Владата доцна синоќа донела одлука за замрзнување на цените на основните продукти - леб, сол, зејтин, млеко и млечни произвои, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциони средства, со состојба на денот на прогласувањето на пандемијата од СЗО, освен за оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури.
Тоа значи дека трговците нема да смеат да ги зголемуваат цените на основните производи повеќе од цената која е утврдена како референтна, а таа е онаа што тие продукти ја имале на денот кога СЗО прогласи пандемија, односно 11 март.
Веднаш по донесувањето на одлуката, министерот за економија Крешник Бектеши, објави дека од денеска ќе има високи казни за тие што неосновано ги зголемуваат цените на основните производи, обидувајќи се да профитираат за време на криза. Министерот денеска ќе одржи работен состанок со сопствениците на најголемите супермаркети во земјата, на кој ќе се дискутира за мерките за спречување на ширење на вирусот КОВИД-19, како и за цените на основните производи.