Една недела од кога еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и министерот за надворешни работи на Португалија Аугусто Сантош Силва го донесе своето предлог решение на спорот меѓу Скопје и Софија со кое би требало Бугарија да ги деблокира македонските европски интеграции, атмосферата во двата главни града се чини сменета. И од македонската и од бугарската влада се слушаат пораки за можен напредок во процесот, а бугарскиот претседател Румен Радев ја спомена и можноста за деблокада на европскиот процес уште на самитот на ЕУ во јуни.
Засега македонските власти се воздржани околу содржината на донесениот предлог, освен изјавите дека го сметаат за добра основа за преговори и дека со него се зачувани македонските идентитетски одредници.
Вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров, еден од соработниците со кои премиерот Зоран Заев најави дека одблиску ќе го разгледа предлогот на Вархеји и Силва вели дека сегашниот компромис има две страни.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Сегашниот компромис, се извинувам не можам во детали оти е во деликтна фаза процесот, треба да се даде шанса во дипломатските преговори, разговори и контакти, меѓутоа, на крупно, компромисот има две страни- една страна, кога на некој начин се договараме да не се договориме за се. Бугарската страна си има свои позиции, македонската страна си има свои позиции. Вториот дел од копромисот е таму каде што очигледно имаме заеднички интерес да направиме се што можеме да имаме конкретен патоказ, со рокови, со надлежни институции, да го спроведеме Договорот за пријателство“, вели Димитров во интервју за Радио Слободна Европа кое во целост ќе го емитуваме в недела.
Видете и ова: Заев и Јанев: Дијалогот носи решенијаБугарската агенција БГНЕС минатата недела, само што стигна предлогот во Софија, повикувајќи се на свои извори тврдеше дека португалското претседателство предвидува да има еднострани декларации на Бугарија и Република Северна Македонија, односно конкретно се предлага „РСМ да признае дека македонскиот јазик е кодифициран во 1945 година“, но тоа, како што пишуваат е одамна признат факт од властите во Скопје. Понатаму, се предлага двете држави да разменат декларации за краткото и долгото име на РСМ, а како апсолутен преседан агенцијата го оценува тоа што во предлогот се зборува за црвените линии на РСМ.
Сега бугарската страна инсистира и на патоказ кој би го предложила Македонија, би ги содржел бугарските барања од Декларацијата на бугарското собрание од 2019 година и би бил под мониторинг на ЕУ.
Според Марко Трошановски од Институтот за демократија патоказот не би бил ограничувачки само ако не притиска со рокови и наметнува решенија.
„Патоказот може да биде и голема замка и да значи всушност, де факто и де јуре, прифаќање на дебатата што ја наметнува Бугарија за идентитетот и јазикот, теми кои се надвор од Договорот за добрососедство. Ако роковите и насоките во тој патоказ упатуваат и на таква дебата, тоа треба да биде црвената линија и тој да биде отфрлен“, вели Трошановски.
Вицепремиерот Димитров, пак, вели дека за идентитетските прашања на земјава не и треба признавање или непризнавање и дека ако Бугарија сака да има некакво дообјаснување за себе, како бугарска позиција, тогаш вели тоа може да биде дел од компромисот.