Чесно е на потенцијалниот инвеститор да му ги дадеме сите информации што ги имаме пред да инвестира, зашто така се гради кредибилитет, рече денеска премиерот Зоран Заев, откако сопственичката на фирмата Диамед обвини дека претставници на власта го разубедувале шведскиот инвеститор Диаверум да не ја купи нејзината фирма убедувајќи го дека против фирмата се води истрага.
Видете и ова: Неделен печат – Сведочењето на Верушевски и Рекет 2Аферата, која медиумите ја нарекоа Рекет 2, беше отворена пред десетина дена. Сопственичката на Диамед, која има 20-годишна концесија од државата за дијализа на бубрежно болни, Вера Иванова, обвини дека властите ја опструирале продажбата затоа што сакале „да се омрсат“ со парите од продажбата. Швеѓаните, сепак, одлучија да ја купат фирмата за 11,5 милиони евра, но обвинителството ги блокираше сметките на Иванова во Македонија и во Монако, каде што легнаа парите од продажбата. Директорот на Фондот за здравство, Ден Дончев, обвини дека фирмата незаконски го добила тендерот за дијализа и дека Иванова не е вистинска сопственичка, туку оти зад фирмата стојат поранешниот премиер Никола Груевски и неговиот кум од првиот брак Ристо Новачевски. Новачевски, пак, негира и бара извинување од Дончев.
Заев денеска потврди дека го информирале инвеститорот дека против фирмата се води истрага.
„Донесоа одлука да ги купат, нека им е со среќа, ги купија, но беа навремено предупредени од државата дека има истрага токму за овој предмет. Дијализите ги знаеме сите во државата кои беа, како се спроведоа, како се цените дадени на самите дијализи, кој е начинот на спроведување. Ќе си прашате Јавното обвинителство да ви ги каже сите детали околу таквата истрага“, рече Заев.
Тој рече дека ако се точни наводите на Иванова треба да има одговорност, но и ако нема аргументи на таквите тврдења и таа треба да одговара за нарушување на угледот.
На новинарско прашање како владата знаела дека се води истрага против фирмата, кога обвинителството во тој момент уште немаше соопштено дека води истрага, Заев рече дека Обвинителството од институциите барало информации.
„Кога се обраќа Јавното обвинителство до државните институции коишто се под премиерот, Фондот за здравство, Министерството за здравство, ние знаеме дека се води истрага и логично е, чесно е, одговорно е пред кој било инвеститор, па вака познат, Диаверум од Шведска, да ги знае информациите, затоа што должност на државата е да ги соопшти сите информации ако сакаме да градиме кредибилитет, рејтинг, моќност на привлекување инвестиции во државата. Тоа што сме го знаеле во тој момент, тоа сме го соопштиле“, рече Заев на денешната прес-конференција во владата на која беше промовирано укинување на квотите за лекови во аптеките.
Иванова претходно поднесе кривични пријави против директор на ФЗО, Ден Дончев и против министерот за здравство Венко Филипче, за злоупотреба на службената должност, затоа што се обиделе да попречат странска инвестиција да влезе во Македонија со тоа што давале лажни изјави и го манипулирале инвеститорот, а нивните постапки потоа довеле и до блокирање на нејзините сметки. Потоа таа ја прошири кривичната пријава и против Зоран Милески Кичеец, кој е осомничен и во аферата Рекет, заедно со Бојан Јовановски - Боки 13 и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева. Во пријавата, Иванова тврди дека од неа било барано да ја запре продажбата, но таа одговорила дека тоа веќе не е можно, бидејќи договорот е потпишан.
„Тогаш ми беше речено, ако навистина ја зборувам вистината, да им дадам половина од колачот, во спротивно ќе ми ги пуштат ОЈО и Финансиска полиција и ќе ми ги земат сите пари од продажбата“, обвини таа.
Фирмата Диамед во 2013 година доби концесија за дијализа на бубрежно болни. Дончев обвини дека договорена е превисока цена на услугите, но предвременото раскинување на договорот ќе ја чини државата 28 милиони евра. Диамед за пет години од државата наплатила 42,5 милиони евра за дијализа, рече тој.