализите од Царинската управа за увозните цени на трговците за да видиме колку е ралзиката во делот на маржите“, нагласи Бектеши.
Освен ограничувањето на цените на дел од земјодеските култури, министерот за економија Бектеши најави дека на утрешната владина седница најверојатно ќе биде донесена одлука за замрзнување на цените на дел од хигиенските производи на истиот начин како што тоа е направено кај прехранбените производи.
МЗШВ поддржува замрзнување на цените кај овошјето и зеленчукот
Најавата за замрзнување следува откако од министерството за земјоделство соопштија дека тие веќе направиле анализа и заклучиле дека замрзнување на цените нема да влијае во намалувањето на откупните цени за земјоделците. Анализата е правена според висината на трошоците кои земјоделците ги имаат за производство на овие видови производи.
„Како министерство следиме два парметри преку кои ги креираме мерките, а тоа е системот за следење на приозводствената цена на фарма, односно колку се реалните трошоци за производство на земјоделците, и пазарниот инфо систем каде се следат цените на големо и мало за земјоделските производи“, велат од МЗШВ.
Цените на земјоделските производи се формирани од производствените трошоци кои ги имаат земјоделците и од маржата на трговците со земјоделски производи. Оттука сакаме да напоменеме дека цената на пазарот е значително повисока од цената за која што добива самиот производител и кај продажната цена голема улога има маржата поставена од откупувачите и трговците.
„МЗШВ дава поддршка за замрзнувањето на цените кај овошјето и зеленчукот бидејќи таквото замрзнување во овој момент нема да влијае во намалувањето на откупните цени за земјоделците. Сепак врз основа на сите параметри крајната одлука по ова прашање ја има министерството за економија“, велат оттаму.
Видете и ова: Со замрзнувањето на цените заштеда од 200 денари месечноЗамрзнување на цените на репроматеријалите
Според Стојковски од Асоцијацијата на земјоделци, државата наместо на цените на производите треба да размислува на замрзнување на цените на репроматеријалите кои вели се превисоки. Друга опција која вели треба да се разгледа е слободен увоз на репроматеријал.
„Ако пример во Србија чини еден денар кај нас чини 5 денари. Тука треба министерството за економија да обрне повеќе внимание за да имаме порентабилно земјоделско производство. Или слободен увоз, значи да можеме ние како земјоделци да ги набавуваме репроматеријалите по пониска цена така и произведстовто ќе чини помалкуи, јас сметам дека кај нас има монопол во увозот, кое го оптеретува земјоделското производство, ги набавуваат трговците, ние немаме право, “
Во Македонија земјоделството, заедно со прехранбената индустрија вработува 10% од вкупно вработените кај правните лица, а во вкупниот БДП учествува со 18% , од кое само земјоделството и рибарството со 12% , со 6% прехранбената индустрија. Со производство и преработка на храна во Македонија се занимаваат 7100 претпријатија.
Од 16 март тестенините во маркетите се продаваат со пониски цени за 10 проценти, а млечните производи за 15 отсто.
Претходно, владата ја замрзна и цената на белиот леб и полубелиот леб до 33 денари, а идната недела се очекува одлука дали ќе се замрзне цената и на други основни прехранбени производи.
Одлуката за замрзнати цени ќе важи до 31 мај. Владата најави продолжување на мерката ако има нелогичности во цените.
Иако цените на храната на меѓународниот пазар веќе цела година се намалуваа, тој тренд не го следеа македонските производители, па Владата донесе одлука за замрзнување на цените.