Женското здравје измерено во километри

Илустрација - Бремена жена на вакцинација

Жените во речиси половина од македонските општини не можат да посетат гинеколог, затоа што нема. Таква здравствена услуга да ја бараат во соседните градови минувајќи десетици па дури и стотици километри. Мапата што ја изработи Радио Слободна Европа покажува дека во „црвено“ се неколку региони.

Десетици а понекогаш и стотина километри треба да поминат жените од внатрешноста на Македонија за да стигнат до гинеколошки преглед. Проблемот е уште поголем за жените кои се бремени, затоа што тие во текот на деветмесечната бременост треба да посетат гинеколог најмалку седум пати. Дополнително дел од прегледите не можат да ги завршат во своите општини затоа што освен што немаат гинеколог, недостасуваат и лабаратории и апарати за ехо снимки, па затоа ги праќаат во Скопје, со што за еден поспецифичен преглед треба и до 200 километри да поминат особено ако доаѓаат од Источна Македонија.

Според податоците од Фондот за здравство во земјава има вкупно 154 матични гинеколози од кои една третина се позицонирани во Скопје. Останатите сто матични гинеколози имаат свои амбуланти во внатрешноста на земјава. Според податоците само во 29 од вкупно 70 општини кои се надвор од скопската околина жените можат да си закажат преглед кај матичен гинеколог.

Видете и ова: Мито за раѓање: мајки се жалат на корупцијата во болниците во Босна

Во Скопје приказната е малку поинаква. Убедливо најголем број на матични гинеколози се лоцирани во Скопје, во општината Центар, дури 27. Во останатите скопски општини бројот на гинеколози варира, од еден во Бутел, до шест гинеколози во Гази Баба. Скопската општина Шуто Оризари наскоро ќе остане и без едниот матичен гинеколог затоа што тој треба да замине во пензија.

Претседателот на здружението на матични приватни гинеколози Душко Филиповски, вели дека е јасно оти не може да има гинеколог во секоја општина, и не треба да има доколку во таа општина има мал број на жители, но во многу општини нема ниту еден, па во цели региони жени не можат да појдат на преглед. Според мапирањето на гинеколзите во земја кое го изработи Радио Слободна Европа се гледа дека во цели региони нема гинеколог, што претставува вистински проблем.

„Гинеколози слободни нема. Гинеколозите што завршуваат или одат во болниците или одат во странство. Нема друго. Матичен гинеколог, нов ,млад, да дојде кај мене да ми рече докторе пиши ме во матични мене, не се случило години наназад. Значи одма ги земаат приватните болници или одат во странство“, дециден е Филиповски.

Владата во изминативе десетина години колку што е актуелен овој проблем честопати беше повикувана од невладини организаци да поработи на негово решавања. Во 2019 година преку соопштение до јавноста Владата посочи дека има стратегија како да се надмине овој проблем.

Стратегија имало ама...

„Нашата визија е да во здравствените региони каде што гинеколошките услуги на примарно ниво не се достапни, како што се Македонски Брод, Демир Хисар и Крушево да ги обезбедиме овие услуги преку капацитетите со коишто здравствениот систем располага на секундарно ниво. Истиот овој пристап ќе се аплицира и здравствените региони каде што има недостаток на матични лекари (еден гинеколог има во просек над 4000 жени во репродуктивен период како што е случајот со Гостивар, Тетово, Прилеп, Куманово, Струмица итн.). Како последна алка во овој систем ќе биде обезбедување на услуги за сексуално и репродуктивно здравје во руралните средини преку активирање на мобилните гинеколошки амбуланти“, се вели во владиното соопштение.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Здравството стана трпение - спасение

Но, и по поминати 3 години оттогаш бројот на матични гинеколози е зголемен само за десетина. И повторно регионите како Македонски Брод, Демир Хисар и Крушево повторно се обоени со црвена боја во нашата мапа. Таму жените немаат пристап до гинеколог и за преглед мора да патуваат од Прилеп, Кичево или Гостивар. Но, иако има гинеколози во тие градови, работата ни таму не е сјајна затоа што тие имаат во просек над 4 илјади жени за кои треба да се грижат. А, за толку работа не земаат плус пари затоа што капитацијата е врзана за максимални 2 илјади пациенти.

Видете и ова: Каков здравствен систем наследува Сали од Филипче

За да се реши овој проблем Филипоски предлага системско решение со стимулација на гинеколозите кои заминуваат во приватното здравство. На пример специјализација за гинекологија и акушерство на државен трошок со назнака дека по неа ќе работи во општина во која нема гинеколог. Како и подобри капитации, односно плати за нив. Така може да стане и попривлечна специјализацијата за гинекологија и акушерство попримамлива за младите доктори.


Дел од невладините организации одлучија да станат дел од решението. НВО Хера од почетокот на годинава почна да спроведува проект со кој ги носи потребните услуги поблиску до граѓаните.

„Мобилната гинеколошка амбуланта на ХЕРА вози низ рурални средини и заедно со стручен гинеколошки тим обезбедува бесплатни и доверливи гинеколошки услуги, независно дали си здравствено осигурана. Освен тоа, по проценка од специјалист-гинеколог, може да добиеш и бесплатна контрацепција или третман на сексуално пренослива инфекција!“, се вели во повикот на Хера за жените од руралните средини.

Видете и ова: Пановска-Ставридис: Не чекајте, прегледајте се навреме од лимфом

Дел од последните истражувањата на невладините организации покажуваат дека ниската свест за користењето на здравствените услуги и ограничениот пристап до основните здравствени институции, прави ретко кои од луѓето од рурална Македонија да посетува општи лекари. За услуга од специјалист потребно тие треба да пешачат во просек час и половина. Многу жени од селата посетуваат гинеколог еднаш во 5 години или поретко.

Со мрежата на ниво на примарна здравствена заштита е предвидено да има по еден тим за гинекологија составен од еден избран гинеколог и една медицинска сестра на 3000 жени постари од 14 години. Според овие податоци, на ниво на држава недостасуваат стотина гинеколози.