Што може да се очекува од преговарачката рамка со ЕУ?

Македонија ЕУ

Новата методологија која ќе се преслика во преговарачката рамка ќе има новитети, но и повеќе задачи подетаљно опишани за македонските и албанските власти. Граѓанскиот сектор очекува поголема транспарентност од Владата во целиот процес.

Покомплициран старт на преговори, со доза на неизвесност поради ставот на Бугарија, како и поради поголемата улога на секоја земја членка на ЕУ во преговорите кои со новата методологија можат полесно да оспорат дел од самите преговори се дел од очекувањата од европската преговарачка рамка која македонските власти најавија дека ќе биде утврдена во јуни.

Политичките аналитичари очекуваат преговарачката рамка во себе да содржи основни принципи по кои ќе се водат преговорите, потоа суштинските елементи како што се новата медотологија и Копенхашките критериуми, техничките детали околу процедурите и преговарачката структура, потоа кластерите и подглавија со детални објаснувања за самиот тек на преговорите.

„Суштинските елементи очекувам да бидат исти, како технички ќе бидат поставени, разлики ќе мора да има, имаме нова методологија и нова структура на поглавјата – структурирани во кластери. Покрај поглавјата основните 23 и 24 во кластер ќе влезат финансиската контрола, јавни набавки, статистичките операции, сите овие 5-6 поглавја кои се на почетокот очекувам да бидат отворени истовремено, и ќе мора да им се посвети ако не исто, но слично внимание и енергија“, вели директорот на Еуротинк Иван Стефановски.

Видете и ова: ЕУ проширувањето на самитот во Загреб во лер?


Директорката на Институтот за европска политика Симонида Кацарска вели дека пример од регионот за тоа како ќе изгледа преговарачката рамка нема да имаме, затоа што Европската Комисија со новата методологија го реформулира својот пристап во преговорите.

„Она што е многу значајно е дека во првиот кластер она што се нарекува основи, очекуваме дека Европската Комисија ќе биде многу подетална, дел од овие прашања не биле дел од преговорите со други земји, реформата на јавната администрација иако има одредени услови кои што ги користи ЕУ и Европската Комисија не беа дел од преговорите. Функционирање на демократски институции исто така, не беа дел од преговорите. Очекуваме многу новини, но и да биде попрецизна во барањата затоа што од овој кластер зависи целиот тек на преговорите“, вели Кацарска.

Еден од првите можни проблеми во преговарачката рамка за Македонија може да бидат поглавјата 34 и 35 за меѓународни односи и други прашања - имајќи ја предвид позицијата на Бугарија. Кацарска вели дека очекува по ова прашање Европската Комисија да биде многу внимателна односно дали воопшто ќе бидат вклучени бугарските барања и ако се вклучат дали дел од тие барања ќе станат дел од поглавјето 35 или пак во делот на општите принципи за добрососедски односи.

Видете и ова: Софија со закана за македонските европски интеграции

Невладините организации кои го набљудуваат евроинтегративниот процес очекуваат од македонската Влада во оваа фаза поголема транспарентност за статусот на преговарачката структура, која што сега ќе треба да биде прилагодена на новата методологија, вклучувајќи ги и критериумите и процедурите за избор на лица кои ќе бидат вклучени во неа. Понатаму, потребна е афирмација и зајакнување на улогата на Собранието како клучна институција за надзор и контрола врз процесот на преговори. Стефановски вели дека мора да се разбере оти Владата нема монопол над процесот на преговори и опозицијата мора да биде информирана.

Видете и ова: Дали Македонија е подготвена за преговори со ЕУ?


Според него, потребно е и да се работи на надоврзување и искористување на веќе изградени административни капацитети со цел да се изгради ефикасен модел кој ќе биде отпорен на политичка нестабилност и партиски влијанија, пред се, при евентуална промена на власта во иднина.

Преговарачката рамка меѓу Европската Унија и Северна Македонија, инаку, ги содржи начелата врз кои треба да се одвиваат преговорите меѓу двете страни и откако ќе биде готова, таа треба да биде усвоена од земји членки на Унијата. Од 1 јули годинава стартува германското претседателство со ЕУ, кое се очекува да го задржи фокусот врз Западниот Балкан и проширувањето на ЕУ.

Димитров: Во јуни очекуваме предлог преговарачка рамка

Вицепремиерот Бујар Османи неодамна изјави дека амбиција на земјава е оваа година да се одржи и Првата меѓувладина конференција и да го започнеме Билатералниот скрининг, со што, како што рече, Македонија во целосен капацитет ќе се посвети на преговорите со Унијата.

Северна Македонија и Албанија добија одлука за почеток на преговорите за членство кон крајот на Март. Претходно, недобивањето на датум за преговори за членство во Европската унија во октомври 2019, беше причина лидерите на најголемите партии во земјава да договорат одржување на предвремени парламентарни избори на 12 април оваа година, но тие беа одложени поради избувнувањето на здравствената криза предизвикана поради корона вирусот.