Причината зашто младите си одат од земјава не е зашто не сме членка на ЕУ, туку зашто условите во Македонија не се доволно добри, вели Ева Цветковска, претседателка на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, анализирајќи ги очекувањата на младите од јунскиот самит на ЕУ и поврзаноста на евроинтеграциите и иселувањето.
Таа вели дека младите си одат пред сè поради невработеноста и тоа што државата не ги признава нивните компетенции на пазарот на трудот, и смета дека властите треба да ги сфатат причините за нивното заминување за да може адекватно да се позанимаваат со решавањето на тој горлив долгогодишен проблем.
„Некогаш работите одат правопропорционално и заедно со членство во ЕУ можеби би се стекнале со подобри услови, но тоа не треба да биде пречка во моментот да не се исполнуваат стандардите кои се бараат од Европа и општо. Членството во ЕУ може да придонесе и дополнително кон иселување зашто со членување за некои факултети во странство ќе има бесплатна школарина, а од друга страна државата може да биде поттикната да се исполнуваат тие стандарди кои се наметнуваат со членството“, вели Ева Цветковска од Универзитетското студентско собрание.
Видете и ова: Засилен ангажман на ЕК, но и кусо време за решавање на проблемот со БугаријаСепак истражувањата што се досега направени покажуваат дека постои голема поврзаност помеѓу членството на една земја во ЕУ и желбата на младите луѓе да останат во таа држава.
Блажен Малески од Невладината организација „Реактор“ повикувајќи се на истражување на британската Вестминистерска фондацијата вели дека недобивањето датум за почетокот на преговорите со ЕУ ќе го зголеми незадоволството кај младите од состојбите во државата и ќе влијае врз натамошно заминување во странство.
Истражувањата направено пред две години покажа дека кај младите кои помалку веруваат дека Македонија ќе стане членка на ЕУ повеќе расте желбата да се иселат, вели тој, нагласуваjќи ја важноста за потребата властите да ги земат вистински конците во свои раце и да ја забрзаат промената на условите дома.
„Намалувањето на довербата дека Македонија некогаш ќе стане членка на ЕУ игра во полза на тоа дека младите нема да ја гледаат иднината дома туку во други земји од ЕУ. Немаме веќе луксуз од долгогодишното чекање ЕУ да не прими и да ни даде реална перспектива за тоа кога би можеле да станеме членка, а од друга страна нашите политичари ќе треба да ја завршат дома работата за трансформирање на општеството потаргетирано кон младите и нивните потреби. Во спротивно ќе се вратиме на патот на очај каде нема да знаеме кон што ќе целиме како држава, а со тоа ќе придонесеме кон поголемо незадоволство на младите“, вели Малески.
До овие коментари од младинските и студентски организации доаѓа во време кога Македонија шеснаесет години по ред е во чекалната на ЕУ. За добивање датум за преговори дел од пречките беа спорот за името со Грција, што беше решено со Преспанскиот договор, а потоа предизвик станаа и односите со Бугарија, за чие решавање пак беше потпишан Договорот за пријателство. Но, лани во декември земјата доби нова блокада од Бугарија со образложение од Софија дека Скопје не го почитува Договорот за добрососедство.
Видете и ова: Блокираните евроинтеграции ново разочарување за младитеВо меѓувреме, според истражување изработено од МОФ пред две години година, пак очекувањата на дури 70 проценти младите биле дека во следнате пет години Македонија ќе стане членка на Европската унија.
„Голем дел од нив надежите ги засновуваат во потенцијално членство во ЕУ и можности во поглед на квалитет на образование и вработување. Во меѓуврме, за жал, се случија други фактори особено со нашите соседи, понатаму дали подинечно ќе влегува Македонија или со Албанија, и ако во јуни нема разрешница и не биде позитивна и оваа препорака, ќе влијае малку врз зголемување на евроскептицизмот и чаре ќе бараат во ЕУ, особено во поглед на квалитетно образование и намалување на младинската невработеност“, вели Димитар Низамовски.
Неодамна повеќе младински организациии изработија документ насловен како „Млади во криза“ од кој се виде дека младите се особено загрозени изминатата година со пандемијата поради зголемената младинската невработеност и намалената куповна моќ.
Видете и ова: Планот А за ЕУ не функционира, план Б немаОсврнувајќи се на очекувањата на младите од самитот на Советот на Европа во јуни Никола Донев претседател на Комисијата за наука на УКИМ и апсолвент на Правниот факултет во Скопје вели дека Европската унија за младите е надеж за мирна и стабилна иднина на Балканот и добивање можност за унапредување на образованото.
Според него, добивањето датум за Европската унија би вродила надеж за иднина во земјата, а како што оценува, Македонија бележи напредок во тој поглед особено со решавање на споровите со соседните држави. Сепак, тој забележува дека процесот на целосно интегрирање во ЕУ е долг и дополнува дека затоа ќе бидат потребни големи човечки и интелектуални капацитети кои мора да произлезат од младите. Според него намалувањето на трендот на иселување на младите ќе треба да се решава со системски решенија и на долгорочен план.
Во однос на иселувањетоа ,меѓутоа, тој вели дека не добивање датум не е директна причина зашто луѓето се иселуваат, и оти повеќе се работи за внатрешната економска и социјална положба на младите која, како што дополнува, е запоставена од властите на сметка на други политички работи. Сепак, тој вели дека добивање датум би било мотив младите да останат со цел да се спроведе тој процес на евроинтеграции.
„Од искуството на соседните земји, на пример Бугарија гледам дека има пораст на излевање на млади поради отворени граници, но на долгорочен план со текот на времето се намалува тој процес на иселување и има луѓе кои потоа се враќаат“,вели Никола Донев.
Но тој потестува дека евроинтеграциите беа ветување за подобар живот на младите во земјава, и очекува и политички импликации во земјава по самитот на ЕУ во јуни до кога Македонија треба да го реши проблемот со Бугарија за да оствари напредок.
„Верувам дека ќе има големи политички бранувања зашто голем дел од нашите владини програми се базираат врз ветувања дека ќе добиме датум за ЕУ. И да добиеме датум тоа е долготраен процес, додека вистински да се интегрираме во ЕУ. Но, недобивање датум и одложување на тој прв иницијален чекор кон интеграциите ќе има негативно влијание на политички план и трендот на иселување зашто таа неизвесност кога би добиле датум би била дополнителен мотив за иселување“, вели Донев.
Во меѓувреме, земјата со години наназад ја напуштаат стручњаците, а сликовит е примерот од извештајот на Светската банка од 2019 година според кој Македонија за 30 години ја напуштиле скоро 500.000 млади, што е околу една четвртина од населението.
Истражувањето, пак, на Вестминистерската фондација покажа поразувачки податок дека помалку сакаат да си заминат од земјата млади кои се привразници на партија. И тоа ја покажува длабочината на проблемот на невработеноста и ислелувањето на младите луѓе, вели Блажен Малески од Реактор.
„Немањето можност да се остварат тука без разлика дали е тоа на план на вработување односно ниски плати и проблем да се стигне до прва работа но и генералниот наратив кој го има во државата дека има луѓе кои со врски влегуваат, еден систем кој не е базирин на тоа колку вредиш, туку колку луѓе знаеш и дали тие можат да ти помогнат да те вработат итн., тоа се главни проблеми“, вели Малески.
Од Реактор дополнуваат дека проблем е и тоа што државата нема контакт со младите кои си заминале, а кои можеби работат на високи позиции во странство, како и дека нема механизми како да ги врати младите високо квалификувани кадри назад во земјата.