Жените на премиерите бизнисменки, хуманитарки и декор

Премиерот Димитар Ковачевски и неговата сопруга Елена Ковачевска ( на средина), во посета на македонскиот културен центар во Њујорк, 26.9 2022.

Премиерот Димитар Ковачевски се откажа од бизнисот со фотоволтаици, но сега во него ќе се проба неговата сопруга. Бизнисите кај претходниот премиер Зоран Заев, пак се во машки раце. Колку бизнисменки беа сопругите на другите премиери? Не може да им се забрани на блиски на функционери да имаат бизниси, но треба да има механизам за следење, велат антикорупционери.

Илјада евра удел во фирма за производство на струја од фотоволтаици има Елена Ковачевска, сопругата на актуелниот премиер Димитар Ковачевски. Уделот е пријавен и во анкетниот лист на премиерот. Таа е еден од петте сопственици на компанијата „Сол груп 5 ДОО Скопје“ за производство на струја, но компанија сè уште нема лиценца за да се појави на пазарот. Фирмата во која има пет косопственици е формирана со удел од 5.000 евра. Сопругата на премиерот, според анкетниот лист, на свое име освен уделот во компанијата има и даден заем од 3.000 евра, а во банка на две сметки има скоро 48 илјади евра.

Фирмата во која Ковачевска има удел е основана на крајот на септември 2020, според податоците на Централен регистар, речиси еден месец откако нејзиниот сопруг стана заменик министер за финансии. Управител на фирмата е Кирил Паунов, син на кумот на Ковачевски и негов поранешен бизнис партнер.

Премиерот Ковачевски вели дека неговата сопруга со сопствени пари си инвестирала во фирмата и дека тоа го направила без негова помош.

„Тоа не е сега, тоа е уште пред да стапам на функција како претседател на Владата. Согласно Законот за трговски друштва и согласно законските регулативи во државата секој граѓанин може да инвестира свои сопствени средства, како што таа има инвестирано свои сопствени средства и сето тоа е пријавено во сите надлежни институции, во Антикорупциска, со сите податоци и тие се јавно достапни“, рече Ковачевски.

Претходно во бизнисот со фотоволтации беше и премиерот, заедно со неговиот кум Горан Паунов. Откако стапи на функција заменик министер за финансии, фирмата за производство за фотоволтаици што заедно ја основале - Пиксел груп, соопшти дека тој се откажал од уделот. Но фирмите на неговиот кум, според опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ свртеле околу 26 милиона евра, откако СДСМ доаѓа на власт.

Не може да им се забрани да имаат бизнис, но да бидат транспарентни

Не може никој на никого да му забрани да има бизнис, но треба да има механизам за следење, вели Слаѓана Тасева од „Транспаренси Интернешнал Македонија“. Компаниите на блиски на функционери кога учествуваат на тендери треба да бидат транспарентни, да кажат дека имаат интерес, и да ги дадат сите информации за сите претходни договори и тендери, вели Тасева.
„За да се види фактот дали ако некој има некого на позиција влијае во одреден период има концентрација на стекнати договори, тендери, и тогаш се прави анализи на ризик и се вели овие луѓе се ризични од влијание“, вели Тасева.
Од Транспаренси Македонија веќе направиле методологија на барање на Фондот за иновации, откако во јавноста беа обвинети дека доделувале проекти на луѓе блиски на функционери.

Премиерот Димитар Ковачевски во посета на фирма со фотоволтаици.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Пиксел груп, фирмата во која основач бил и премиерот, заедно со кумот, добивала пари од Фондот за иновации и тоа во време кога Ковачевски бил заменик министер за финансии.
Партијата Левица соопшти дека во ек на енергетска криза и вртоглаво поскапување на струјата, бизнисот со струја е бонбона бизнис за семејствата на Ковачевски и на Зоран Заев, притоа наведувајќи шема на поврзаност на сегашниот и на поранешниот премиер и нивни блиски со фирми за фотоволтаици.

Видете и ова: Секој премиер со свој „омилен бизнис“

Сопругата на премиерот првпат се појави во јавноста осум месеци откако тој стапи на функција. Ковачевски стана премиер во јануари годинава, а неговата сопруга првпат го придружуваше на патувањето во Њујорк на Генералното собрание на Обединетите нации. Оттогаш не е појавила на протоколарни настани.

Бизнисите кај Заеви се во машки раце

Бизнисите, пак, на поранешниот премиер Зоран Заев, се во рацете на машките членови на семејството. Тој ја предводеше македонската влада од 2017 до почетокот на 2022. Еден месец откако Заев си замине од функцијата, во февруари годинава неговиот син, матурант, влезе во бизнисот со струја, во ек на енергетска криза. Освен синот, неодамна во бизнисот со струја влезе и таткото на Зоран Заев, Панче, покажуваат податоците од Централен регистер. Управител на новата фирма за производство на струја е братот на Зоран Заев, Вице. Двајцата браќа ја имаат и Фондацијата Заев, а неговото пошироко семејство има бизнис за преработка на овошје и зеленчук, компании за градежништво и градежни материјали, трговски друштва, а откако тој стана премиер влегоа и во бизнис со марихуана.

Фондацијата Заев донираше перики за петнаесет пациентки кои се борат со карцином на дојка. Зорица Заева и Венко Филипче.

Пред Заев да стане премиер, неговата сопруга Зорица во едно интервју рече дека жените на политичарите не треба да бидат само марионети, но ниту преку ноќ да се преобразат во нешто што не се.

„Така, на пример, не може жена на врвен политичар одеднаш да стане голема хуманитарка, ако до вчера немала ни х од хуманоста! И жените на политичарите се обични човечки суштества со свои вредности и маани и тие треба да бидат прифатени како такви. Сето друго е само обична глума што веднаш се препознава“, рече Зорица Заева за Фокус.

Таа го придружуваше премиерот на посети во странство и на дел настани во земјата, но не се експонираше премногу, иако при еден јавен настап на настан за борба против насилство врз жени рече дека „местото на жената не е во кујната“.

Заев во својот анкетен лист додека беше на функција наведе дека нема имот на лично име. Станот, куќата, деловниот простор, земјоделското земјиште и акциите се на неговите родители, додека неговата сопруга и децата имаат пари во банка. Во неговиот анкетен лист беше наведено дека неговата сопруга Зорица Заева има 445.445 денари (околу 7200 евра) во Шпаркасе банка, добиени со договор за купопродажба. Заева остана да живее во Струмица со нивните деца, додека премиеруваше Зоран Заев и заради обврските беше во Скопје. Заева, иако формално не е дел од Фондација Заев - Едно општество за сите, формирана откако Заев не е веќе премиер, понекогаш е дел од проектите.

Боркица Груевска само за сликање

Најекспонирана меѓу жените на премиерите, беше сопругата наНикола Груевски, кој речиси десет година беше на власт, но само за сликање. Медиумите ги полнеа фотографии од премиерот и неговата 12 години помлада сопруга, но пред сè од домашни настани, таа ретко го придружуваше на патувања во странство. Со нејзиното име не се поврзуваа никакви имоти.

Често се објавуваа и фотографии на кои премиерот беше со своите ќерки и неговата мајка. Тој тврдеше дека нема имот не негово име, туку тоа е на мајка му, а бизнисите ги правеше со братучедите и со кумот, за што подоцна беа отворени и судски случаи.

Скопје, 2015 - Свечена академија по повод 8-ми Септември - Денот на независноста на Македонија. Никола и Боркица Груевски и Дејан Пројковски.

Во јули годинава Боркица Груевски побарала развод од поранешниот премиер кој избега во Будимпешта во 2018 откако беше осуден од тогашното Специјално јавно обвинителство. Против него потоа беа донесени и други пресуди.

Снежана Георгиевска организираше хуманитарни балови

Постојана придружба на својот сопруг премиер, организаторка на милениумски бал и на низа хуманитарни настани беше сопругата на Љубчо Гоергиевски, Снежана, додека тој беше премиер од 1998 до 2002. Таа беше позната по шапките, баловите и хуманитарната работа преку фондацијата „Благовестие“. Многумина ѝ забележуваа во 2002 дека хуманитарните балови се раскошни, во време кога има висока невработеност, стечајци и раселени лица од воениот конфликт во 2001. Сепак таа собираше десетици илјади евра на тие настани. Кога во 2007 функционерите почнаа да пополнуваат анкетни листови, Георгиевски како пратеник, првин се шегуваше со тоа што поседува, а потоа меѓу другото наведе дека неговата сопруга има огромна куќа во родното беровско село Владимирово. По падот од власта Георгиевски влезе во приватниот бизнис. Во едно интервју за неговото богатство рече дека е „средно богат бизнисмен“.

Снежана и Љубчо Георгиевски


Снежана Георгиевска во едно интервју рече дека не сакала да биде само придружничка на премиерот и затоа решила да дејствува.

Јасна Црвенковска во бизнисот како електроинженер

Вистинска бизнисменка, пак е жената на Бранко Црвенковски, Јасна, која според анкетниот лист на Црвенковски имала удел од околу една третина во компјутерската фирма Семос и акции во „Семос - компјутерски образовен центар“. Јасна и Бранко Црвенковски се електроинженери, но за разлика од сопругот кој се посвети на политиката, таа остана да работи во струката за која се школувала.

Јасна и Бранко Црвенковски, 2009

Името на Црвенковска и нејзиниот бизнис се спомнуваше во 2014, кога преку фирмата „Семос мултимедиа“ и нејзин потпис, била дел од тендерот за стопанисување со паркинзи во Куманово, во време кога градоначалник беше Зоран Дамјановски од СДСМ. Инаку стопанисувањето му било доделено на неговиот сопартиец Дамјан Манчевски, кој бил овластен од седум фирми да аплицира за тендерот, објави тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Додека Црвенковски беше премиер и претседател на државата, таа ретко се појавуваше во јавноста и го придружуваше на јавни настапи и службени патувања. Црвенковски беше на власт во деведесеттите години од минатиот век и на почетокот од овој.