ЕУ министрите дадоа зелено светло за преговори

Знамињата на ЕУ, Албанија и Северна Македонија

Советот за општи работи на ЕУ го даде долгоочекувано зелено светло за да започнат преговорите со Северна Македонија и со Албанија за членство во Европската унија.

„Добра вест во овие мрачни времиња. Честитаме на Тирана + Скопје, заслужено е“, објави германскиот државен секретар за европски прашања Мајкл Рот на Твитер, нарекувајќи ја одлуката двојна победа - и за ЕУ и Западен Балкан.

Речиси во исто време на Твитер се огласи и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји.

„Задоволен сум што земјите членки на ЕУ денеска постигнаа политички договор за отворање преговори со Албанија и Северна Македонија. Им честитам на двете земји“, напиша Вархеји, додавајќи дека тоа, според него, е гласна и јасна порака до Западен Балкан.

Одлуката за почеток на преговори треба да биде потврдена на самитот на ЕУ кој треба да се одржи на 26 и 27 март. Лидерите на ЕУ поради корона вирусот ќе имаат состанок преку видео конференција.