Државата досега потроши 170 милиони евра за справување со енергетската криза. Толку пари на пример ќе чини целата македонската енергетска инвестиција во Грција – интерконекторот за пренос на природен гас, уделот во терминалот за складирање и гасификација на течниот природен гас и уделот во гасната централа во Александрополис.
За справување со кризата само оваа година се потрошени 20 до 30 отсто од парите колку што би чинел проектот за хидроцентралата Чебрен.
Парите се потрошени, а земјава сè уште е енергетски сиромашна и со сите извори на енергија обезбедува неполни 60 отсто од потребите, другото го увезува.
Видете и ова: Инвестиции во енергетиката сега - за мирна глава со годиниИзградбата на хидроцентралата Чебрен се проценува дека би чинела меѓу 600 и 800 милиони евра. Според најповолното сценарио, оваа електрана треба да произведува над 1000 гигаватчаса струја годишно, што е речиси колку сите други хидроцентрали заедно. Со досега потрошените 170 милиони евра за справување со кризата државата потроши од 20 до 30 отсто од тоа колку би чинела изградбата на оваа хидроелектрана. Или со парите што досега се потрошија за справување со кризата ќе се направеше интерконектор за гасовод со Грција и ќе се платеше учеството во гасната централа во Алексондополис.
Македонија ќе инвестира во гасен терминал и гасна централа за производство на струја во Грција, како и во интерконектор за пренос на природен гас од Грција во земјава. Овие проекти треба да завршат до крајот на наредната година. Приклучокот на гасоводот треба да чини 30 милиони евра, околу 40 милиони евра ќе чини уделот што Македонија ќе го има во терминалот за складирање и гасификација на течниот природен гас во Александрополис. Исто така, земјава планира да инвестира 25 отсто од вредноста на гасната централа во Александрополис од 800 мегавати, која треба да чини околу 400 милиони евра. Тоа значи дека Македонија ќе инвестира околу 100 милиони евра и ќе поседува една четвртина од централата.
Значи вкупно земјава треба да потроши 170 милиони евра и со тие инвестиции во енергетиката нема да биде зависна само од руски гас, туку ќе има пристап и до азербејџански гас, со оглед на тоа што во близина на Александрополис поминува Транс-јадранскиот гасовод (ТАП), кој носи гас од Азербејџан, преку Турција, Грција и Албанија до Италија, но и до течен природен гас кој до пристаништето во Александрополис може да биде донесен од која било земја.
„На време да платевме летоска електрична енергија, ќе можевме да изградиме една 100 мегаватна гасна централа за 100 милиони евра. Ние годинава ја изгоревме“, вели професор Константин Димитров од Машинскиот факултет во Скопје.
Чебрен, Галиште и Бошков Мост планирани во минатиот век
Професорката во пензија Марија Зарезанкова- Потевска вели дека во осумдесеттите години на минатиот век магистрирала на темата енергетика и дека уште тогаш се планирало изградба на Чебрен и Галиште и Бошков Мост.
„Од 1984 години кога магистрирав досега е изграден само ХЕЦ Козјак. Кога требаше да се гради Бошков мост, се сеќавате екологистите се побунија дека тоа ќе влијае на околината, меѓутоа ние немаме струја, 40 отсто од потребите како Македонија увезуваме струја, ние сме енергетски сиромашни. Мора да мислиме на нашето сопствено производство“, вели Зарезанкова-Потевска.
Таа додава дека политичарите треба да ги слушаат експертите, а не да ги решаваат проблемите во од.
„Основно е недостаток на концепција за долгорочен развој, која што ќе се претвори во планови, ама да се реализираат тие планови. Ако не се реализираат тие концепции и стратегии, тогаш се мртво слово на хартија. Државата е едно големо семејство, ако си добар домаќин дома, ќе бидеш добар домаќин и во државата, меѓутоа дефинитивно немаме добри домаќини, со чест на исклучоци“, вели таа.
Видете и ова: Очекувано-неочекувани високи сметки за струја
Проблемите со снабдувањето со струја и парно кулминираа зимава, кога цените на струјата на европските берзи драстично се зголемија, па земјава купува неколку пати поскапа струја од таа што ја плаќаат потрошувачите. На почетокот на годината државната ЕСМ го презеде управувањето и со парното во Скопје, оти поради високите цени на енергенсите компаниите не можеа да обезбедат финансирање на грејната сезона без државна помош.
Министерот за економија Крешник Бектеши неодамна изјави дека од државниот буџет не сме потрошиле ни 120 милиони евра за справување со кризата, а на Електрани на Македонија (ЕСМ) им се префрлени уште 47 милиони евра за справување со кризата со струјата и парното. Со овие пари државните електрани треба да купуваат струја, јаглен и да се покријат загубите на МЕПСО.