Евтините измами го расипуваат онлајн „шопингот“

Илустративна фотографија

Над половина милијарда евра лани потрошиле граѓаните во онлајн продавници. Но додека онлајн продажбата расте, растат и измамите, особено на социјалните мрежи. Околу 20% од поплаките во Организацијата на потрошувачи биле поради измами при онлајн купување.

Граѓаните во текот на 2022 година потрошиле околу 550 милиони евра за производи што ги купиле онлајн, покажуваат податоците на Асоцијацијата за електронска трговија на Македонија. Извршени се 16,7 милиони елктронски трансакции во вкупно 1.891 онлајн продавници. Но, дел од потрошувачите се соочиле и со измами. Добиле производ со различен квалитет од оној што го нарачале, а во некои случаи и оштетен.

Таков е случајот со Александар кој пред неколку месеци нарачал „оригинален“ парфем од продавница но Фејсбук, но добил фалсификат. „Порачав оригинален парфем од продавница на Фејсбук за 20 евра, ми дадоа имитација. Им пишав дека не е ок што е „фејк“, ама не си ги побарав парите назад бидејќи реално не требаше да очекувам повеќе за таа цена“, вели тој.

Скопјанецот Стефан пак, раскажува за неговиот татко кој што неодамна направил нарачка од социјалните мрежи добил не само оштететн, туку и опасен производ.

„Татко ми нарачува од Фејсбук и ќе му стигне некој „фејк“ производ. Вчера му експлодираше батеријата на звучник што така го нарачал. Батеријата откажа брзо и проба со поголем напон да ја наполни и експлодираше“, раскажува Стефан.

Моника е исто така една од тие што пазари онлајн, ама е многу претпазлива. Од намирници до козметика и обувки вели дека често пати нарачува од Интернет. Но вели дека купува само од продавници за кои што знае дека постојат и физички и нудат онлајн продажба, но не и од продавачи на социјалните мрежи.

„Од македонски „рандом“ продавачи не нарачувам, без разлика дали е бутик или што било друго и исто така не нарачувам од Фејсбук или Инстаграм, купувам само од продавници што знам дека постојат и нудат онлајн продажба“, вели Моника.

Видете и ова: Италија го ограничи пристапот до лични податоци за апликацијата ChatGPT

Социјалните мрежи најчеста зона на измами

Од организацијата на потрошувачи (ОПМ) велат дека дваесет проценти од вкупните поплаки кои што стигнале до нив од потрошувачи се однесуваат на измами при онлајн купување, од кои најмногу од производите ги купиле токму преку социјалните мрежи.

„Најголем дел од продавачите на социјалните мрежи не се регистрирани и токму тука се случуваат најголемите измами. Најчесто е поради тоа што продавачите на социјалните мрежи прават заведувачки рекламирања. Како на пример „Само уште денес трае попустот“, „Најевтин производ“, прават копиии на познати марки и на некој начин потрошувачите се заведени од овие продавачи и купуваат од социјалните мрежи без да увидат дека тоа е нелегален и нерегистриран продавач“, вели Мартина Грнчаревска од ОПМ.

Проблем е и што при купувањето од социјални мрежи потрошувачите не добиваат фискална сметка, ниту пак гарантен лист. Па така и доколку производот е оштетен потрошувачките не можат да поведат постапка за да си ги заштитат потрошувачките права, додава Грнчаревска.

„Без документ, без фискална сметка дури и да пријават нема да може да постапат. Кога купувачте ќе се јават кај нас немаат никаква документација освен само документ којшто го добиле од карго-службата не е доволно да се поведе постапка до УЈП или до пазарниот инспекторат“, додава Мартина.

Видете и ова: Банките „дерат“ со провизии

Како до заштита од измами при онлајн купување?

Од ОПМ препорачуваат при онлајн продажбата, потрошувачите да не даваат премногу лични податоци доколку им се сомнителни онлајн местата од кои купуваат и секогаш да ги проверуваат сметките или извештаите од банка по извршено плаќање.

При онлајн купувањето, особено доколку станува збор за купување од социјалните мрежи, како што велат, потребно е како потрошувачите однапред да утврдат и истражат дали таа продавница е регистрирана фирма.

„Треба да се провери, дали тој продавач постои физички. Доколку постои физички значи дека е регистриран во УЈП, на тој начин неговата онлајн продажба е регистрирана и тој е легален трговец, а сите други кои што продаваат на социјални мрежи, а не се регистрирани се на некој начин измама од сива економија“, вели Мартина.

Во случај на потрошувачите да им бидат злоупотребени личните податоци, банкарски картички и слично, од ОПМ препорачуваат веднаш да пријават во Министерството за внатрешни работи, во Секторот за компјутерски криминал и Агенцијата за заштита на личните податоци.

Од Министерството за внатрешни работи(МВР) велат дека до нив лани биле поднесени вкупно 27 пријави за измами при нарачување на производи од Интернет, а полицијата поднела девет кривични пријави за „измама“.