Приведени демонстранти, повредени полицајци, оштетено полициско возило, расфрлени камења и предмети, откорнати канти за отпадоци е билансот од протестите пред Собранието, против францускиот предлог за македонските евроинтеграции. Полицијата ги растера демонстрантите од пред кругот на Собранието, а уапси и неколкумина од демонстрантите, но нема потврда од МВР колку луѓе се уапсени.
Четириесет и седум полицајци се повредени вечерва во судирите со дел од учесниците на протестите, потврдија за МИА од МВР. Од повредените припадници на полициските сили, 11 се потешко повредени, а двајца од нив имаат сериозни повреди, додаваат од МВР.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
На ова му претходеше протестот кој почна од пред Влада, па пред МНР и заврши пред Собранието. Стотина млади демонстранти, многумина од нив со качулки на главите, ја урнаа оградата и фрлаа со камења кон собраниската зграда, а кон полицајците беше фрлен и еден молотов коктел.
Видете и ова: Полицијата ги потисна демонстрантите од пред СобраниеПолицискиот кордон кој стоеше непосредно пред зградата на Парламентот ги потисна демонстрантите кон паркот Жена борец, по што беа уапсени неколку учесници на протестите.
Свештеник кој дојде на протестите се обидуваше да измоли полицијата да ги пушти приведените демонстранти.
Кога протестот ескалираше голем дел од демонстрантите си заминаа од пред Собранието и остана една група од околу стотина луѓе.
Маскираните демонстранти се обидоа во неколку наврати претходно да предизвикаат инциденти. Тие во моментот кога луѓето маршираа од пред Влада до МНР, се издвоија од топлата и гаѓаа со камења и пиротехника кон полицијата во близина на скопското Кале, но не добија поддршка од илјадниците граѓани кои маршираат кон МНР. Потоа со
камења гаѓаа и кон дуќаните во стоковна куќа Мост и скандираат антиалбански пароли. Дел од демонстрантите својот револт го изразија и пред зградата на МНР кон која фрлаат со јајца и други предмети, а користеа и пиротехника.
Претходно министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски порача дека протестите мора да бидат мирни и демократски, иако, како што напиша на Фејсбук граѓаните имаат право на протест и тоа право никој не може да го суспендира.
По протестот реагираа од владејачката СДСМ. Од партијата велат дека протестите се организирани од ВМРО-ДПМНЕ и како што наведуваат проруската Левица.
„Повторно бевме сведоци како насилници со качулки ги нападнаа полицајците, фрлаа запаливи течности, ги каменуваа припадниците на македонската полиција и се обидоа насила да влезат во Собранието. Вакви слични сцени гледавме на црниот 27 ми април и знаеме што тоа значи“, пишува во соопштението на СДСМ.
Левица вечерва реагираше дека власта уфрла провокатори со фантомки, со цел да се апсат граѓани и да се амортизира револтот кај народот.
Претходно и премиерот Димитар Ковачевски на прес -конференцијата со претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел, рече дека има информации од МВР оти се подготвува нешто што не доликува на НАТО членка и идна членка на ЕУ и оти не е дозволиво да се протестира со качулки, по инцидентите во Собранието од 27 април.
Инаку илјадници граѓани поддржани од политички партии и граѓански организации неколку дена протестираат против францускиот предлог за тргање на бугарското вето и отворање на процесот на преговори за членство на Македонија со ЕУ. Демонстрантите сметаат дека со францускиот предлог се бугаризира Македонија, не се признава македонскиот јазик и историја и бараат Владата да го отфрли. И на вчерашниот протест во Скопје демонстрантите ги турнаа оградите пред Владата и Парламентот во Скопје, а кон зградите фрлаа со јајца, шишиња и тоалетна хартија.