Забелешки за новиот закон за инспекциски надзор во животната средина

Аерозагадување во Скопје.

Во подготовка е нов Предлог-закон за инспекциски надзор во животната средина изработен од надлежното министерство. Верзијата на законот е објавена за коментари, но граѓански организации засега имаат низа забелешки. Тие велат дека со законот инспекторите ќе се претворат во бирократи.

Предлог-законот не ги дефинира јасно надлежностите на државните и овластени инспектори и начинот на меѓусебна координација, според Граѓанскиот инспекциски совет (ГИС).

Организацијата која бара да биде вклучена во доработката на законското решение, наведува дека текстот не нуди механизам за контрола против неажурно, неодговорно и коруптивно спроведување на инспекцискиот надзор

„Според предложеното законско решение, инспекторите се претвораат во бирократи кои треба да водат политики и да пишуваат стратегии и програми, наместо да бидат борци против загадувањето на животната средина, велат од ГИС.

Од организацијата посочуваат дека на законот му фалат „реални алатки“ за Државниот инспекторат за животна средина да не биде бирократска, туку добро обучена и опремена институција, како што изјави на прес-конференција Лилјана Поповска - координаторка на Граѓанскиот инспекциски совет.

Видете и ова: Многу надлежни, килава борба против загадувањето

Од Државниот инспекторат за животна средина велат дека е добро што воопшто една веризја на овој закон е излезена за коментирање во јавност, но посочуваат дека има простор за доработка на законот.

„Интерсекторскиот пристап е секогаш многу важен за да се подобри законот и затоа сметам дека сите коментари се добредојдени и ќе ги разгледуваме еден по еден“, вели директорката на Државниот инспекторат за животна срдина Ана Петровска.

Прес-конференцијата на Граѓансиот инспекциски совет беше организирана во рамки на кампањата за застапување и лобирање „Разбистри се“ што ја спроведува Институтот за комуникациски студии.

Некои од забелешките беа дека во предлог-законот е нејасно како Министерството за животна средина и просторно планирање проценило дека донесувањето на законот нема да има финансиски и буџетски импликации.

Видете и ова: Комунална полиција против отпадот и дивите депонии

Жарко Хаџи Зафиров – експерт за управно право вели дека предлог законот создава конфузија за што всушност се сака да се уреди со него. Тој додава дека со законот треба да се приближат надлежностите и да има кохезија меѓу надлежностите на државно и локално ниво.

„Со разграничувањето на надлежностите, структурата и работата на Државниот инспекторат за животна средина ќе добиеме квалитетно законско решение затоа што многу е тешко да се обединат надлежностите во однос на спроведувањето на инспекцијата во животната средина на државно и локално ниво“, вели Хаџи Зафиров.

Претставници на ГИС на прес-конференција изнесоа забелешки за Предлог-законот за инспекциски надзор во животната средина.

Предлог законот не ја препознава доволно нужноста од меѓуинституционална соработка во спроведувањето на инспекцискиот надзор, смета Кирил Ристовски од ЦЕД Флорозон.

„Предложените законски одредби со кои се утврдуваат формата и содржината на обрасците и актите се во директна колизија со Законот за инспекциски надзор, што може да доведе до постоење на паралелни системи за координација и стратешко планирање, како и до судир на надлежностите помеѓу Државниот инспекторат за животна средина и Инспекцискиот совет за инспекција во сите области“, вели Ристовски.

Предлог-законот не ги предвидува стандардните оперативни процедури и листите за проверка како задолжителни при инспекцискиот надзор, што може да предизвика необјективност од инспекторите како и правна несигурност кај субјектите врз кои се врши инспекциски надзор, сметаат од ГИС.

Од Државниот инспекторат за животна средина велат дека се согласуваат дека законот може да се доработи во некои делови и дека тоа може да се направи кога ќе ги добијат сите коментари.

Оттаму посочуваат дека во целиот процес важна е соработката со Министерството за животна средина и просторно планирање.