Правосудство, основните човекови права како правда, слобода и безбедност се дел од поглавјата 23 и 24 што се ставени во првиот кластер кој македонскиот тим на преговарачи ќе го отвори со колегите од Европската унија, кои први ќе бидат отворени, но последни затворени. Во првиот кластер, со новата европска методологија за проширување додадени се и економските критериуми, функционирање на демократските институции, реформи во јавната администрација, јавни набавки, статистика и финансиска контрола.
Директорот на Еуротинк, Иван Стефановски, вели дека тоа што новата методологија во стартот на преговорите освен поглавјата 23 и 24 ги вметна и јавните набавки, статистичките операции и финансиската контрола е порака до целиот Балкан.
„Со оглед на тоа што методологијата се донесува за целиот Западен Балкан, пораката што треба да ја прочитаме меѓу редови е дека целиот регион има ппроблем со наменско трошење на државните средства, со финансиска дисциплина, а некои од земјите, конкретно нашата и со пописот. Искрено верувам дека Македонија е причината што пописот е дел од стандардните преговори“, вели Стефановски.
Видете и ова: Преговорите со ЕУ на дофат, но најпрвин да се победи коронавирусот
Симонида Кацарска од Институот за европска политика додава дека покрај вообичаениот пристап во преговорите со новата методологија се вклучени и области кои што не се регулирани јасно на ниво на ЕУ како што се функционирање на демократски институции и реформата на јавната администрација. Таа посочува дека токму во овие области лежи ризик за тоа какви ќе бидат условите за преговарање.
„ Она што мислам дека особено е важно за овој кластер, особено за областите кои не се регулирани во европското законодавство е Владата во партнерство со Европската Комисија колку што е можно повеќе да воспостави јасни критериуми за тоа што ќе се очекува. Бидејќи во случај кога нема европско законодавство има многу голем простор за толкување, а тоа е клучното нешто што сакаме да го избегнеме, односно да има различни толкувања од страна и на Комисија и на земјите членки поради што прецизноста на овие услови ќе биде особено важна,“ вели Кацарска.
Пред и формално да започнат преговорите со ЕУ, потребно е Европската Комисија да достави до министерскиот совет предлог рамка за преговори, па откако таа ќе биде прифатена од Советот тогаш ќе треба да биде и закажана и меѓувладина седница која според вицепремиерот Бујар Османи најрано може да биде закажана во јуни.
„Првата меѓувладина конференција треба да се свика што е можно поскоро по усвојувањето на рамката за преговори од страна на Советот на ЕУ“, се вели во еден од заклучоците.
Во меѓувреме следува и билатерален скрининг за кој нема точно определена временска рамка, пред да се отвори првиот кластер.
Кацарска смета дека во делот владеењето на правото, едно прашање е капацитетот на преговарачите, а сосема друго е политичката култура и однесувањето на политичките актери во земјата.
„ Овие области зависат директно од тоа колку политичките актери, како од Владата така и од опозицијата ќе се сложат и ќе се посветат. Во владеењето на правото, преговарачите нема да можат да испорачаат ако немаат поддршка и од Владата, и ако немаат позади себе функционално судство и легислативен дом што работи. Овој сегмент зависи од неколку карики во општеството“ додава таа.
Во однос на нашите капацитети за преговори тие се задоволителни, но, не доволни за брзо и мазно спроведување на овој долг и многу технички процес, вели Стефановски.
„Во делот на владеењето на правото, гледаме дека тоа останува рак рана на македонското општество, не многу е променето, доволен како опис примерот со предметот Рекет. Тука има многу работа“, додава тој.
Вицепремиерот Османи и советникот за евроинтеграции Бојан Маричиќ уште во 2018 година на заедничка прес конференција најавија дека се формираат преговарачки тимови во 2018 година, но и по две години подоцна се уште не е објавена информација кој ќе учествува во нив.
Пристапувањето кон ЕУ комплексен и скап процес
Стефановски додава дека следниот чекор што Владата мора да го преземе е формирањето на преговарачката структура, односно на преговарачките групи во кои ќе треба да се вклучат и претставници на граѓанското општество, академијата и експертите од пракса .
Со новата методологија се воведни кластери кои ги групираат во посебни пакети 35-те поглавја од преговорите. Во шесте тематски кластери се опфатени основните човекови права и економски критериуми, потоа внатрешен пазар, конкурентност и инклузивен раст, зелена агенда и одржлива поврзаност, ресурси, земјоделие и кохезија како и надворешни односи.
Тука е и идејата за реверзибилност на процесот, ако политичките услови не се исполнети.
Кога земјите-партнери ги исполнуваат објективните критериуми, државите-членки се согласуваат да преминат напред во следната фаза на процесот. Според новата методологија државите-членки треба да бидат вклучени посистематски во следењето и прегледот на процесот.
По промената на името, владиниот врв во 2018 најави дека датум за преговори ќе добиеме во јуни 2019 година. Но, потоа следуваше одложување во октомври. Откако и тогаш земјата не доби датум за преговори поради барањето на францускиот претседател Емануел Макрон за нова методологија за проширување на Унијата, тогашниот премиер Зоран Заев најави предвремени парламентарни избори.