На Куманово, тамошната културна јавност, на македонската фотографија и македонската култура воопшто, од 10 до 23 март, ќе им се случи деветото издание на традиционална изложба „Жените и фотографијата“. Организатор на поставката како и сите овие години наназад е Фото клуб Куманово, веројатно единствениот во нашата држава во кој поголемиот број од членовите се жени, а местото на случување и овојпат е НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“.
„Хипнос и Танатос“ - фото на Марина Атаносовиќ
А, во изложбениот салон на оваа културна установа овојпат ќе бидат претставени шеесетина фотографии кои се со акцент на положбата на жената денес и на слободна тема.
Меѓународниот ден на жената е потсетник да го согледаме и славиме напредокот на жените низ историјата. Историја која сведочи за борба на храбри и достоинствени жени со цел обезбедување на подобра позиција на жената во сите сфери на општеството. Општество ослободено од стегите на родовата нееднаквост - општество отворено за промени и нови предизвици.
Жените преку фотографијата прават вистинска револуција во осознавање на светот, која води кон рушење на поделбите, а со тоа и прифаќање на нови мислења и воспоставување на нови парадигми.
Како индивидуи или здружени во организации, жените се борат за еднаквост на можностите, но и за еднаквост во резултатите, забележува Марина Крстиќ, претседателка на Фото клуб Куманово.
„Изгубен турист“ - фотографија на Фросина Јовановска
Говорејќи за местото на жената во светот на фотографијата таа појаснува дека „до 1900 година имало повеќе од 7000 професионални жени фотографи во светот и дополнува дека жените сочинувале скоро 20 проценти од професијата во време кога било невообичаено жените дури да имаат професија“.
Истакнува дека фотографијата како актуелен и моќен медиум на изразување, одбележувајќи го секој белег на времето во кое живееме, сведочи за успешноста на жените во креирање на поубав и по хуман свет.
На изложбата застапени се две теми. Ставен е акцент на жената - нејзината појава и улоги во еден организиран визуелен облик кој заслужува внимание, и слободна тема како простор за интерпретација на светот околу себе виден преку објективот на жените автори. Проектирани се личните доживувања на стварноста и феноменот на секојдневието со разновидни стилски определби, но со исти цели во естетска и емотивна основа на своето творештво, изразувајќи се во жанрот кој највеќе одговара со нивниот сензибилитет!
Разновидноста, актуелноста и автентичноста на нивните уметнички сфаќања и толкувања, високиот степен на естетска свест ги чини рамноправни членови во оваа креативна дејност, смета Крстиќ.
„Двојна љубов“ - фотографија на Каролина Димовска
Претседателката на Фото клуб Куманово и со информација дека овојпат имало најмногу пријавени на конкурсот, вкупно 40 авторки од целата држава и дека згора на тоа селекторката на изложбата Викторија Петрушевиќ поканила и 20 ученички кои претходно ги посетувале работилниците за уметничка фотографија.
Таа направи убав пресек на добиените трудови, ги анализира мотивите на самите дела и се погрижи да ја најде врската помеѓу нив. Ја заокружи формата за да може да се поврзе фотографијата со духот, карактерот и личноста на авторката. И добивме, односно имаме многу интересни фотографии, начин на набљудување, како тие фотографки го виделе светот околу нив и нормално тоа го раскажуваат преку своите дела. Фотографиите учествуваат во животот на идните генерации како предмети од визуелно и емоционално искуство на оние кои ги разгледуваат. Тие продолжуваат да ја емитираат во себе пораката, експресивната енергија која ја втиснале нивните автори. Затоа, одбележувајќи го Меѓународниот ден на жената ( 8ми март) во име на Фото Клуб “Куманово“ им се заблагодаруваме на сите жени автори кои зедоа учество на оваа изложба. Целта на изложбата е да се даде поттик, поддршка, да се продолжи со активноста, а ние како Фото Клуб да ја славиме жената како творец во областа на фотографијата, вели Марина Крстиќ.
„Црвениот ангел“ - Маја (Рамона) Крстевска Коларова
Прашана за следното јубилејно издание на манифестацијата, таа и со информација дека имаат еден куп идеи на кои несомнено ќе треба да се работи, но дека ќе си остават простор да помине некое време, да ја документираат годинашнава изложба па дури потем, согласно материјално-финансиските можности, да почнат со нивна реализација.