Европското знаменце ја активира пратеничката гласачка машина

За еден месец се очекува пратениците да изгласаат 15 закони во скратена постапка со европско знаменце. Еден од нив е законот за опојни дроги, на чие усвојување опозицијата се противи. Аналитичарите велат дека оваа постапка често се злоупотребува.

Овој месец пратениците ќе засукаат ракави, затоа што од следниот месец ќе бидат на „одмор“ поради почетокот на изборната кампања која понува на крајот на Септември. Првиот круг на локалните избори е закажан за 17 Октомври. Во овој период до кампањата на собраниската агенда се ставени околу 15 закони со европско знаменце кои ќе треба на наредните две пленарни седници да се изгласаат.

Меѓу нив се и неколку закони кои ја разбрануваа јавноста, особено опозицијата која се противи на нивното донесување. Еден од нив е законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции кој го предлага Министерството за здравство.

Видете и ова: Канабис од Африка преку Македонија до пазарот во ЕУ

Со овој закон се предвидува да се формира Агенција која ќе биде задолжена за контрола на одгледувањето и екстракцијата на канабис и производство на канабис и препарати од канабис за медицински и научни цели. Спроведувањето на овој закон ќе чини 53 илјади евра од кои 45 илјади евра ќе бидат предвидени годинава за плати за најмалку пет вработени и директор на Агенцијата. Според предлог законот, со формирањето на Агенцијата на македонските производители на канабис но и на фармацевтските фирми кои имаат дозвола за екстракција на канабисот, им се овозможува полесен извоз на сув цвет од канабис и готови производи од канабис со ТХЦ И ЦБД во Европските земји. На пример Германија дозволува увоз само од земјите каде што производството на канабис е контролирано од државата во согласност со Конвенцијата на ОН.

Власта посочува дека цели на законот се спречување и сузбивање на злоупотребата на опојните дроги и психотропни супстанци.

„Цел на законот е спречување на недозволено производство и промет на опојни дроги, психотропни супстанции и растенија од кои може да се добие опојна дрога, и супстанции кои можат да се употребат за производство на опојни дроги или психотропни супстанции,“ се вели во предлог законот кој е ставен на Пленарна седница на 14 септември.

Опозицијата не се согласува со тоа и обвинува дека со овој закон се отвораат вратите за државата да се претвори во еден голем наркокартел. Игор Николов, од Комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ вели дека со ставањето на европското знаменце на законот во Собранието се лимитира дебатата на максимум три дена.

Видете и ова: Легалната марихуана завршува на нелегалниот пазар

„Доколку не се има доволно време да се издебатира, да се прецизира кој ќе ги издава лиценците, како ќе се контролира тоа што е издадено, постои голема можност за манипулација и злоупотреба на законот“ изјави Николов во интервју за Радио Слободна Европа.

Честото носење на закони со европско знаменце е класична злоупотреба на тој механизам на ЕУ, вели политичкиот аналитирачар Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетас цивилис.

„Политичката пракса на партиите во парламентот е воопшто да не се слуша другата страна, партиите прибегнуваат на филибастеринг што делумно е разбирливо бидејќи нема политичка култура која што нивните интереси односно интересите на граѓаните што ги претставуваат би се вклучиле во законските решенија. Кога тој процес не функционира во Собранието неминовно е дека ќе се пристапува кон блокада и како резултат на тоа како контрареакција се јавуваа оваа злоупотреба на европското знаменце“ вели Трошановски.

Тој додава дека таа пракса треба да се прекине, затоа што и во извештаите од Европската унија е посочена како не демократската пракса, а со тоа и да се намали просторот за злоупотреба.

Пратениците се враќаат на работа во Собранието

Видете и ова: Дуковски: Македонија може да живее од извоз на медицински канабис

Во листата на закони со европско знаменце кои се очекува да биде месецов донесен е и пакетот закони за управување со отпад за кој невладините организации реагираа бурно дека се носи без да се земат предвид мислењата и ставовите на експертите и јавноста. Со новите регулативи кои се очекува допрва да бидат усвоени на почетокот на септември по завршувањето на годишните одмори, како што е Законот за управување со отпад, се предвидува да остане забраната за увоз на отпад што се користи како алтернативно гориво, по поднесени амандмани на дел пратеници.

Во собраниските комисии на дневен ред се и измените на законите за полиција, законот за внатрешни работи, потоа законот за управување со кризи, како и законите за административни службеници, за прекршоци. Собраниските комисии се закажани на 15 минути, што значи дека пратениците планираат да ги усвојат без да дебатираат за нив.

На собраниската веб страна како незавршени стојат осум седници од 2021 година, од кои пет биле закажани од мај до јули.

Пратениците на одмор, локалните избори распишани, изборниот законик на пауза

Нова седница се најавува за средината на септември, додека нови материјали пристигнати овој месец се Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за иновациската дејност, Предлог на Закон за академија за судии и јавни обвинители, Предлог на Закон за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, Предлог на закон за лековите, Предлог на закон за парничната постапка, Предлог на закон за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство.