Етничкиот белег во личните карти нема да биде поттик за поголема поделба по етничка основа, велат од Беса, партијата која иницира во личните карти да се внесе и етничката припадност на сите етнички заедници предвидени со Уставот.
СДСМ смета дека предлогот треба да се прифати оти сме мултиетничка држава. Поддршка доби и од коалициониот албански партнер ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ исто така не гледа проблем во личните документи граѓаните да се идентификуваат по етничка основа, но не прифаќаат во нив да стои „северна“, оти уште е рано за тоа. И партиите од опозицискиот албанскиот блок, Алијанса за Албанците и Алтернатива го прифаќаат предлогот за етнички лични карти. На предлогот пак се противи Левица, која поднесе илјадници амандмани.
Предлогот да се разграничи државјанството со етничката припадност и тоа да се впише и во личните карти беше услов Беса и СДСМ да направат коалиција за настап на парламентарните избори. Кастриот Реџепи од Беса вели дека за етничката графа во личната карта се договарало уште од уставните промени. Според него, законот нема да биде поттик за поголема поделба по етничка основа, туку може да биде само вредност плус.
Видете и ова: Заев го одби условот на ВМРО-ДПМНЕ за лични карти без „Северна“„Ако сакаме граѓански концепт не треба во Уставот да бидат наброени имињата на етничките заедници, а ние ги имаме наведено, потоа ние веќе на некој начин етничката определба ја имаме во евиденција со самиот попис каде може да се искаже етничката припадност“, рече Реџепи во дебатна емисија на Телма.
Претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, кој е сегашен пратеник и поранешен министер за внатрешни работи вели дека нема потреба во лична карта граѓаните да се делат по етничка основа.
„Во документ за идентификација пред надлежни државни органи, полиција, суд, банка итн, кој е причината да пишувате во лична карта дали сте Турчин, Ром, Србин, Македонец, Албанец? Мора да има некаква идеја со тоа да се остварува некакво право. Ако некој мисли дека денеска ќе се вгради етничка припадност, утре ќе се вгради верска, задутре нешто друго, значи крајно нерационално е од тоа сега да се прави политика, да се собираат политички поени“, вели Трајанов.
Тој додава дека ова може да доведе до нови поделби.
„Поларизацијата, затворањето во етнички гета е неодговорен потег. Ако ставиме таков белег во личната карта тоа може да биде причина за натамошни поделби, поларизација на етничка основа, различен третман да имаат граѓаните“, вели Трајанов, кој е дел од владејачката коалиција.
Партиите од албанскиот блок сметаат дека етничката припадност треба да се вметне во личните документи за да се спречат манипулации со етничката припадност при вработување во администрација според принципот на правична застапеност. Лидерот на Алијансата Зијадин Села неколкупати излегуваше со примери дека Македонци се пишуваат дека се Албанци само за да им го земат работното место. И медиуми пренесуваат приказни за манипулации со етничката припадност при вработување.
Политичкиот аналитичар и новинар Џелал Незири вели дека и со промените кои се предлагаат нема да се спречи манипулацијата со етничката припадност за да се дојде до работно место.
„Зошто и на овој начин при добивање на лична карта некој ќе има можност да се изјасни дека е припадник на одредена етничка заедница преку која ќе мисли дека ќе може да стигне до работното место“, вели Незири.
Премиерот Зоран Заев вели дека нема ништо спорно во барањето етничката припадност да биде вметната во лична карта, но посочи дека може да биде проблем оти со лична карта може да се патува во неколку земји од регионот. Но сепак, како што вели, тоа не е доволна причина етничката припадност да не се стави во лична карта.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски викендов рече дека инсистира да се донесат вакви законски измени, и во неговата лична карта да стои дека е Македонец. Според него Левица му служи на Заев и сака да спречи етничката припадност да влезе во личниот документ.
Потоа во вторникот Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за измените на законот за лични карти, доколку не се прифати нивниот амандман – во новите документи да не се користи „Северна“. Опозициската партија потсетува дека сè уште не е истечен периодот од пет години во кој треба да се исполнат обврските од Договорот со Грција и во личните документи да биде вметнато новото уставно име.
Потоа премиерот коментирајќи го условувањето на Мицкоски за „северна“, рече дека според Устав, нашата земја е Република Северна Македонија.
Од Левица кои поднесоа 1230 амандмани на предлог законот велат дека не работат за партиски лидери, туку за народот и признаваат дека амандманите ги поднеле за да го блокираат законот.
Во сегашните лични карти стои името и презимето на личноста, државјанството, датум на раѓање и датум на валидност на документот, понатаму пол, матичен број и број на лична карта, како и место на раѓање и адреса. Освен за идентификација, личната карта може да се употребува и за премина на граница, со оние држави со кои Македонија случила таков договор. Со лична карта може да се патува во Србија, Албанија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина.
Што сè има во личните карти по светот?
Во личните карти на соседните земји има податоци за крвна група, висина, боја на очи. Во ниту една земја од ЕУ нема податоци за етничка или за верска припадност, а дел држави од Унијата немаат задолжителна лична карта. Етничката припадност ја има во кинеските лични карти и тоа за една од официјалните етнички групи во земјата. Во големи број од земји во кои имало етничка или верска графа во 21 век ја напуштаат таа практика, оти се покажало дека се дискриминаторски.
Така во бугарските лични карти има боја на очи, во босанската и во грчката има крвна група. Во Австрија освен боја на очи има и висина. Во Белгија во личната карта влегува и благородничката титула, а има опција и за брачен статус. Во Чешка по барање на корисникот може да ја содржи и академската титула. Има и брачен статус, освен ако корисникот не нагласи дека не сака да го има тоа на документот. И во Словачка и во Германија има академска титула. Во Германија има и боја на очи, висина, прекар. Во Кипар има име и презиме на татко и име и моминско презиме на мајка и висина. Во Полска и во Португалија ги има имиња на родители. Во Ирак освен имињата на родителите ги има и имињата на дедовците. И во Израел го има името на дедото, но само од таткова страна. Во Сингапур има раса.
Пред 2005 година, во грчките лични карти имаше професија, вероисповест, име на сопружникот, форма на глава, боја на очи и на коса, но беа исфрлени. Исфрлањето на вероисповеста предизвика протести од Грчката православна црква.
Во Индонезија до 1998 на личните карти пишувало дали човекот е поранешен политички затвореник или дали има кинеско етничко потекло, но овие дискриминаторски одредби се напуштени. Во Индонезија има брачен статус, вероисповест и крвна група, иако има политички несогласувања дали да ја пишува вероисповеста.
Во Израел до 2015 година имало и етничка припадност, но по долгогодишна правна битка дека се работи за дискриминаторски одредби е укинато.
Во Турција од 2017 веќе не се пишува брачен статус, вероисповест, крвна група, моминско презиме за жени.