„Промена на играта“ во борбата против ковид-19, Европа се вакцинира

ЕУ во масовен процес на вакцинација против ковид-19

Земјите членки на Европската унија официјално започнаа координиран процес на вакцинација против ковид-19, а предноста меѓу населението од скоро 450 милиони луѓе ја имаат најранливите групи.

Пензионерите и здравствените работници беа меѓу првите што ја примија вакцината против ковид-19 во почетокот на масовниот процес на вакцинација во Европската унија.

Луѓето кои ја добија вакцината на првиот ден од програмата за дистрибуција на вакцините во ЕУ, изразија олеснување и благодарност.

Теориите на заговор ги поткопуваат ковид вакцините

„Да видиме дали може да го снема овој вирус“, рече 96-годишната Арацели Хидалго која стана првата личност во Шпанија што се вакцинира.

Во Италија, 29-годишната медицинска сестра Клаудија Аливернини беше едно од трите медицински лица што први се вакцинираа во една болница во Рим. „Тоа е почеток на крајот ... ова е возбудлив, историски момент“, рече таа.

Видете и ова: Вакцини ќе има, но кога?

Европската унија треба да добие 12,5 милиони дози вакцина на Фајзер и Бионтек до крајот на годината, што е доволно за да се вакцинираат 6,25 милиони луѓе врз основа на режимот со две дози.

Европската комисија соопшти дека склучила договор за повеќе од 2 милијарди дози на разни вакцини од неколку производители.

Здравствениот регулатор на Унијата се очекува до 6 јануари да ја одобри и вакцината направена од американската компанија Модерна.

Регионот со 450 милиони жители се обидува да ги достигне Соединетите Држави, Британија, Канада и уште неколку други земји кои веќе започнаа вакцинирање со вакцината на Бионтек и Фајзер.

Дали Западен Балкан ќе „извиси“ во 2021 за имунизација на население во трката со богатите земји

Вакцината е насочена кон гаснење на ковид-19, кој во ЕУ зарази повеќе од 16 милиони луѓе и уби повеќе од 336.000, откако беа регистрирани првите случаи пред 11 месеци.

Лидерите на ЕУ ги промовираат вакцините како најдобра шанса да се вратат на нешто како нормален живот во следната година.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, изјави дека почетокот на вакцинацијата е „трогателен момент на единство и успешна приказна за ЕУ“.

„Имаме ново оружје против вирусот: вакцината“, твитна францускиот претседател Емануел Макрон, кој беше позитивен на коронавирусот и го напушти карантинот на 24 декември.

Видете и ова: САД имаат и втора вакцина, "Модерна" доби одобрување

Австрискиот канцелар Себастијан Курц рече дека вакцината е почеток на победата над пандемијата, опишувајќи ја како „менувач на играта“.

Но, политичарите и експертите предупредуваат дека ќе поминат неколку месеци пред вакцината да биде широко достапна за сите што ја сакаат, а во меѓувреме е неопходно да се продолжи со носење маски за лице, дезинфекција на рацете и физичко дистанцирање.

Распределбата на вакцината претставува голем логистички предизвик затоа што мора да се чува на околу минус 70 степени Целзиусови и да се испраќа во специјално дизајнирани контејнери исполнети со сув мраз.

Во Германија, кампањата се соочи со одложувања откако следењето на температурата покажа дека околу 1.000 вакцини можеби не биле доволно ладни за време на транзитот.

Официјални лица во неколку градови во северна Баварија чекаат да слушнат од Бионтек за тоа дали вакцината сепак може да се користи.

Портпарол на фирмата рече дека „варијациите во температурата“ се случиле при транспортот на вакцината од дистрибутивните центри до центрите за вакцинација.

Вакцините против ковид-19 дополнително ја делат Босна и Херцеговина


„Ние сме во контакт со многу власти за да обезбедиме совети, но останува на нив како да постапат“, рече портпаролот на Бионтек.

Оваа фирма во почетокот на овој месец соопшти дека откако ќе се извади од замрзнувачот, вакцината може да се чува до пет дена на 2 до 8 Целзиусови степени и до два часа на 30 Целзиусови степени пред да се користи.

Во меѓувреме, првите случаи на нов вид на коронавирус кој брзо се шири, се појавуваат во Лондон и јужна Англија, откриени се во Франција и Шпанија.

Германската фармацевтска компанија Бионтек е убедена дека нејзината вакцина е исто така ефикасна против нов вид коронавирус, но соопшти дека се потребни дополнителни студии за да се испита тоа.