ЕК со мерки за земјите-членки за излез од сегашната изолација

Европската Комисија утре треба да објави насоки и препораки за земјите членки кои тие треба да ги земат предвид во рамите на нивните стратегии за излез од сегашните мерки на изолација на граѓаните. Откако Австрија и Данска објавија дека ставаат постепен крај на мерките на изолација, Европската Комисија оцени дека е време да се издадат препораки за сите 27 земји членки на Унијата.

„Добар прв чекор е што Австрија и Данска ги информираа другите земји за нивната намера да одат напред, и ние ќе работиме со земјите членки на спроведување на излезна стратегија на координиран, кохерентен и глобален начин“, изјави Ерик Мамер, портпарол на Европската комисија.

Препораките за тоа какви мерки треба земјите на ЕУ да преземат за излез од изолацијата ќе бидат усвоени утре од еврокомесарите и презентирани од страна на претседателката Урсула фон дер Лајен.