Законот ги спречува да го исчистат токсичниот отпад од „Југохром“

Езерца со црвена и жолта боја создадени од токсичните води од депонијата на фабриката Југохром во Јегуновце.

Депонијата со хром во Јегуновце може да се исчисти за помалку од четири години, тврдат научници од земјава. Тие велат дека за тоа имаат план и техологија, но дека чистењето не може да почне бидејќи чекаат државата да го смени Законот за животна средина. Од надлежното министерство велат дека во тек е постапката за усвојување на измените.

Изработен е проект за брзо отстранување на илјадници тони историски опасен отпад создаден од фабриката „Југохром“ во тетовското село Јегуновце, а чистењето треба да биде направено преку патентиран метод и машини на германска компанија која поседува десетици други индустриски патенти за третман на опасни материи во води и почви, тврдат научници кои се дел од проектот.

Тие велат дека цела година чекаат македонските институции да им дадат зелено светло за чистење на депонијата, во недостаток на правна можност за пристап до историската депонијата во тетовско Јегуновце, каде се одложени големи количини канцероген хром. Според нив, за тоа да се случи, потребно е усвојување на измените на Законот за животна средина. Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека измените на законот во моментов се во собраниска процедура, а во однос на технологијата велат дека имало разговори, но дека не бил направен договор за ангажман на компанијата и на експертскиот тим.

Машината на германската компанија „ГлобалКор“ и експертскиот тим кој го изработи проектот за чистење на депонијата на Југохром.

Инаку, депонијата со хром во Јегуновце е дефинирана како еколошка „жешка точка“ која над половина век претставува ризик за животната средина и јавното здравје во Македонија.

Станко Илиќ - Попов е хемиски инженер и дел од проектот кој имал задача да најде еколошко решение за отстранувањето на над 7.000 тони шествалентен хром од депонијата на фабриката „Југохром“ во Јегуновце.

Тој вели дека проектот за чистење на депонијата бил изработен пред повеќе од една година, а дека во него се вклучени германската компанија „ГлобалКор“, која ги произведува машините, во партнерство со фирмата „ПАКТИ СУЛА ДОО КИЧЕВО.“ Дел од тимот исто така е Љупчо Аврамовски – експерт од областа на животната средина.

За изработката на проектот било склучено јавно-приватно партнерство меѓу Министерството за животна средина и просторно планирање и компанијата „ПАКТИ СУЛА ДОО КИЧЕВО“, вели Илиќ-Попов по што биле одобрени и средства за заедничко истражување за определување на хемискиот состав на депонијата во Јегуновце. Попов додава дека билa изработена и студија за оценка на влијание врз животната средина, а било предвидено доколку компанијата приложи решение, да се влезе во фаза на негова реализација.

„Неутрализацијата на депонијата во Јегуновце може да биде завршена во рок од четири години. Во тој период ќе биде направена и ревитализација и ремедијација на почвата и ќе бидат уништени сите канали кои потенцијално се излеваат од самата депонија“, вели Илиќ – Попов.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање, пак, велат дека постоеле разговори со компанијата и дека само и било дозволено да ја демонстрира својата технологијата на терен, но дека не станува збор за направен договор за нејзин ангажман.

Инаку, од депонијата во Јегуновце постојано се излеваат токсични води, кои во нејзина близина создаваат езера со црвена и жолта боја.

„Тоа е буквално чист шествалентен хром. Таму најдовме фрапантни резултати – пет грама на литар. Тоа е буквално на три-четири метри од реката Вардар“, вели Илиќ – Попов.

Тој објаснува дека нивната технологија може да се користи на сите лоакции во светот каде има загадување со тешки метали, како хром, арсен или фурани и дека станува збор за машини кои не се гломазни. Машината е широка метар и половина, висока еден метар, вели тој додавајќи дека со сегашната технологија и метод за отстранување на шествалентниот хром во Јегуновце ќе бидат потребни околу 1.800 години.

„Единствено нешто коешто моментално е проблематично е гласањето на Законот за животна средина, бидејќи Министерството за економија нема право да дава концесија или право на користење на опасен отапд. Министерстото за екологија нема право да издава концесија. Едното министерство има проблем затоа што нема право да издаде концесија, а другото министерство има проблем затоа што е опасен отапд. Ние овој проекeт го завршивме уште во јуни 2020 година и го дадовме како завршен проект дека ние сето тоа можеме да го изработиме и да го завршиме, без разлика на сите препреки на коишто наидовме по патот“, вели Илиќ - Попов.

Третирана вода со машините на германската компанија „ГлобалКор“ од жолтите токсични езерца во Југохром.

Радио Слободна Европа побара одговор од Министерството за животна средина и просторно планирање дали компанијата „ПАКТИ СУЛА ДОО КИЧЕВО“ како партнер на „ГлобалКор“ ќе започне со чистење на депонијата од фабриката Југохром. Од институцијата велат дека компанијата само остварила средба со министерот за животна средина Насер Нуредини на која била презентирана технологијата која ја користи за чистење на шествалентниот хром.

„Досега не е договарано какво било ангажирање на истата“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Во однос на измените на Законот за животна средина, од МЖСПП велат дека тие подолго време не биле усвоени поради прекинувањето на постапката со распуштањето на Парламентот и распишувањето на предвремените парламентарни избори во 2020 година.

„Со почеток на работата на Собранието, истиот, од кога беше повторно усвоен од страна на Владата на РСМ повторно е доставен во понатамошна постапка на усвојување. Собраниската постапка за усвојување е во тек“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Фабриката „Југохром“ е изградена во 1952 година на површина од 6,5 хектари. Лоцирана е на 20 километри северно од градот Тетово во долниот дел на Полошката котлина на место што се граничи со реките Вардар и Габровница. Од нејзината работа има историско загадување на реките, подземните води и воздухот, но дополнително загрижува фактот што во близина на локацијата се наоѓаат изворите на Рашче кои го снабдуваат Скопје со вода за пиење.

Илиќ - Попов вели дека нивната технологија може да се користи за третман на локациите на сите индустриски капацитети во државава, како можност за евтино решение за неутрализација на тешките метали, фураните, органиските соединенија во почвите и водите. Тој додава дека со мали измени на технолошкиот процес машините можат да се користат за третман на голем дел од индустриските води во земјава, како и за проточните води кои ги користат земјоделците за наводнување.

„Кога зборуваме третман за опасни материи, се работи за фурани, шествалентен хром, тешки метали кои се теретираат преку процес на креирање на вештачки вортекс. Вештачкиот вортекс е всушност електромагнтно поле во многу мала површина којашто настанува под дејство на електромагнетни движење и притоа ја забрзува хемиската реакција за 1.000 до 2.000 пати“, вели Илиќ-Попов.

Презентација на проектот кај министерот за животна средина Насер Нуредини. Станко Илиќ - Попов (десно), Љупчо Аврамовски (Лево) до него инвеститорот Џевит Сула и експертскиот тим.

Тој исто така додава дека имаат идеја да го решат и проблемот со арсенот во Лојане, односно како што вели да го направат инертен и подготвен за траспорт.

„Нашата технологија ни овозможува арсенот во Лојане да дојде до степен на неутрализација, до степен на комплексно соединение и потоа да биде безбеден за транспорт надвор од државава во некоја фабрика која ќе го преработи или уништи“, вели Илиќ – Попов.

Југохром и Лојане се две од 16 дефинирани индустриски жешки точки во Македонија каде се депонирани илјадиници тони опасен отпад кој нанесува сериозни штети врз здравјето на луѓето. Жешките точки се создадени главно од металургијата и термоелектраните и во континуитет загадуваат големи површини од почвите, водите, воздухот и храната во земјава. Меѓу нив се Охис во Скопје, депонијата на топилницата за олово и цинк во Велес, депониите на Бучим и Лојане, рудиците за олово и цинк Саса и Тораница, Макстил во Скопје, Злетово во Пробиштип, термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј, Фени индустри и други.