Откако бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева од Софија порача дека тие инстистираат во преговарачката рамка за зачленување на Македонија во Европската унија да влезе и добрососедството како критериум и на самата унија и во тој контекст го спомена и Договорот за добрососедство и македонскиот јазик, од Скопје одговори премиерот Зоран Заев.
Гаранцијата на идентитетските прашања се потврдени со Договорот за добрососедство со Бугарија – тоа е македонскиот јазик и македонскиот народ рече премиерот. Тој го коментираше и прашањето за револуционерот Гоце Делчев, кое се појави како главна препрека во заедничката мешовита комисија меѓу Македонија и Бугарија.
„Јас верувам дека во сите тие документи и коментари кои излегуваат се само желба за решавање на ова четврто историско поглавје или шеста историска личност која може да биде слична можност да не сплотува, да не зближува да го јакне пријателството. Ќе бидеме внимателни во коментарите затоа што знаеме дека треба да постигнеме решение кое што треба ќе носи придобивки на двете за двете страни и ќе биде за добробит и за позитивни позиции и на Северна Македонија и на Бугарија“, изјави премиерот Заев.
Видете и ова: Захариева: Добрососедските односи се критериум за членство во ЕУИнаку, додека Захариева зборуваше за преговарачката рамка, во бугарскиот парламент помина во прво читање законот со кој 24 мај, Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј во Бугарија ќе се прославува како Ден на бугарската писменост, просвета и култура. Кирил и Методиј, пак, се две од петте личности што ги спомена Заев за кои заедничката комисија меѓу Македонија и Бугарија донесе одлука за заедничко чествување која потоа беше усвоена и на седница на македонската влада.
Имено, на седницата одржана на девети јуни 2019 година се наведува дека владата ги прифатила сугестиите за заедничкото чествување на следните личности од нашата заедничка историја: Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самуил.
„Двете страни се согласуваат да го промовираат договореното и во најкус можен рок да ги усогласат датумите и заедничките одбележувања. При секое официјално чествување на овие личности потребно е историската вистина за нашата заедничка историја јасно да се одбележува“, се наведува во владиното соопштение од таа 143-та седница.
Видете и ова: РСМ и Бугарија заеднички ќе ги чествуваат Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самуил
Детали од документот што точно е одлучено за одбележувањето нема, а бугарскиот парламент, сега со ваквиот предлог закон сугерира дека двајцата просветители се бугарски, исто како и азбуката.
Инаку, како што пренесува бугарската државна телевизија БНТ, документот кој во Собранието го предложи партијата на министерот за одбрана Красимир Каракачанов добил поддршка и од пратениците од ГЕРБ, партијата на премиерот Бојко Борисов. Во предлогот, за кој гласаа пратениците, стои и дека ова е „целосно логична историска помена која што отвора пат кон придвижување на процесот на нивно на Европската унија за признавање на кирилицата како бугарска азбука“.
Македонија и Бугарија со децении, секоја година на 24 мај испаќаат свои делегации на гробот на Кирил и Методиј во црквата Свети Климент во Рим за да го одбележат денот на сесловенската писменост. Овој предлог закон во бугарското собрание пак поминува и во време во кое официјална Софија преку меморандум испратен до земјите членки на ЕУ бара поддршка за своите позиции и тврдења, меѓудругото и за според нив историската вистина дека Македонците не постоеле до 1944 година и дека македонскиот јазик е само норма на бугарскиот.
Во меѓувреме, според најавите заедничката комисија, по пауза од речиси една година, треба да одржи средба кон средината на месецов во Скопје. Досега, конкретно нивната работа запна најмногу за прашањето за револуционерот Делчев, а членовите на македонскиот тим историчари велат дека тој припаѓа и на Македонија и на Бугарија, со што не се согласуваат нивните бугарски колеги.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервјуто на Радио Слободна Европа, кое во целост ќе го емитуваме в недела, прашан за ставот на партијата за ваквите барања на Софија и за разговорите за Гоце Делчев вели дека тој воопшто и не знае што се преговара и дека ќе побарал од Извршниот комитет да усвојат заклучок со кој ќе побараат средба со комисијата што преговара со Бугарија за да бидат инфомираме што се преговара. Мицкоски прашува и за што се преговара за Делчев ако како решение се гледа дека тој им припаѓа и на Македонија и на Бугарија кога и сега вели дека била иста ситуација, неговиот лик и дело се славел во двете држави.
„Зошто ние преговараме кога и сега е така, а кај нашиот источен сосед си го чествуваат како нивен. Имаат град Гоце Делчев итн. Што е разликата од сегашната реална фактичка ситуација? Зошто сега ние фингираме разговори, ако за ова преговараме? Има ли поголемо понижување да преговарате и да велите дека нашите предци –мојата баба, мојот дедо, моите прабаба и прадедо кои загинале борејќи се за Македонија, коишто говореле македонски јазик, сето тоа да го поништиме и да го избришеме, затоа што сега некој неспособен политичар го ставил на маса за преговарање“, вели Мицкоски.
Инаку, иако официјална Софија бара поддршка од другите земји членки на Унијата, добрососедството да биде дел од преговарачката рамка за Македонија, засега изјавите од некои членки, особено од Германија која во моментов претседатева со ЕУ, се дека билатералните проблеми не треба да бидат дел од преговарачката рамка.