Заев се консултира, Пендаровски го чека името на мандатарот

Премиерот Зоран Заев на митинг за локалните избори

Претседателот Пендаровски го чека предлогот за мандатарот за состав на Владата, премиерот Зоран Заев прави консултации и во партијата и во владиното мнозинство за можниот наследник. Во меѓувреме се заканува енергетската криза.

Претседателот Стево Пендаровски во однос на состојбата во државата ќе постапува согласно неговите уставни надлежности, одговараат од кабинетот на шефот на државата на прашањето на Радио Слободна Европа дали планира да ги викне лидерите на партиите и првите луѓе на клучните институции земајќи ја превид политичката криза.

„Откако ќе биде познато името на новиот мандатар, претседателот ќе го додели мандатот за состав на идната Влада“, одговораат кратко од кабинетот на Пендаровски.

Видете и ова: Ја нема оставката на Заев во Парламентот, нема ни ново мнозинство

Името на мандатарот според досегашните неофицијални најави ќе се дознае скоро. В петок на нова средба со лидерите на партиите од владиното мнозинство премиерот Зоран Заев ќе разговара за идните чекори на коалицијата, меѓудругото и според најавите, за предлозите за нов мандатар и премиер.

Тој со нив се сретна во понеделник, ден по изборната ноќ во која го претрпе поразот по што ја најави својата оставка и од државната и од партиската позиција. Тогаш сите лидери на партии му изразија поддршка и најавија дека остануваат во владината коалиција со своите 62 пратеници.

„Заедничка лидерска средба и со партии надвор од мнозинството не е планирана, но можно е претседателот Заев да има одделни средби со претседатели на парламентарни партии кои не се дел од владејачкото мнозинство“, велат од СДСМ.

Во меѓувреме покрај политичката криза, како што најави министерот за економија Крешник Бектеши ќе биде прогласена и енергетска кризна состојба за да може, како што рече, да се вбризгаат пари од буџетот во енергетските компании, како што се ЕСМ и МЕПСО. Тие пари би се трошеле на увоз на струја, а оваа кризна состојба би ја прогласила владата.

Во услови на политичка и енергетска криза се поставува прашањето има ли побрз начин за интервенција. Во минатото при вакви случувања се одржуваа таканаречениете лидерски средби, како на пример ланската кај претседателот Стево Пендаровски кога требаа да се одложат предвремените парламентарни избори поради коронакризата.

Видете и ова: Владината коалиција тврди - парламентарното мнозинство стабилно

Според деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски лидерска средба во овој момент не е потребна. Тоа го објаснува и со фактот што премиерот и лидер на СДСМ е во оставка па со тоа партијата всушност и нема капацитет да учествува на таква средба. Тој смета дека прво треба да стигне оставката на Заев во парламентот, да се назначи нов мандатар, да се изгласа владата, па потоа би можело да се одржи лидерска средба.

„Мислам дека за изгласувањето на новата влада нема да им потреба од лидерска средба, можно е поради блокадите кои се очекува ВМРО-ДПМНЕ да ги прави во наредниот период, па дури и за одлуки поврзани со енергетската криза можеби во некој период таму пред Нова година би имало лидерска средба“, вели Дујовски.

Инаку откако премиерот ќе ја испрати оставката во Собранието и всушност со тоа ќе се распушти целата влада, претседателот на државата ќе има десет дена да одреди друг мандатар. Потоа мандатарот би имал уште 20 дена за составување нова влада која би ја предложил во Собранието и која треба да ја изгласа мнозинството од најмалку 61 пратеник.