Стотина практични театарски игри, поделени во осум тематски целини, со чија примена се поттикнува креативноста, личните емоционални, интелектуални и социјални компетенции кај децата и младите се поместени во „Од игра до претстава“, првиот практикум наменет за деца од предучилишна и училишна возраст кај нас што како автори го потпишуваат Игор Ивковиќ и Афродита Кирјаковска. Сите овие игри се практикувани во десет годишната континуирана едукативна пракса на Здружението за културно –уметничка едукација, а по неодамнешната промоција на публикацијата сите оние кои сакаат низ креативните театарски игри да ги откриваат тајните на сценската уметност ќе имаат убава можност нивното искуство да го применат во пракса.
Од таму, не случајно на самиот почеток од својата рецензија за практикумот театрологот Јелена Лужина забележува дека „неговото значење многукратно го надминува и надвишува формалниот обем од 100-на и нешто страници“. Потем објаснува дека зад овој „обичен“ и навидум сосема „дидактички“ наслов - „Од игра до претстава“, стојат години (и децении) ангажман, всушност бесценет труд на двајца фантастични театарски професионалци кои сопствените кариери ги насочиле кон истражување и кон „практикување“ на играта.
Поточно на чудото на детската игра, навидум „различна“ од „обичниот живот“ – велат Ивковиќ и Кирјаковска, повикувајќи се, во воведниот дел од својот практикум на авторитетот на прочуениот дански естетичар Јохан Хујзинга. И, тука некаде запираат со натамошното теоритизирање. За целосно да се нурнат во експлицитните практични примери/вежби организирани во осум тематски целини. Јасни и апликатитвни без остаток, Логични и едноставни. Интригантни и забавни до неверување. Динамични и креативни за мерак, пишува Лужина.
А, Игор Ивковиќ појаснува дека во воведниот дел на практикумот, се обиделе не само теоретски, туку и практично да го објаснат феноменот на играта, како најслободна човекова активност, преку која се развиваат интелектуалните, креативните, социјалните компетенции на личноста.
Особено важни се театарските игри, за сите оние кои сакаат да се профилираат како актери, драмски писатели, режисери, па дури и за ученици чија примарна цел не е театарот. Низ нашето искуство, токму овие театарски игри се покажале корисни и за ученици кои својот професионален развој го продолжиле во други науки и дејности. Особоено се важни, што го поттикнуваат ослободувањето од страв, срам, трема, ја подобруваат концентрацијата, фокусот, креативноста, творечките капацитети кај личноста. Токму во таа насока ја направиме и систематизацијата на игрите, поделени во посебни методски целини: игри за запознавање, раздвижување, концетрација, доверба и тимска соработа, глас, говор, дикција, имитација и импровизација, насочена фантазија и креативност и креативно творештво, вели Ивковиќ.
Афродита Кирјаковска најнапред прашувајќи се зошто токму сега театарскли практикум, истакнува дека тој се појавува во вистинско време. Дека е многу потребен и дека ќе најде своја примена и кај децата, и кај едукаторите, кај сите оние што работат или сакаат да работат со деца.
Целата своја професионална кариера, повеќе од 40 години, ја создавав врз тезата дека децата се извор на чудесна енергија и непресушна имагинација. Ним им е потребна само целосна посветеност и добра насока, и тие се спремни да создадат екплозија од волшепства. Низ тие наши студија, ателјеа и театарски работилници поминале илјадници деца и посебно сум горда кога денес ги гледам и дознавам дека се тоа познати актери, режисери, дури и оние што не се определиле за таа професија, без исклучок се здрави и успешни луѓе, истакнува Кирјаковска.
Од друга страна, Миодраг Костиќ , продуцентот и првиот човек на Здружението за културно –уметничка едукација „Од игра до претстава“, истакнува дека практикумот е мал сублимат на нивното десет годишно постоење како неформален едукативен центар за театарско образование.
Станува збор за прв практикум во кој се вметнати само стотина театарски игри, од многуте повеќе кои ги користиме во редовната настава за театарска едукација во неформалното училиште за театар „Од игра до претстава“. Покрај Игор и Афродита кои го изработија најголем дел од книгата, имавме помош и од актерката Ирена Илиевска, која направи преглед на игрите и вежбите за глас, говор и дикција, што сметам дека се од особено значење. Сите овие игри се општо познати и често практикувани во многу од европските и светски образовни системи во делот на изучувањето на театарско образование уште од најрана возарст. Би било убаво ако овој практикум придонесе за воведување театарско образование во основните и средните училишта во нашата земја, тема иницирана низ годините од бројни наши колеги режисери, актери и еминентни професори од ФДУ, ќе рече Костиќ.