Спогодба или казна за рудникот САСА

Јаловина се излеа во коритото на Каменичка река по дефект на насипот на јаловиштето број 4 на рудникот САСА. 14.09.2020.

Можно е компанијата која управува со рудникот САСА да се соочи со максимална казна за истечената јаловина во Каменичка река. Одговорност бараат и еко-активистите, откако во земјава за краток период се случија неколку еколошки инциденти.

Комисија ќе одлучува дали САСА ќе се спогоди со надлежните или ќе треба да плати казна од третата највисока категорија во износ од 70.000 до 100.000 евра, велат од Државниот Инспекторат за животна средина по еколошкиот инцидент кој вчера беше предизвикан од излевањето на јаловина од рудникот во Македонска Каменица.

Инфорамциите од Инспекторатот доаѓаат откако вчера во јаловиштето на рудникот САСА се случи хаварија, по која инспектор за водостопанство излезе да изврши увид на терен за обемот и количината на истечен отпаден материјал.

„Третата категорија е понудена од страна на водостопанскиот инспектор – процедура или постапка на спогодување. Таа е прифатена од страна на управителот на правниот субјект и понатаму целата постапка и финалното одлучување ќе биде во ингеренции на втората Комисија при Министертвото за животна средина и просторно планирање, а тоа е Комисијата за спогодување“, вели за РСЕ Дарко Блинков – раководител на Секторот за поддршка, аналитика и меѓународна соработка при Државниот Инспекторат за животна средина.

Ова е нов случај на еколошки инцидент за краток период, откако пред два месеци имаше видливо загадување на реката Вардар во Скопје, а потоа и на реката Брегалница.

Видете и ова: Инспектори на терен по мостри во Вардар

За последниов инцидент во рудникот САСА, компанијата соопшти дека истекувањето во коритото на Каменичка река се случило по дефект на насипот на јаловиштето број 4 од каде било предизвикано „краткорочно истекување на јаловишни води во локалниот речен тек.“

„Набргу по дефектот истекувањето е запрено и состојбата е нормализирана“, наведе компанијата во соопштението.

По направениот теренски увид, било констатирано дека од хидројаловиштето број 4 се случило испирање на 3.000 метри кубни јаловишен песок кој се разлеал во водите на реката Каменица, според податоците кои денеска ги објави Министерството за животна средина и просторно планирање.

Рудикот кој е отворен во 1966 година и кој низ историјата работел во Македонија во неколку етапи, мометално е во сопственост на меѓународната компанија „Централ Азија Металс.“

Активистите за заштита на животната средина побараа одговорност за еколошкиот инцидент. Тие велат дека на јаловината и отпадните води не им е место во речните текови и дека одговорност „мора да има.“

Тие велат дека се револтирани, бидејќи во последните неколку месеци постојано има „нова еко-катастрофа и нова река која се уништува.“

„Владата вети дека најостро ќе казнува загадувачи и дека ова нема да се толерира – еве нека демонстрираат. Испуштањето е настанато очигледно од недоволна грижа и ненавремена санација на браните кои треба да ја држат јаловината на место“, вели Ана Чоловиќ – Лешоска – биолог од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест.“

А-интегриранта еколошката дозвола за рудникот САСА компанијата ја има добиено во 2016 година од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), документ кој потоа неколку пати претрпел измени на барање на компанијата, според податоците објавени на интернет страницата на МЖСПП.

Компанијата има дозвола од државата да вади руда на површина од 5,5 километри квадратни, од каде се вадат олово и цинк, а остатоткот од рудата е јаловина која се одлага во браните.

Рудникот во 2018 година има произведено над 803 илјади тони сува руда со над 40 илјади тони оловен концентрат и над 46 илјади тони концентралт од цинк, според податоците на МЖСПП. Плановите на компанијата се производството на сува руда да биде зголемено на 900.000 тони годишно.

Видете и ова: Рудникот Живојно живнува пред избори

Работата на рудниците од ваков тип влијае врз животната средина и природата, како на пример промените кои се прават врз природните текови на реките.

Така рудникот САСА лоциран во источниот дел на Македонија, при производствениот процес за вадење на олово и цинк ги употребува, но и пренасочува водите на реките Каменица и на Петрова Река, од кои се создаваат и езерата во кои се таложи јаловината.

Слична хаварија во САСА се има случено во 90-тите години, кога рудникот е во сопственост на државата.

Професор Трајче Стафилов од Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје, вели дека тогаш се случило излевање од браната со јаловина по реката, која стигнала скоро до градот Македонска Каменица.

Стафилов објаснува дека јаловината, односно отапдот кој се создава во огромни количини од рудникот САСА, содржи тешки метали.

Поради тоа локалитетот беше дефиниран како една од 16-те еколошки жешки точки во Македонија, вели Стафилов. Тој објаснува дека од рудникот САСА постојат стари јаловишта кои сега се покриени со земја и се заштитени со дрвја кои биле врз нив засадени.

„Ова е можеби најновото јаловиште, бидејќи ова се неколку јаловишта оти една брана не издржува големи количини и откако ќе се утврди дека е веќе ризично во неа да се одлага материјал, се прави нова брана, па потoа нова и така има три-четири такви брани. Најстарите се веќе заштитени, покриени и безбедни. За новите немам увид и не можам да кажам што се случило“, вели Стафилов.

САСА беше дефинирана како жешка точка, бидејќи доколку јаловиштето не е заштитено отпадот се разнесува од ветерот и го загадува воздухот со честички кои имаат високи содржини на тешки метали, вели Стафилов.

Депонијата на ОХИС, најопасна во Македонија

Македонија има проблем со милиони тони индустриски отпад од работењето на повеќе рудници во минатото – локации кои потоа се дефинирани како еколшки жешки точки, бидејќи од нив со тешки метали се загадени големи површини на почвите, но и на воздухот и храната. Загадувањето е потврдено со повеќегодишни научни истражувања, какво што е направено од страна на професор Трајче Стафилов.

Прашањето со рудниците и нивното влијание врз животната средина се актуелизираше во изминатите неколку години, откако валстите во земјата одобрија отворање на нови рудници на десетици локации, главно во источниот дел на Македонија. Тоа предизвика незадоволство кај локалното населеие и активистите за заштита на животната средина.